Проект за пре-квалификација на кадри – прв циклус

15. 01. 2017г.

Ве информираме дека во периодот помеѓу месец април и септември 2017, МАСИТ со поддршка на УСАИД/РЕГ проектот започна да работи на проект за преквалификација на кадри. Станува збор за проект преку кој се реализира преквалификација на кадри, во кој се опфатени вработени и невработени лица, каде што заинтересираните кандидати имаат можност да се преквалификуваат со цел да стекнат одредени други вештини, знаења и практично искуство (надвор од оние со кои веќе се здобиле) за ИТ профили кои се потребни на ИКТ компаниите, кои во иднина потенцијално и би се вработиле во ИКТ компаниите.

Крајната цел на проектот, а по посета на програмата е лицата да се вработат во ИКТ компании на јуниор програмерски позиции или други позиции поврзани со ИКТ сферата. Програмата за реквалификација ќе трае околу 5 месеци, а започна во месец април 2017.

Низ процесот на преквалификација слушателите ќе се стекнат со теоретско и практично знаење реализирајќи многу hands-on активности, ќе работат на конкретен проект или студија на случај кој ќе се надоградува од предмет во предмет, но ќе ги збогатат и своите компетенции со организациска култура и меки вештини, што ќе ги профилира да бидат веднаш спремни за вработување и продуктивно ангажирање во рамки на ИТ компаниите.

Врз основа на резултатите од пополнетиот анкетен прашалник од страна на триесетина ИТ компании инаку потенцијални работодавачи, одбрани се две програми за преквалификација кои ќе продуцираат, во моментов, две најатрактивни и најдефицитарни ИТ профили:

  • .NET Developer и
  • Front End Web Developer.

Програмата за преквалификација ќе се реализира во три фази, во период од април до септември 2017та година.

ПАРТНЕРИ И КОРИСНИЦИ:

  • МАСИТ – МАСИТ ќе биде одговорен за координација на целиот проект и ќе биде задолжен сите активности да се изведуваат како што е планирано. МАСИТ ќе изнајде тренинг провајдер, HR регрутер и ќе ги координира ИКТ компаниите за целта на извршување на проектот. МАСИТ, исто така, ќе ги извршува сите потребни активности во делот на односи со јавноста, маркетинг и промоција на проектот, со цел да бидат опфатени и информирани што е можно поголем број на потенцијални кандидати.
  • Сивус едукативен и развоен центар – Ќе биде во целост одговорен за темите и курикулумите за програмата на тренингот како и поседување на релевантни тренери за идентификуваните профили. Тренинг провајдерот ја подготвува програмата, содржината, јасна спецификација на предмети (курсеви) кои ќе влезат во секој од двата профили; број (фонд) на часови; листа и CV-ја на тренери и има целосна инфраструктура/просторија за одржување на тренингот.
  • Компании – членките компании на МАСИТ ќе бидат вклучени во овој проект во дефинирањето на содржината на програмата и во обезбедувањето менторство и пракса во период од 1 – 3 месеци за избрани учесници. Компаниите ќе имаат можност на кандидатите кои поминале низ обуките да им понудат нивно вработување, веднаш по завршувањето на обуката,според потребата на компанијата.
  • Учесници во програмата – учесниците во програмата потребно е да имаат минимум диплома од средно училиште, да не се постари од 35 години, вработени или невработени лица, да имаат интерес и предиспозиции да продолжат со кариера во областа на ИКТ. Потенцијални кандидати може да бидат и дипломирани студенти на било кој факултет освен на електротехничките факултети. За кандидатите кои не се со ИТ бекграунд, фокусот ќе биде ставен на лица кои имаат склоност кон математика и програмирање и имаат логичен начин на размислување. Предност при селекцијата ќе имаат невработените кандидати. Сите заинтересирани учесници своето CV можат да го пратат на  contact@masit.org.mk најдоцна до 21.04.2017.

ФАЗИ

Фази во процесот на регрутација, следење, профилирање и оценување на прогресот на кандидатите до фазата на ниво поврзување со компании.

Фаза 0: Прибирање на влезни податоци (CV-а) од заинтересираните кандидати и проценка на задоволувањето на основните критериуми за квалификација во обуката;

Фаза 1: Тестирање за сите кандидати преку генерален тест на знаење кој опфаќа повеќе компоненти (ангиски јазик, логика, основни компјутерки познавања);

Фаза 2: Усно интервју на потесно селектираните кандидати;

Фаза 3: Тест за профилирање на потесно селектираните кандидати;

Фаза 4: Дефинирање на целната група (Финална селекција врз основа на првите два критериуми)

По успешно завршување на обуката (односно поединечни нејзини делови-предмети) следуваат уште две фази за заокружување на циклусот на реквалификација;

Фаза 5: Проверка на постигнатите знаења преку самостојна изработка на проект или студија на случај и друг вид тестирања за следење на прогресот на кандидатите;

Фаза 6: Насоки и асистенција при идентифукување на потенцијален работодавач.

  • Локација на проектот:- Обуката се одржува во Скопје, во просториите на Сивус едукативен и развоен центар.

Новости

МАСИТ и RAGUSA Group: „CONNECT & TASTE“

МАСИТ и RAGUSA Group: „CONNECT & TASTE“

Успешно реализиран „CONNECT & TASTE“: Нови стандарди за деловно вмрежување на ИКТ секторот Во прекрасниот амбиент на ресторанот PARK by RAGUSA, Стопанската комора за ИКТ – МАСИТ, заедно со својот патрон партнер RAGUSA GROUP, го реализираа првиот деловен бранч под името „CONNECT & TASTE“. Настанот послужи како платформа за директно поврзување на лидерите од ИКТ индустријата со цел градење нови партнерства и истражување на можности за соработка во опуштена, но професионална атмосфера. Синергија помеѓу технологијата и врвното угостителство Главниот фокус на „CONNECT & TASTE“ беше потврдување на стратешкото партнерство помеѓу МАСИТ и Ragusa Group. Преку овој настан, членките на комората имаа единствена можност одблиску да се запознаат со капацитетите и професионалноста на Ragusa Group – лидер во областа на организација на корпоративни настани и гостопримство. „Овој настан потврди дека најдобрите идеи и стратешки партнерства се создаваат кога професионалноста се среќава со вистинските соработници. Со Ragusa Group како наш патрон партнер, членките на МАСИТ добиваат моќен сојузник кој гарантира беспрекорна организација и поддршка за сите идни корпоративни активности,“ велат од комората. „Ни претставува особена чест што го одбележуваме почетокот на ова стратешко партнерство со МАСИТ. Веруваме дека оваа соработка ќе донесе нови можности и вистинска додадена вредност за компаниите членки. Како патрон партнер, за заедницата на МАСИТ подготвивме специјална програма со ексклузивни бенефити која ќе биде достапна во сите наши локации – PARK by Ragusa, RAGUSA 360, Ragusa 919 и Kinder PARK. Нашата цел е да понудиме врвно искуство и поддршка како за компаниите, така и за сите нивни вработени, поставувајќи нови стандарди во корпоративното дружење.“ – изјави Ирена Голомеиќ, Директор на продажба, RAGUSA Group Сеопфатно партнерство со целото портфолио на Ragusa Group Она што ја прави оваа соработка посебна е нејзиниот широк опсег. Стратешкото партнерство и придобивките од специјално креираната програма важат за сите капацитети во рамките на Ragusa Group, овозможувајќи им на членките избор на соодветен амбиент за секоја пригода: PARK by RAGUSA GROUP – за престижни настани во срцето на Градскиот парк; RAGUSA 360 – за ексклузивни корпоративни прослави со панорамски поглед; RAGUSA 919 – за автентични деловни ручеци и настани; KINDER PARK – идеално место за семејни и тимски дружења со најмладите. Ексклузивни привилегии за компаниите и вработените Заедницата на МАСИТ добива пристап до ексклузивни бенефити и повластени услови кои се внимателно дизајнирани да одговорат на потребите на современиот ИКТ сектор. Оваа програма ги опфаќа сите компании кои се членки на МАСИТ и вработените во компаните. Поглед кон иднината: Креирање додадена вредност Настанот „CONNECT & TASTE“ е само почеток на низата активности кои имаат за цел да ја зајакнат ИКТ заедницата преку квалитетно вмрежување. Комбинацијата на врвна гастрономија и деловна дискусија се покажа како вистински модел за поттикнување на дијалог и иновации во секторот. МАСИТ продолжува посветено да гради мостови и да создава вредност за своите членки, поставувајќи нови, повисоки стандарди за корпоративна култура и професионално дружење во Македонија.

19. 03. 2026г.

МАСИТ со клучна поддршка за формализација на економијата преку дигитални решенија

МАСИТ со клучна поддршка за формализација на економијата преку дигитални решенија

Заедничка посветеност за формализирање на неформалната економија во РСМ Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, се приклучи кон националната иницијатива за намалување на неформалната економија. Претседателот на МАСИТ, Јордан Димитровски, ја потпиша Декларацијата за партнерство и акција: „Заедничка посветеност за формализирање на неформалната економија во РСМ“. Потпишувањето беше дел од годишната конференција на Министерството за финансии, која оваа година се одржа под насловот: „Формализирање на неформалната економија: Преку соработка до успех“. Дигитализацијата како одговор на неформалната економија Учеството на МАСИТ на оваа конференција ја нагласува неопходноста од ИКТ секторот како примарен партнер во процесите на реформирање на економскиот систем. Како претставници на најдинамичната индустрија, МАСИТ цврсто стои на ставот дека технологијата е најефикасната алатка за воспоставување на ред, транспарентност и фер конкуренција на пазарот. Официјализирањето на оваа соработка преку Декларацијата е потврда за заложбите на ИКТ заедницата за системски промени кои ќе ги трансформираат неформалните деловни практики во формални, придонесувајќи за целокупниот економски раст. Клучни насоки на дејствување Согласно потпишаната Декларација, МАСИТ ќе се фокусира на примена на следните принципи преку капацитетите на ИКТ индустријата: Промовирање на дигитализацијата: Воведување на дигитални алатки и платформи кои ќе ја стимулираат формализацијата, ќе овозможат поедноставна регистрација на бизнисите и значително ќе ја намалат административната сложеност. Спречување на неформализацијата и заштита на работничките права: Преку соодветни софтверски решенија и системи, МАСИТ ќе поддржува механизми за спречување на непријавената работа и погрешната класификација на работните односи, обезбедувајќи достоинствени услови за работа. Технолошка поддршка за институциите: Јакнење на меѓуинституционалната соработка и инспекциските служби преку модернизација на нивните ресурси, со цел поефикасно спроведување на регулативата и превенција на неформалните активности. Транспарентност и аналитика: Поддршка во воспоставувањето системи за евалуација кои преку податоци и индикатори ќе дадат јасна слика за напредокот во процесот на формализација. Едукација и одговорно претприемништво: Промовирање на етички деловни практики во ИКТ секторот и подигнување на свеста за придобивките од формалното работење за целиот економски систем. Заедничка заложба за успех Годишната конференција на Министерството за финансии послужи како платформа за обединување на сите релевантни чинители. Беше истакнато дека само преку заедничка акција, меѓусекторска соработка и стратешка примена на ИКТ решенија може да се постигнат видливи резултати. МАСИТ останува активен партнер во сите натамошни чекори за имплементација на потпишаната Декларација, придонесувајќи со стручност и иновативни решенија за подобра економска иднина.

19. 02. 2026г.

МАСИТ и Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ја интензивираат соработката за поддршка на извозот на ИКТ-компаниите

МАСИТ и Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ја интензивираат соработката за поддршка на извозот на ИКТ-компаниите

Годината започна со значајна официјална средба меѓу раководството на МАСИТ и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, придружуван од Крум Ефремов, директор за економска и јавна дипломатија. На средбата учествуваше раководството на МАСИТ, предводено од претседателот Јордан Димитровски, заедно со заменик-претседателот на Управниот одбор Филип Петровски, членот на Управниот одбор Дамјан Манчевски и директорката на Извршната канцеларија, Елена Китаноска. Во фокусот на разговорите беа можностите за унапредување на извозниот потенцијал на македонските ИКТ-компании, нивната поголема меѓународна видливост и системска поддршка за настап на странските пазари. Посебно внимание беше посветено на улогата на економската дипломатија и дипломатско-конзуларната мрежа во промоција на македонските ИКТ-решенија и воспоставување контакти со странски партнери. Претставниците на МАСИТ ги истакнаа приоритетите и предизвиците со кои се соочуваат компаниите членки, нагласувајќи ја потребата од координирана институционална соработка, континуирана промоција на домашната ИКТ-индустрија и организиран настап на меѓународни саеми, бизнис-форуми и трговски мисии. Преку интензивирана соработка со Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, МАСИТ продолжува активно да работи на создавање конкретни можности за раст, зголемување на извозот и меѓународно позиционирање на македонските ИКТ-компании. Заедничката заложба е ИКТ-секторот да се зацврсти како еден од клучните двигатели на економскиот развој и да се поттикне поголема конкурентност на македонските компании на глобалниот пазар. МАСИТ и во наредниот период ќе продолжи да иницира и поддржува вакви стратешки средби и партнерства, со цел создавање поволна деловна клима и долгорочен развој на ИКТ-индустријата во земјата.

21. 01. 2026г.

Scroll to Top