Новости

Meet up на тема: Правилник за сметководство и целосно воведување на IFRS – што значи тоа за компаниите во Македонија?

МАСИТ во соработка со PricewaterhouseCoopers (PwC), ексклузивно организира Meet up на тема: „Правилник за начинот на водење сметководство во коj се објавени Меѓународните стандарди за финансиско известување и меѓународните стандарди за финансиско известување за мали и средни субјекти“.Овој правилник е донесен на 3ти април 2024 година од страна на Министерството за финансии. Применaта на објавените МСФИ е предвиденo да почне од 1 јануари 2025 година, додека МСФИ 17 „Договори за осигурување” ќе отпочне да се применува од 1 јануари 2028 година. Подготовката за нивна имплементација мора да започне веднаш од страна на сите компании, а посебен фокус за ИКТ компаниите се очекува во врска со МСФИ 9 „Финансиски инструменти”, МСФИ 15 „Приходи од договори со купувачи”, МСФИ 16 „Лизинг”. Воведувањето на овој правилник е нешто што долго време се чекаше и при неговата имплементација треба да се направи детална анализа за македонските бизниси да бидат сигурни во правилната примена на правилникот.  Повеќе за концепциската рамка за финансиско известување, со општи насоки на што треба да внимаваат компаниите кои работат во ИКТ секторот ќе ни откријат: 🔹 Александра Кузмановска, сениор менаџер за ревизија и својата прoфесионална кариера во PwC ја започнува уште во 2005 година. Искуството на Александра вклучува ревизии на клиенти од различни индустрии, бројни обуки и тренинзи како и најзначајната трансформација на ревизијата со воспоставувањето на Центарот за компетенции (Competency Center) во PwC канцелариjата во Скопjе. 🔹 Евгенија Каркинска Лазаровска, сениор менаџер во одделот за ревизија. Во нејзината 17 годишна професионална кариера има стекнато значително искуство и знаење за меѓународните сметководствени стнадарди и нивната примена. Покрај водење на ревизии на клиенти од различни индустрии, таа е активен член на PwC академијата како и дел од тимот посветен на советодавни услуги од областа на МСФИ. 📅  Настанот ќе се одржи на 16ти мај (четврток) 2024 година. 📍 Локациjaта: ул. Орце Николов 146 б (мапа). Програма ✍ Се покануваат компаниите кои имаат интерес да бидат дел од настанот, да го пријават своето учество со пополнување на следната форма, најдоцна до 14ти мај (вторник) 2024. Цена за учество:– 1500 ден + ДДВ – по учесник од компанија за членки на МАСИТ– 3000 ден + ДДВ – по учесник за компании кои не се членки на МАСИТ

Новости

МАСИТ активно работи на подигнување на свеста за потребата од заштита на правата од индустриска сопственост во ИКТ секторот

26 април – Светски ден на заштита на правата од индустриска сопственост Светскиот ден на првата од индустриска сопственост на глобално ниво се одбележува секоја година на 26 април. Македонските ИКТ компаниите јасно ја гледаат користа и големото значење токму во овој сектор, каде иновацијата и креативноста се клуч за успехот. Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии МАСИТ, со поддршка од Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ, веќе активно ги спроведува проектните активности во рамки на проектот за „Подигнување на свеста за потребата од заштита на правата од индустриска сопственост и воспоставување на иницијална правна помош во комората“. Во рамки на проектот, компаниите имаа прилика да се запознаат со суштинското значење и придобивките од спроведување на заштита на индустриската сопственост, при што краен исход е новата услуга во Комората кон компаниите членки на МАСИТ за постојана правна помош за заштита на интелектуалната и индустриската сопственост. Со цел соодветна едукација на своите членови, на ова претходеа неколку едукативни работилници со македонски и регионални експерти во областа, како Јован Најденовски, Предраг Видаковиќ и други. Оваа иницијатива им овозможи на компаниите да се запознаат со значењето и придобивките од заштита на правата од индустриска сопственост, при што беа презентирани успешни искуства и добри практики. Во рамки на проектот, пет компании веќе поминаа низ процесот со поддршка на МАСИТ и Швајцарската Програма ИМЕ. Поради брзото напредување на технологијата и глобализацијата, заштитата на правата од индустриска сопственост станува сè повеќе предизвикувачка. Затоа, компаниите во ИКТ секторот треба да имаат стратегии и механизми за заштита на своите интелектуални права, вклучувајќи ги патентите, заштитните знаци, авторските права и други форми на заштита. Важно е да се истакне денешниот ден, 26 април кој е посветен токму на подигнување на свеста за значењето на интелектуалната сопственост и заштитата на правата на иноваторите и креаторите. Индустриската сопственост вклучува различни аспекти како патенти, заштитни знаци, авторски права и заштита на индустриски дизајни. Овие права им овозможуваат на иноваторите и креаторите да заштитат своите идеи, иновации и креативни дела од нелегална употреба и присвојување. Во таа насока интересно да се напомене е дека на една од едукативните работилници присуствуваа и претставници на Formula Student Macedonia – македонските студенти кои конструираат F1 болид за меѓународниот натпревар на конструктори, со цел соодветно да се информираат. Заштитата на интелектуалните права им нуди на компаниите многу предности, вклучувајќи конкурентска предност, вредност на брендот, можност за заработка, поттикнување на иновации и сигурност на инвестициите. На овој начин не само што директно се заштитуваат компаниите, туку и се поддржува иновацијата и креативноста во ИКТ секторот, што допринесува кон позитивни ефекти врз целиот еко-систем. МАСИТ и понатаму ќе продолжи во рамки на своите активности да ги поддржува компаниите во процесот на заштитување на нивните права, а со тоа и понатаму во својата мисија за да ги  промовира и застапува бизнис интересите на ИКТ компаниите сѐ со цел унапредување и развој на ИКТ индустријата и бизнис опкружувањето.

Новости

Се одржа 18-тото Годишно Собрание на МАСИТ

На 29.03.2024 се одржа осумнаесеттото Годишно Собрание на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии МАСИТ. Собранието е највисок орган на комората и го сочинуваат сите компании членки на МАСИТ. За време на седницата на собранието на МАСИТ, присутните беа информирани детално во врска со активностите кои комората ги реализираше во изминатата 2023 година. Исто така, Собранието ги усвои и идните планови и активности на комората за претстојната 2024 година. Им благодариме на сите компании членки за активното учество и придонес во работата на комората и продолжуваме заеднички да работиме во насока на поддршка на растот и развојот на ИКТ секторот. Целиот албум со фотографии од 18-тото Годишно Собрание може да го погледнете на нашата Facebook страница.

Новости

#AI42024 – 15.03.2024

Вештачката интелигенција повеќе не е идеја од научнофантастичната литература. Таа веќе е дел од секојдневниот живот. Како пионери во афирмирањето на важноста за обликувањето на иднината, заедно со Адвокатската Канцеларија Најденовски, на 15ти март 2024 година го реализиравме Премиерниот настан: #AI42024, како follow up на претходно реализирани работилници на оваа тема. Сакаме да изразиме огромна благодарност до сите гости, почесни спикери и панелисти, до сите спонзори и поддржувачи на настанот и до учесниците кои успеаја да си ги обезбедат своите места на време. Ветуваме дека нема да застанеме тука, интересот е голем и ќе продолжиме да работиме на оваа тема, уште помотивирани заедно со вас, се’ со една цел – да останеме во чекор со промените кои настануваат. To AI or not to AI? – That is not a question anymore. Погледнете го албумот со фотографии од настанот на нашата Facebook страница.

Новости

Меморандум за соработка

МАСИТ и Фондација Ѓорѓи Марјановиќ МАСИТ и Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ со заедничка благородна мисија потпишаа меморандум за соработка. Меморандумот предвидува двете страни заеднички да ги насочат своите заложби кон трансформирањето на Македонија во просперитетно и пристојно место за живеење, со посебен фокус на децата без родители. Првата активност со која ќе започне соработката ќе биде промоција на Фондот за школување пред членовите на комората кој на децата без родители ќе им обезбедува компјутери, курсеви за англиски јазик, обуки за компјутерски вештини, подготовка за вработување и реализирање 1-на-1 менторска програма за деца без родители. Менторите на децата без родители ќе им обезбедат емоционална поддршка, образовна помош, ќе ја поттикнуваат социјалната инклузија, ќе им помогнат во негување животни вештини, и всадување самодоверба. Mенторската програма ќе ја изведуваат успешни македонски претприемачи и искусни професионалци од hi-tech индустријата кои ќе го споделат своето животно и професионално искуство со децата и ќе се обидат не само да ги инспирираат туку и да ги поттикнат на дејство, давајќи им при тоа клучни насоки за ориентација и ќе им пружат поддршка во нивната кариера. На средбата по повод потпишувањето на меморандумот за соработка, претседателот на Управниот одбор на МАСИТ, Илија Господинов изјави: „Веруваме во важноста на образованието, филантропијата и општествената одговорност и сме сигурни дека со заедничките напори можеме да направиме разлика во животите на многу деца.“ „Македонија може да стане пристојно место за живеење, особено за децата без родители со обедување на луѓе и организации кои поддржуваат вакви цели и вредности. Токму таков партнер пронајдовме во МАСИТ.“ –изјави извршниот директор на фондацијата, Александар Марјановиќ по потпишувањето на меморандумот. Следуваат бројни активности во рамки на оваа соработка.

Новости

18-то Годишно Собрание на МАСИТ

Ве информираме дека на 29.03.2022 (петок), со почеток во 12:00 часот во М6 Едукативен Центар ќе биде одржано осумнаесеттото Годишно Собрание на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии МАСИТ Скопје. Собранието на Комората е највисок орган и него го сочинуваат сите членови. Членовите на Комората МАСИТ за заедничките работи одлучуваат на Собрание на Комората МАСИТ кое седница одржува еднаш годишно.  Пропратните документи ќе бидат соодветно проследени до членовите на МАСИТ 10 дена пред одржувањето на Собранието. *Напомена: Очекуваме потврда за присуство на еден претставник од секоја компанија членка. Потребна е задолжителна потврда за учество на следната мејл адреса: petar.lazovski@masit.org.mk. Доколку на седницата не дојде Управителот/Директорот на компанијата, претставникот на Друштвото треба да донесе полномошно за гласање и учество на Собраниетo. По официјалниот дел на Собранието ќе следи неформален дел – коктел дружење и вмрежување на компаниите членки на МАСИТ и останатите гости.

Новости

Последна едукативна работилница

„Подигнување на свеста за потреба од заштита на правата од индустриска сопственост“ – 28.02.2024 Со задоволство би сакале да ве информираме дека МАСИТ во рамки на проектот „Подигнување на свеста за потреба од заштита на правата од индустриска сопственост и воспоставување на иницијална правна помош во комората“, поддржан од страна на Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ ќе ја одржи третата и последна едукативна работилница на која детално и систематски од страна на домашен и интернационален експерт во областа ќе бидат елаборирани сите предизвици, начини и делеми поврзани со прашањата – кој, кога, зошто, што, каде + како и колку за правилно спроведување на заштита на индустриската сопственост. Преку оваа работилница ќе овозможиме одблизу ИКТ компаниите да се запознаат со суштинското значење и придобивките од спроведување на заштита на индустриската сопственост, со намера позитивно да влијаеме во донесувањето разумни одлуки преку континуирано работење на подигање на свеста и помош во деловно работење на самите компании. Модератор на настанот и свое излагање и презентација ќе има адвокат г-дин Јован Најденовски кој има професионален фокус и вештини во корпоративно право, закони поврзани со ИКТ индустријата и експерт во областа на заштита на правата од индустриска сопственост, а исто така овој пат ја збогатуваме агендата на работилницата со присуство на адвокат г-дин Предраг Видаковиќ од Република Србија кој е основач на адвокатската канцеларија Видаковиќ од Белград, експерт во областа на заштита на правата од индустриска сопственост, преку кој ќе имаме можност повеќе да слушнеме за имплементацијата и начините на заштита на правата од индустриска сопственост во соседна Република Србија и пошироко. Работилницата ќе се одржи на 28.02.2024 година од 10:00 до 12:00 часот во просториите на нашите патрон партнери Property Оne office furniture (Бул. 8-ми Септември 3, станбено-деловен комплекс Настел Тафталиџе) Цена за учество: 1000 МКД + 18% ДДВ по учесник за членки на МАСИТ 1500 МКД + 18% ДДВ за двајца учесници од иста компанија членка на МАСИТ Регистрацијата е достапна на следниот ЛИНК.По успешна регистрација ќе добиете мејл за потврда и про-фактура која треба да биде платена најдоцна до почетокот на настанот. Ве очекуваме!

Новости

ПОВИК за поддршка на пет ММСПа и стартапи за имплементација на заштита на право од индустриска сопственост

Имплементатор на проектот: Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ Финансиран од: Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ Иновациите и примените на напредни и иновативни технологии, знаења и вештини и технолошки процеси секогаш се клучот за успех во секоја компанија и претставуваат извор на силен и одржлив раст. Следењето на трендовите на технолошки развој во ИКТ индустријата нераздвојно значат можност и потреба за развивање на нови технолошки, научни и општи ИКТ доктринарни знаења, решенија и генерирање продукти. Оттука, многу често свесно и со намера, а понекогаш и нужно како дел од процесот на интелектуален ангажман се изнедруваат посебни интелектуални творби кои имаат свој идентитет. Заштита на правата на индустриска сопственост е инструмент кој има голема улога во секоја индустрија, а заради претходно кажаното во ИКТ индустријата особено. Следствено, овие творби и/или продукти се квалификувани за заштита, локално и/или меѓународно. Парадоксално, но наспроти иновативиот, умствениот и работниот капацитет од другата страна постои делумно непознавање и несигурнст во потребата и опциите за заштита на моралните и материјалните интелектуални права. Ова се однесува и во делот на превенирање на недопуштено однесување на трети лица кон нечија интелектуална сопственост и во однос на генерирањето на активни и пасивни приходи од интелектуалната сопственост. Македонските компании не се доволно свесни за практичната примена за заштита на правата на индустриска сопственост, но се свесни дека е од клучно значење за подигање на конкурентноста за раст и развој на своите компании. ОПИС НА ПРЕДМЕТОТ НА ЈАВНИОТ ПОВИК,Овој јавен повик се однесува за избор на 5 (пет) микро, мали и средни претпријатија (ММСПа) и стартапи кои ќе ја добијат соодветна прaвна помош, насочување и поддршка за имплементација на заштита на одредено право од индустриска сопственост преку покривање на 80% од трошоците од страна на проектот поддржан од Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ, но не повеќе од 25.000 денари по компанија, а останатиот дел од 20% треба да бидат финансиски контрибуирани од страна на компанијата.Повикот се однесува на микро, мали и средни претпријатија и стартапи кои работат во доменот на ИКТ индустријата. ШТО ДОБИВААТ КОМПАНИИТЕ? Поддршка од страна на експерт во областа за заштита од правата на индустриска сопственост Запознавање со видовите на права, потребата и можноста за нивна заштита Појаснување на материјалните придобивки од заштитата односно комерцијалното ефектуирање и можност за пасивен приход  Oтварање на прашања кои се поврзани со интелктуалната и индустриската сопственост во комбинација со авторски права како резултат на најновите трендови во ИТ, особено вештачката интелегенција и роботиката. ШТО МОЖЕ ДА БИДЕ ПРЕДМЕТ НА ЗАШТИТА? Патент Трговска марка Трговско име Име на домен Авторско право Изборот на претпријатијата ќе се врши врз основа на долунаведените критеруми: Правниот субјект да е од ИКТ индустријата  Компанијата да спаѓа во рамките на микро, мали и средни претпријатија и стартапи Компанијата да е со седиште во Република Северна Македонија ПРАВО НА УЧЕСТВО НА ПОВИКОТНа повикот право на учество имаат сите микро, мали и средни претпријатија (ММСП) и стартапи од ИКТ индстријата во Република Северна Македонија кои немаат имплементирано и заштитено било какво право од индустриска сопственост. НАЧИН НА АПЛИЦИРАЊЕ И РОК ЗА ПОДНЕСУВАЊЕ НА ПРИЈАВИТЕПријавувањето за учество во повикот ќе се врши по принципот „прв дојден-прв услужен“ или до искористување на предвидената поддршка и пополнување на местата со доставување на пополнета пријава на следниот ЛИНК. Крајниот рок за доставување на пријавите е 15.02.2024 година до 14:00 часот. ДОПОЛНИТЕЛНИ ИНФОРМАЦИИДополнителните информации во врска со повикот може да се добијат на тел. +389 75 240 988 или на contact@masit.org.mk , секој работен ден од 09:00 до 17:00 часот. По завршување на рокот за изразување на интерес, компаниите кои изразиле интерес по принципот „прв дојден-прв услужен“ ќе бидат контактирани со цел комплетирање на потребната документација. Преку овој проект, сакаме да овозможиме одблизу ИКТ компаниите да се запознаат со суштинското значење и придобивките од спроведување на заштита на индустриската сопственост, со намера да позитивно да влијаеме во донесувањето разумни одлуки преку континуирано работење на подигање на свеста и помош во деловно работење на самите компании, со крајна цел воспоставување на нова услуга во Комората кон компаниите членки на МАСИТ за постојана правна помош за заштита на интелектуалната и индустриската сопственост.

Новости

Ново патрон партнерство: МАСИТ и Property One Group Office Furniture

На наше големо задоволство ве информираме дека МАСИТ отпочна со активности во рамки на новото патрон партнертво со Property One Group Office Furniture. Property One Group Office Furniture не е само компанија за мебел, тие се тим од архитекти на иновациите, посветени на трансформирање на секојдневните работни простори во живописни центри на креативност и продуктивност. Property One Group Office Furniture верува дека секој канцелариски простор има своја уникатна приказна која чека да биде раскажана. Преку персонализиран пристап со секој клиент, слушајќи ги внимателно неговите потреби, цели и аспирации, тесно соработуваат со своите клиенти, третирајќи го секој проект како партнерство, а не како трансакција. Тимот на визионери во Property One Group Office Furniture е специјализиран за создавање на прилагодени решенија кои го одразуваат етосот и идентитетот на секоја компанија. Од елегантни модуларни работни станици до ергономски седишта и интеграција на врвна технологија, нудат сеопфатен асортиман на производи и услуги за трансформација и подобрување на секое канцелариско опкружување. Како што самите велат: „Во Property One Group Office Furniture, задоволството на клиентите не е само цел; тоа е нашата движечка сила. Приоритет ни е отворената комуникација, транспарентноста и флексибилноста, осигурувајќи дека нашите клиенти се чувствуваат слушнати, ценети и поддржани на секој чекор од патот. Нашиот тим е посветен на совршеност, од почетниот концепт до конечната инсталација и резултат.“ Повеќе фотографии и информации за контакт со Property One Group Office Furniture, може да најдете на нивната веб страна на следниот линк. Со задоволство ви најавуваме дека следуваат низа активности во рамки на ова патрон партнерство, кои со нетрпение очекуваме да ги реализираме, а заедничка крајна цел ни е задоволството на компаниите членки на МАСИТ, кои ќе добијат дополнителен бенефит од ова патрон партнерство.

Новости

AI 4 2024 – Премиерен настан – 15ти март 2024

To AI or not to AI? That is the question. Со големо задоволство ви го најавуваме новиот и еднинствен настан во Македонија што го организира МАСИТ во партнерство со Адвокатска канцеларија Најденовски. Станува збор за Премиерен настан од премиум категорија, кој ќе се организира како продолжување на настаните кои ги реализиравме минатата година на тема „Вештачка Интелигенција“. На настанот ќе земат учество врвни професионалци и ексклузивни говорници, на можеби најтрендинг темата – врската и влијанието на вештачката интелигенција (AI) во конкретни индустрии и општествени појави, преку панел сесии и комерцијални презентации. Ова е одлична можност за вмрежување со докажани професионалци и компании од различни индустрии: ИКТ секторот, пазарот на труд и работна сила, здравство и медицина, дигитален маркетинг, металургија, банкарство и други индустрии. Погледнете ја целата програма на наменската страна и нарачајте ги вашите карти: www.masitconference.mk Специјална Early bird цена: 40 евра + ДДВ за една картаДве карти по компанија во рамки на Early bird: 69 евра + ДДВ Доколку имате интерес да ја промовирате вашата компанија во рамки на овој настан, слободно пишете ни за можностите за спонзорство на следните мејл адреси:  elena.petrushevska@masit.org.mk; advokat@najdenovski.com; Следете не’ и очекувајте повеќе информации наскоро. 📅 15.03.2024  📅 📍Локација: Рагуза 360

Scroll to Top