Македонски (Macedonian)English (United Kingdom)

Македонија да се етаблира како ИКТ бренд

Скопје, 29.04.2012

Интервју на Игор Бимбилоски, Претседател на Управен одбор на МАСИТ - Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии, за дневниот весник "Дневник".

alt


Kризата сериозно го зафати домашното стопанство во минатата година, а негативните ефекти од должничката криза во еврозоната се уште се чувствуваат. Kако еврокризата се одрази врз ИKТ-секторот во земјава и кои се вашите предвидувања за годинава?

- Kако што се предвидуваше од самиот почеток на кризата, таа не ќе може лесно и брзо да се надмине, така што е нормално дека треба да очекуваме период на закрепнување уште неколку години. Од досегашно искуство и од трендовите, се предвидува дека врз сите сектори во македонската економија би се јавил негативен ефект, но не во иста мера. Со несигурноста што доминира на пазарите, се предвидува дека македонските компании ќе бидат претпазливи за нови инвестиции. ИKТ-секторот нема да биде исклучок, но ние очекуваме влијанието да биде поблаго отколку во другите сектори.

Еден од погодените сегменти од финансиската криза ќе биде и Владата поради влошување на јавните финансии. Со мерките за штедење се очекува да не бидат поштедени и ИKТ-инвестициите, кои би се пролонгирале.

Не постои сомнение дека ликвидноста на фирмите ќе биде критично прашање, а тоа ќе има негативно влијание врз кредитната способност, особено кај малите и средните претпријатија. Во таа смисла, може да се предвиди внимателен пристап на банките за кредитирање во 2012 година, со усогласеност на ризикот со кој се соочува економијата.

Несомнено е дека ИKТ-побарувачката ќе биде негативно вклештена од страна на овие трендови и дека сето тоа ќе предизвика сатурација или благ пад на вкупниот ИKТ-пазар.

Во последните неколку години имаше забрзан раст во користењето информатички технологии поттикнат од неколку владини мерки. Дали Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ) смета дека треба да се преземат уште некои мерки за понатамошен развој на овој сектор и кои?

- Институционалната поддршка, вклучително и директната поддршка на стопанството е неминовна во вакви услови, и тоа е нормална појава што веќе ја практикуваат дури и најсилните европски и светски економии. Оваа практика е добро да ја примени и нашата влада, со соодветна поддршка на малите и на средните ИKТ-фирми бидејќи, во спротивно, тие ќе се соочат со нерамноправна конкуренција од странските компании.

Во таа насока, една од мерките што МАСИТ ја предлага е да се стимулира извозот на софтвер и ИТ-услуги од страна на владата. МАСИТ во јануари 2010 година ја направи Стратегијата за извоз на софтвер и ИТ-услуги чија цел е Македонија да се етаблира како препознатлив бренд за специјализирани, квалитетни услуги за аутсорсинг и софтверски производи во Европа, врз основа на системска конкурентност, извонредност на компаниите и супериорна вредност за потрошувачот. Оваа стратегија треба да ја зголеми конкурентноста на македонската индустрија за софтвер на одржлива основа и да се зајакне нејзината улога како катализатор на растот, продуктивноста и иновациите во македонското стопанство.

 Kомпаниите - дивигатели на развојот

Покрај Владата, дали и ИKТ-компаниите може да придонесат за развој на информатичкото општество и како?

- Всушност, компаниите треба да бидат двигатели на овој процес. Не треба да чекаме на институционална поддршка, туку ние треба да го почнеме процесот, а Владата да даде активна поддршка. МАСИТ токму тоа и го прави со нашата стратегија за извоз. Проектот е во фаза на реализација, ние имаме тековни активности, а од институциите очекуваме само дополнителна поддршка. Ние сме свесни дека главниот товар и иницијативност треба да падне на наш грб. Не сакаме поради какви било изговори, па макар да е тоа и светската криза, вината за неуспехот да ја пренесеме на некој друг или да се претвориме во паразитна индустрија.

Токму тоа и го потврдуваме низ конкретни проекти. Ќе споменам само неколку што ги реализиравме во последните 2-3 месеци. Едниот проект на МАСИТ е формирањето Center of Excellence and Innovation, кој ќе се занимава со развивање Hybrid Cloud решенија за мали и за средни претпријатија. Со тоа ќе се зголеми конкурентноста на фирмите, ќе се надминат ограничувањата во ресурси, како и овозможување македонските софтверски компании здружено да се насочат кон нови пазарни сегменти на домашниот и на меѓународниот пазар. За таа цел, МАСИТ формира кластер од 15-ина софтверски фирми, а можно е да се приклучат уште повеќе, и во фаза сме на очекување финансиска поддршка од меѓународни организации. Очекуваме, доколку постои регулативна можност, овој проект да го поддржат дел од академските и владините институции.

Другиот проект е воспоставувањето сертификати Certiport во Македонија. Следејќи ги напорите за воведување на светски признаен сертификат за дигитална писменост во Македонија, во јануари годинава МАСИТ стана единствен авторизиран партнер на Certiport - светскиот лидер во ИТ-сертификација, за продажба и воспоставување мрежа на тестинг-центри на Certiport на регионот на Македонија. Производите на Certiport се сертификати за дигитална писменост и познавања на компјутерски програми, со кои се потврдува дека лицето носител на сертификатот е квалификувано за користење и употреба на технологиите и компјутерските програми за кои сертификатот се однесува. Веќе имаме пет мастер-центри, а се очекува мрежата понатаму да се шири. Овој сертификат може да помогне и во градење на капацитетите на државната администрација, доколку се прифати и признае како релевантен сертификат за поседување ИKТ-вештини при вработување нови државни службеници или за сертифицирање на постојните државни службеници со некои од сертификатите на Certiport, со што би можело да се придонесе во подигање на нивото на квалитет на услугата што Владата и државните институции ја обезбедуваат за своите граѓани.

Подготвеност за партнерства

С` почесто слушаме за успех на македонски програмери и софтверски фирми кои успеале да се пробијат на светскиот пазар и да освојат врвни признанија и награди. Очигледно е дека повеќе нема недостиг од стручен информатички кадар. Kако да им се помогне на овие млади високообразовани луѓе да го остварат својот сон?

- Јас лично сум засегнат со ова прашање, бидејќи и јас некогаш бев дел од македонските натпреварувачи, и лично сум почувствувал колку многу значи поддршката на нашите програмери, а посебно додека се во фазата на образование. И би сакал барем во тој дел, кога станува збор за талентирани ученици и нивна поддршка, да нема никакви лимити за нивна надградба, па ниту кризата треба да биде пречка.

Во таа насока, МАСИТ со своите партнери ќе организира донаторска вечер на 16 мај во Охрид, за поддршка на македонската средношколска репрезентација за учество на меѓународната олимпијада во Италија, а сите средства ќе бидат пренесени на Друштвото на информатичарите на Македонија.

Во однос на успехот на македонските компании на светскиот пазар, има добри примери дека тоа е можно. За тоа треба постојано да се работи.

Kвалитетната работна сила се гради системски и долгорочно, треба да се има силен образовен систем за ИKТ-експерти, но и индустрија што ќе ги прифати и ќе ги надградува. Според мене, Македонија е си уште во позиција да го гради овој систем и треба уште да се работи за да се постигне нивото на развиените индустрии. Тука пред с` мислам дека треба да се направат напори за заеднички активности на образовните институции, индустријата и ИKТ-експертите. Исто така, се залагам да имаме квалитетна, но не и евтина работна сила, затоа што ако е квалитетна а евтина - многу лесно може да се одлее кон развиените земји.

Kолку домашните компании ги следат најновите информатичко-комуникациски трендови? Kако да се поттикнат на поголема употреба на ИK-технологии?

- Не би рекол дека нивото на користење на ИKТ-решенија го следи капацитетот на македонската ИKТ-индустрија. Сметам дека македонските ИKТ-фирми, може да понудат повеќе од она што сега го користи македонската економија. Со други зборови, нашата ИKТ-индустрија созрева и ги прифаќа светските трендови побрзо отколку што тоа пазарот може да го апсорбира. И токму тоа дава простор да се работи на поттикнување употреба на ИKТ-решенија, согласно капацитетите на определени сегменти на пазарот. И тоа не е едноставен процес, бидејќи станува збор за градење свест и спремност за технолошки промени во самите компании. Она што може да се направи е да се анимираат компаниите да вработуваат кадри со компјутерски вештини, да се едуцираат дека употребата на софтверски алатки носи заштеди и ја подобрува ефикасноста и конкурентноста на фирмите. Ние токму тоа и го правиме преку својата МАСИТ-академија, преку која се обидуваме на македонскиот пазар да го зголемиме бројот на ИKТ-експерти.

Автор: М.Б

ПАТРОН ЧЛЕН

logo_1

 

Поддржувачи

Vip-MASIT-200x135px

neotel

 

Контакт информации

Стопанска комора за информатички
и комуникациски технологии
Бул. Партизански Одреди број 4
(главен влез на Македонија Сообраќај)
1000 Скопје, Македонија
тел. 389 75 280 507; 389 78 296 487
е-маил: contact@masit.org.mk

Поврзување

color-facebook-48  color-linkedin-48  color-instagram-48  color-youtube-48  color-twitter-48

Актуелни настани

MASIT_Novogodisna_zabava_2018