Македонски (Macedonian)English (United Kingdom)

НАЦИОНАЛНИ СТАНДАРДИ ВО ИКТ и ЕЛЕКТРОНСКИ КОМУНИКАЦИИ – бенефити, придобивки и практични примери

 

 

 alt

НАЦИОНАЛНИ СТАНДАРДИ ВО ИКТ и ЕЛЕКТРОНСКИ КОМУНИКАЦИИ – бенефити, придобивки и практични примери, беше тема на презентацијата што се одржа во Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии - МАСИТ, на 22 април 2016 година. Презентацијата беше во организација на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ и Институтот за стандардизација на Република Македонија – ИСРМ.

Презентацијата беше организирана со цел деловните субјекти да бидат запознаени со европската и меѓународната стандардизација, хармонизацијата на националните стандарди со европските, придобивките од стандардите кои ги применуваат, начинот за учеството во стандардизацијата, воведување на инфраструктурата за квалитет во оваа област.

Извршниот директор на МАСИТ, Анита Никова Бундовски го отвори настанот, кој претставува прв од типот на национална стандардизација во досегашните презентирања на МАСИТ. Како и г-ѓа Бундовски, така и  претставникот на МАСИТ во ИСРМ и член во ИСРМ ТК 2 и ИСРМ ТК 34, дипл. ел. инж. Сашо Јовановски, ја истакна континуираната соработка меѓу МАСИТ и ИСРМ преку која, на ваков начин ќе се овозможи размена на мислења и искуства од примена на конкретни стандарди од оваа област.

Директорот на ИСРМ, дипл. маш. инж. Љупчо Давчев го истакна значењето од постоење на единственото национално тело за стандардизација во Република Македонија, ИСРМ, преку кое претставниците на деловните субјекти добиваат пристапност до националните стандарди, кои се усвоени европски или меѓународни стандарди, за нивно користење. Од страна на директорот, беше соопштено дека Годишното генерално собрание на Европскиот комитет за стандардизација  - CEN и Европскиот комитет за електротехничка стандардизација – CENELEC, каде ИСРМ е полноправна членка, ќе се одржи во Скопје од 6 до 8 Јуни 2016 година во хотелот Александар Палас. На овој настан ќе бидат присутни сите членки на CEN и CENELEC, како и сите најкомпетентни лица од областа на стандардизација на европско и меѓународно ниво, каде ќе бидат претставени најновите информации за достигнувањата во стандардизацијата. Исто така, на овој настан деловните субјекти со закупување на свој штанд, ќе можат да ја презентираат својата работа, како и да ги претстават своите услуги, производи, пред европските и меѓународните компании. Подетално за овој настан, заинтересираните може да се информираат на веб-страната на ИСРМ.

Во презентацијата на дипл. ел. инж. Лилјана Хаџиевска-Антовска, раководител на одделението за стандарди од електротехника, при секторот за стандардизација на ИСРМ, покрај начинот на работење на ИСРМ, активностите, можностите и целите на работата на техничките комитети ИСРМ ТК 2 – Електронски комуникации и ИСРМ ТК 34 – Информациски и комуникациски технологии, беше истакната и хармонизацијата на европската со националната стандардизација, инфраструктурата на квалитет во Република Македонија и едукацијата за стандардизација.

Претседателот на ИСРМ ТК 2, проф. д-р Венцеслав Кафеџиски од ФЕИТ, го истакна значењето на примената на стандардите од областа на електронските комуникации во работењето на институциите. Тој ја истакна и важноста на ИСРМ ТК 2, преку кој можат континуирано да се следат и усвојуваат стандардите од ETSI, преку кои се овозможува пак следење на најголемите сегашни и идни достигнувања во радио и телекомуникациите. Претседателот на ИСРМ ТК 34, проф. д-р Љупчо Антовски од ФИНКИ, го истакна значењето на примената на стандардите од областа на ИКТ во работењето на институциите. Тој во својата презентација ги образложи придобивките од стандардите од аспект на член во технички комитет, професор во образованието и претставник од стопанството. Претставниците од Агенцијата за електронски комуникации-АЕК, М-р. Игор Бојаџиев; Македонски Телеком, Д-р. Фросина Гечева Кочова и Неоком, Дипл. ел. инж. Јане Антов, кои се и членови во ИСРМ ТК 2/ ИСРМ ТК 34 ги презентираа искуствата од примена на конкретни стандарди од областа на електронските комуникации и ИКТ. Од таму произлегува единствениот став за неопходна примена на стандардите, без кои не е можен натамошен развој, како и бројните придобивки од нивното имплементирање, како што се: зголемување на безбедноста; намалување на веројатноста за грешки; зголемување на ефикасноста и намалување на трошоците; компатибилност на производите и услугите.

На оваа презентација се дискутираше и се разменија многу искуства околу националната стандардизација во електронските комуникации и ИКТ. Од неа произлегоа повеќе заклучоци, меѓу кои: поголемо вклучување на заинтересираните страни во изработката и усвојувањето на националните стандарди преку можноста да учествуваат директно во подготовката на европските и меѓународните кои се сеуште во предлог фаза; вклучување на заинтересираните страни во донесувањето на изворни македонски стандарди; вклучување на засегнатите институции во воспоставување на единствена терминологија во електронските комуникации и ИКТ.

 

alt

alt

alt

ПАТРОН ЧЛЕН

logo_1

 

Поддржувачи

Vip-MASIT-200x135px

neotel

 

Контакт информации

Стопанска комора за информатички
и комуникациски технологии
Бул. Партизански Одреди број 4
(главен влез на Македонија Сообраќај)
1000 Скопје, Македонија
тел. 389 75 280 507; 389 78 296 487
е-маил: contact@masit.org.mk

Поврзување

color-facebook-48  color-linkedin-48  color-instagram-48  color-youtube-48  color-twitter-48

Актуелни настани

MASIT_Novogodisna_zabava_2018