Стратегија за промоција на извоз на софтвер и ИТ услуги
Креирањето на Стратегијата беше иницирано од страна на Комората за информатички и комуникациски технологии МАСИТ во соработка со Проектот за унапредување на инвестициите и извозот (ИЕП), што се спроведува од страна на Германско друштво за интернационална соработка (ГИЗ) по налог на Германското сојузно министерство за економска соработка и развој (BMZ). Стратегијата претставува прв национален документ со сеопфатен пристап во подобрувањето на меѓународната конкурентност на домашната ИТ индустрија и е резултат на повеќемесечната посветена работа на членовите на Работната Група за изработка на Стратегијата, сочинета од претставници од повеќе релевантни министерства и државни агенции, МАСИТ, институции во високото образование како и донаторски организации активни во полето на унапредување на македонската ИКТ индустрија.
Целта на оваа стратегија е да се помогне во унапредување на извозот, во тесна соработка со сите релевантни чинители, што ќе и помогне на македонската индустрија за софтвер да ја постигне следнава главна цел:
Македонија да се етаблира како препознатлив бренд за специјализирани, квалитетни услуги за аутсорсинг и софтверски производи во Европа, врз основа на системска конкурентност, извонредност на компаниите и супериорна вредност за потрошувачот.
Во тесна врска со оваа главна цел, со стратегијата за унапредување на извозот се стреми кон следниве стратешки цели:
- Надминување на пречките поврзани со извозот и успешно позиционирање на македонските софтверски компании (особено МСП) на меѓунaродните пазари;
- Отворање нови пазари и нови сегменти на потрошувачи;
- Поттикнување на економски раст воден од извозот и зголемување на вработеноста;
- Да се поттикне меѓународниот маркетинг и брендирање на Македонија и нејзината индустрија за софтвер;
- Спречување и менување на насоката на одливот на мозоци;
- Поттикнување на трансферот нa технологија и пристапот до нови технологии и знаење;
- Намалување на ризикот преку диверзификација на пазарите;
- Забрзување на интеграцијата на пазарот на ЕУ;
Резимирано може да се каже дека намената на стратегијата за унапредување на извозот не е само да се олесни интернационализацијата на македонските компании за софтвер и ИТ услуги, туку и да се зголеми конкурентноста на македонската индустрија за софтвер на одржлива основа и да се зајакне нејзината улога како катализатор на растот, продуктивноста, и иновациите во македонското стопанство.
Индустријата за сoфтвер е еден исклучително динамичен сектор. Затоа, целта на оваа стратегија не е да се дефинира статичен систем од стратешки мерки за унапредување на развојот што ќе бидат непроменливи. Тој повеќе треба да се гледа како почетна точка и стратешка насока, којашто флексибилно ќе реагира на идниот развој на ресурсите и можностите, како и на промени на глобалните пазари и во технологијата. Следствено, овој документ дефинира систем проактивни стратешки политики и мерки насочени кон иднината, коишто ќе мора постојано да се ревидираат, прилагодуваат и подобруваат за да се обезбеди нивната ефективност.
Оваа стратегија е развиена со помош на ГТЗ во 2010 година.
Стратегија за унапредување на извоз на софтвер и ИТ услуги 2010 (МК)
Новости

Поголем глобален пробив на македонскиот ИКТ сектор
МАСИТ на средба со МНР Стопанската Комора за информатички и комуникациски технологии МАСИТ започнува ново поглавје и партнерство со Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија. Ова партнерство има за цел да овозможи поинтензивна и конструктивна поддршка на македонскиот ИКТ сектор. Соработката е насочена кон унапредување на меѓународната видливост на домашниот ИКТ сектор, создавање услови за отворање нови извозни пазари и подобро позиционирање на македонските компании во глобалната економија. Преку заеднички активности, учество на значајни меѓународни саеми, конференции и бизнис форуми, како и преку воспоставување нови канали за поврзување со македонската дијаспора и странските инвеститори, се очекува да се создадат реални можности за раст и развој на компаниите членки на МАСИТ. Во рамките на оваа соработка, планирани се организирање на бизнис делегации и директни средби со потенцијални партнери во странство, подготвка на современи промотивни материјали, како и активности за отворање претставништва на македонски ИКТ компании на стратешки пазари. Дополнително, ќе се развиваат иницијативи за трансфер на знаење и технологии кои ќе придонесат кон подигнување на капацитетите на домашните компании. Претседателот на МАСИТ, г. Јордан Димитровски, напомена дека Комората стратешки се насочува кон долгорочна поддршка и меѓународен пробив на компаниите од оваа индустрија, со јасна цел да создаде услови за одржлив раст и излез на нови пазари преку партнерства и стратешки иницијативи. Министерот за надворешни работи, г. Тимчо Муцунски, потенцираше дека Министерството целосно стои на располагање за реализација на сите идни активности и иницијативи кои ќе овозможат унапредување на конкурентноста на македонските ИКТ компании и нивно поефикасно позиционирање на глобалниот пазар. Преку ова партнерство, МАСИТ ја зајакнува својата улога како активен партнер и поддржувач на компаниите членки во процесот на нивна интернационализација и активен придонес кон посилно позиционирање на Република Северна Македонија на светската ИКТ мапа.
07. 07. 2025г.

„ИКТ, Регулатива и Човечки Капитал“
МАСИТ организира специјализирана работна средба посветена на актуелните предизвици поврзани со примената на Законот за работни односи (ЗРО) во ИКТ индустријата. Настанот ќе се одржи во просториите на нашиот патрон партнер Халкбанк – Дирекција 2, каде што ќе се отвори продуктивна дискусија со релевантни претставници од институции, универзитетски професори и бизнис заедницата.
19. 05. 2025г.

Средба со Министерот за дигитална трансформација
Поставени заеднички приоритети Управниот одбор на МАСИТ реализираше продуктивна средба со Министерот за дигитална трансформација, г. Стефан Андоновски. Средбата беше одлична можност за продлабочување на соработката помеѓу министерството и комората,
22. 06. 2025г.

МАСИТ го реализираше 19-тото Редовно Годишно Изборно Собрание
Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии МАСИТ – Скопје, на 08.05.2025 година, во х. Александар Палас, го одржа своето 19-то редовно годишно изборно Собрание, на кое беше избрано новото раководство на Комората со мандат 2025 – 2028 година.
05. 05. 2025г.

МАСИТ одржа стручна работилница на тема „ИКТ, Регулатива и Човечки Капитал“
Во организација на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, на 28 мај се одржа специјализирана работна средба на тема „ИКТ, Регулатива и Човечки Капитал“, со фокус на клучните предизвици со кои се соочува ИКТ секторот во однос на регулативата, човечкиот капитал и технолошките промени.
30. 05. 2025г.

19-то Годишно Изборно Собрание на МАСИТ
Ве информираме дека на 08.05.2025 година (четврток), со почеток во 10:30 часот во хотел Александар Палас ќе биде одржано, претходно одложеното, деветнаесетто редовно Годишно Собрание на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии МАСИТ Скопје, кое оваа година воедно е изборно. Собранието на Комората е највисок орган и него го сочинуваат сите членови. Членовите на Комората МАСИТ за заедничките работи одлучуваат на Собрание на Комората МАСИТ кое седница одржува еднаш годишно. Согласно Статутот на Комората МАСИТ, еднаш на три години се реализира изборно Собрание на кое се бираат нови претставници во телата на Комората, и тоа Управен одбор, Надзорен одбор, Судот на честа и нов Претседател на Собранието на МАСИТ. Пропратните документи се соодветно проследени до членовите на МАСИТ, согласно роковите утврдени во Статутот на МАСИТ. *Напомена: Очекуваме потврда за присуство на еден претставник од секоја компанија членка. Потребна е задолжителна потврда за учество на следната мејл адреса: contact@masit.org.mk. Доколку на седницата не дојде Управителот/Директорот на компанијата, претставникот на Друштвото треба да донесе полномошно за гласање и учество на Собраниетo.
12. 03. 2025г.