Македонски (Macedonian)English (United Kingdom)

Интервју на Игор Бимбилоски за форумот "Кајгана"

"Обединети за подобро на сите"

Скопје, 28.02.2012

Интервју на Игор Бимбилоски, Претседател на Управен одбор на МАСИТ - Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии, за форумот "Кајгана" (www.kajgana.com)

Како претседател на МАСИТ, ве молам кажете ни накратко збор два за оваа организација. Колку време постои, кои се целите, задачите и визијата?

Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ) е волонтерска, непрофитна институција. Комората беше основана како асоцијација, во 2000 година, на иницијатива од најдобрите 15 македонски ИКТ компании како дел од Стопанската комора на Македонија. Во април 2007, на Годишното собрание на МАСИТ беше усвоена правната трансформација на МАСИТ од Асоцијација стана Комора. Денес со своите 12 години постоење МАСИТ е гласот на Македонската ИКТ индустрија. Комората претставува 80 компании од сите ИКТ сектори вклучувајки: софтверски компании и компании за ИТ услуги, хардверски компании и дистрибутери, телеком компании, како и тренинг провајдери и ИКТ консултантски компании. Членките на МАСИТ опфаќаат околу 80% од домашниот пазар.  МАСИТ својата улога ја гледа во напреднување на ИКТ индустријата и поддршката на економскиот просперитет на Македонија со мисија да биде “Ресурс и глас на ИКТ индустријата во Македонија”.

alt

 

Колку членки брои комората како и кои се условите за зачленување. Што треба да исполнува една компанија за да биде дел од МАСИТ?

Во моментов МАСИТ има 76 компании членки кои работат во полето на информатичките и комуникациските технологии. Според Статутот на МАСИТ, за член на Комората може да биде примено правно лице кое има регистрирано претежна дејност од пошироката област на ИКТ, има седиште во Република Македонија и го прифаќа Кодот на честа на МАСИТ.

За членување во МАСИТ има утврдено правилник за висина на членарината која е одредена согласно остварените приходи на компанијата.

Што нудите вие на Вашите членки? Што добиваат компаниите со членството таму?

Претпоставувам, тоа е првото прашање за секоја компанија која станува членка на МАСИТ. Но, има и уште едно суштествено прашање, кое понекогаш се подзаборава, а ние во МАСИТ барем до сега не сме го заборавиле: која е нашата одговорност како компании да придонесеме за развојот на индустријата и пошироката општествена одговорност?

Ако ги поврземе овие две работи, она што МАСИТ го нуди на компаниите и она што компаниите го имаат како општествена одговорност, дури тогаш ја добиваме вистинската слика за улогата на МАСИТ.

А вообичаено, како и во секоја комора, компаниите членки на МАСИТ имаат Можности за networking со домашни и регионални институции, активно учество во давање сугестии за предлог закони од ИКТ сферата, Асистенција во решавање на актуелни проблеми со кои се среќаваат фирмите членки, Градење капацитети и промоција на своите членови на странските пазари итн.

Од минатото, кои се најголемите проекти кои МАСИТ ги реализирала и кои придобивки Македонија и компаниите членки добиле од нив?

Од она што во моментов ми паѓа на памет, би споменал само неколку, како намалување на ДДВ на хардвер и софтвер од 18% на 5% кое беше на предлог на МАСИТ, проектот Ваучери за студенти за купување на компјутери е инициран од страна на МАСИТ, креирање на позициски документ „Ставови и препораки на МАСИТ за јавни набавки на ИКТ”, креирање на позициски документ „Развој на широкопојасен интернет и следна генерација на мрежи”,  изготвување на „Истражување за потребите на ИКТ работна сила” 2005 и 2009 година, Изготвување на „Стратегија за промоција на извоз на софтвер и ИТ услуги” и други.

А кои се актуелните проекти? Што може да очекуваме во иднина?

Тука вреди да се спомене дека МАСИТ во последниве неколку месеци е посебно мотивиран во повеќе насоки, меѓу кои би издвоил неколку.

Неодамна МАСИТ постана авторизиран партнер на Certiport - светскиот лидер во ИТ сертификација, за воспоставување на мрежа на тестинг центри за сертификатите на Certiport на регионот на Македонија. Тестинг центрите ќе ги нудат производите на Certiport - сертификати за дигитална писменост и познавања на компјутерски програми, односно cертификати за деца, младинци и возрасни, со кои се потврдува дека лицето носител на сертификатот е квалификувано за користење и употреба на технологиите и компјутерските програми за кои сертификатот се однесува. Воведувањето на сертификати од ваков вид на територијата на Македонија во голема мера ќе го надмине досегашниот недостаток на референтен и светски признаен сертификат со кој се потврдува компјутерска писменост.

Понатаму, формирање на „Кластер за имплементација на ИКТ решенија за зголемување на конкурентноста на МСП”, претставува важна стратешка мерка за надминување на  ограничувањата во ресурси како и овозможување на македонските софтверски компании здружено да се насочат кон нови пазарни сегменти на домашниот и на меѓународниот пазар. Фокусот ќе биде ставен на едукација на малите и средни претпријатија во РМ како може да станат поконкурентни на пазарот и да ги продаваат нивните производи и услуги, со користење на ИКТ технологии. Целта е да се  поврзат понудувачите на ИКТ решенија (ИКТ компаниите) со малите и средни претпријатија (МСПа) во Македонија, преку обезбедување на интегрирана понуда на ИКТ услуги за задоволување на потребите на МСПа кои произлегуваат од предизвиците на дигиталната економија, глобализацијата и отварањето на пазарите во ЕУ.

Како сте задоволни од развојот на ИТ технологијата кај нас? Дали полека се зголемува бројот на компаниите креатори на технологии, наместо на трговци со нив?

ИКТ индустријата е динамична, што значи дека и брзо се менува и се прилагодува на пазарните потреби. Исто, таа е доста зависна од глобалните трендови, така да, она што е тренд на глобално ниво се применува и тука кај нас. Очигледно е дека трговијата станува се помалку профитабилна а поконкурентна дејност, и затоа компаниите е неопходно да размислуваат за нови иновативни бизнис модели, во кои ќе има поголем дел на вредности вградени од самите нив.

Дали сметате дека македонските компании се конкурентни во  Европа, по квалитет и цена?

Има добри примери дека тоа е можно. За тоа треба постојано да се работи. Конкурентноста не е лесно да се постигне, а уште потешко е да се одржи. Ние како МАСИТ доста работиме на оваа прашање и притоа мора да споменеме дека еден од клучните моменти за зголемената конкурентност е свеста и подготвеноста за партнерства, првенствено меѓу самите домашни компании. Исто така, треба да споменеме дека параметрите на нашата економија се многу помали во однос на некои други европски економии. Овие два елементи, партнерствата и економските параметри, покажуваат дека ние постојано ја подобруваме нашата конкурентност но дека уште многу треба да се работи на истата.

Постојано слушаме дека имаме квалитетна, а евтина работна сила. Во тој случај дали има потенцијал странски ИТ компании да преселат дел од своето работење тука и да се искористи таа сила?

Квалитетната работна сила се гради системски и долгорочно, треба да се има силен образовен систем за ИКТ експерти, но и индустрија која ќе ги прифати и ќе ги надградува. Според мене, Македонија е сè уште во позиција да го гради овој екосистем, и треба уште да се работи за да се постигне нивото на развиените индустрии. Тука пред се мислам дека треба да се направат напори за заеднички активности на образовните институции, индустријата и ИКТ експертите. Исто така, се залагам да имаме квалитетна но не и евтина работна сила, затоа што ако е квалитетна, а евтина - многу лесно може да се одлее кон развиените земји.

За крај, што би им порачале на ИТ професионалците, ИТ компаниите, но и на обичните корисници кои ги користиме овие технологии?

Корисниците, а посебно малите и средни фирми, би сакал да ги охрабрам да користат повеќе ИКТ решенија, зашто тоа многу брзо ќе ја зголеми нивната ефикасност и профитабилност.

А ИКТ експертите и моите колеги, би сакал да ги поканам да се вклучат во активностите на МАСИТ преку соодветните тела, бидејќи следниот период очекуваме да ги прошириме нашите активности како за фирмите, така и за експертите.

Автор: Гоце Постоловски

ПАТРОН ЧЛЕН

logo_1

 

Поддржувачи

Vip-MASIT-200x135px

neotel

 

Контакт информации

Стопанска комора за информатички
и комуникациски технологии
Бул. Партизански Одреди број 4
(главен влез на Македонија Сообраќај)
1000 Скопје, Македонија
тел. 389 75 280 507; 389 78 296 487
е-маил: contact@masit.org.mk

Поврзување

color-facebook-48  color-linkedin-48  color-instagram-48  color-youtube-48  color-twitter-48

Актуелни настани

MASIT_Novogodisna_zabava_2018