Новости

Follow up НАСТАН ПОСВЕТЕН НА ЗАШТИТАТА НА ИНТЕЛЕКТУАЛНАТА СОПСТВЕНОСТ

МАСИТ како водечки партнер, започна со спроведување на активности во рамки на проектот „Подигнување на свеста за потреба од заштита на правата од индустриска сопственост и воспоставување на иницијална правна помош во комората“, поддржан од страна на Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ. Со таа цел, одржавме еден промотивен настан на кој ги започнавме проектните активности и ја реализиравме првата од трите предвидени едукативни работилници за компаниите членки на МАСИТ. Целта на овој проект е преку низа активности, МАСИТ да им овозможи на компаниите кои се членки на Комората, соодветна едукација во поглед на придобивките од Intellectual Property Rights (IPR), согледување на најновите современи дилеми наспроти традиционалните поими, овозможување на практична помош и имплементација од страна на комората МАСИТ за заштита на интелектуални права за компании-членки на МАСИТ, преку иницијална прaвна помош и понатамошно насочување. МАСИТ во рамки на проектот, ја организира втората работилница која е бесплатна за компаниите членки на комората. Во рамки на овој проект, ќе бидат поддржани 5 компании членки за имплементирање на IPR. Подгответе се да го дознете „изворниот код“ на правата на интелектуална сопственост во сосема ново светло! Да се сретнеме за да позборуваме како да ги препознаеме интелектуалните права. Нема да цитираме сложени закони или прирачници. Овој настан е шанса да навлезете во интригантниот свет на ИС кај нас и во светот! ШТО? Кусо, енергично и интересно патување во суштината на креативната сопственост, а сепак доволно да го разгори вашиот ентузијазам и да ви ја поттикне имагинацијата! ЗОШТО? Бидејќи правата на интелектуална сопственост се пасош и билет за заработка. КОЈ? Сите љубопитни да ги отклучат тајните на ИС, пред се иновативните, креативните! КОГА? На 24ти Јануари 2024 година од 10:00 часот.Обележете ги вашите календари за овој иновативен настан. КАДЕ? Qinshift Academy (мапа) Пријавете се со пополнување на регистрациската форма на следниот линк. Ајде да ги дешифрираме и демистифицираме интелектуалните права. На нашиот настан ќе и кажете збогум на здодевноста. Ќе разберете кои се клучните 5W+2H во светот на Заштита на интелектуална сопственост и никогаш нема да си дозволите грешка. Ве очекуваме.

Новости

Предновогодишно дружење и средба со претседателот Пендаровски и компаниите членки на МАСИТ

11.12.2023 На покана на претседателот на државата Стево Пендаровски, МАСИТ за своите компании членки и патрон партнери реализираше предновогодишно дружење и средба во вила Водно. Во рамки на овој настан, претседателот на Управниот одбор на МАСИТ, Илија Господинов ја истакна важноста на ИКТ индустријата како стратешка гранка за просперитет на македонската економија и уште еднаш ги потенцираше економските индикатори кои јасно го прикажуваат извонредниот раст и напредок на оваа индустријата. На оваа средба исто така беа презентирани и предлозите на МАСИТ за понатамошен развој на индустријата со цел подобро справување со предизвиците кои ги имаат ИКТ компаниите. Упатуваме голема благодарност до претседателот Пендаровски за соработката и одличниот прием на компаниите членки на МАСИТ, како и на сите присутни на овој настан. Презентација

Новости

Meet-up за членки: Измени во Законот за ДДВ

Во соработка со Маранд Консултанти и со поддршка на Академијата на даночни советници, на 28ми ноември 2023 година, реализиравме meet-up за членките на МАСИТ, на тема: „Измени во Законот за ДДВ“ Заедно со клучните креатори, претставници од Министерството за финансии, членките ги дискутираа предизвиците и дилемите поврзани со последните измени на Законот за ДДВ кои директно задираат во клучни сегменти за ИКТ индустријата. Низ многу практични примери се отворија различни дискусии во врска со примената и применливоста, со осврт на новиот третман на оданочување на услугите, односно усогласувањето на компаниското работење со прописите. МАСИТ во оваа насока ќе продолжи со активности и заложби со цел подобрување на позицијата на ИКТ компаниите.

Новости

⚠ MEET-UP за членки на МАСИТ: Дискусија во врска со измените во Законот за ДДВ

МАСИТ во соработка со Маранд Консултанти за компаниите членки на МАСИТ организира бесплатен четиричасовен meet-up на тема: „Измени во Закон за ДДВ со нов третман на оданочување на услугите“ кој ќе се одржи на 28ми ноември 2023 (вторник) од 10:00 до 14:00 часот, во просториите на Маранд Консултанти / Адванткодe. Со таа цел ги покануваме компаниите членки да се вклучат на оваа средба каде заедно ќе ги дискутираме предизвиците и дилемите поврзани со последните измени на Законот за ДДВ кои директно задираат во два клучни сегменти за ИКТ индустријата. Овој meet-up е наменет за сите заинтересирани вработени во компаниите, особено на позиции како сметководители, правници и HR професионалци во ИКТ друштвата. Целта е да се отворат, презентираат и разјаснат сите дилеми во врска со имплементацијата на Законот за ДДВ со осврт на новиот третман на оданочување на услугите, односно усогласувањето на компаниското работење со прописите. Настанот е поддржан од Академијата на даночни советници, а на истиот ќе имаме можност да разговараме и со клучните креатори односно претставници од Министерството за финансии и претставник од Маранд консултанти: Г-ѓа Маријана Андриќ, основач на Маранд Консултанти г-дин Дејан Николовски, Раководител на одделение за даночна политика од областа на индиректното оданочување од Министерство за финансии Г-ѓа Елена Стојмановска Тортевска – Советник за данокот на додадена вредност од Министерство за финансии Регистрирајте се на следниот линк. Местата се ограничени и ќе бидат пополнети на база прв регистриран – прв услужен.

Новости

Подигнување на свеста за потреба од заштита на правата од индустриска сопственост и воспоставување на иницијална правна помош во комората

МАСИТ како водечки партнер, започнува со спроведување на активности во рамки на проектот „Подигнување на свеста за потреба од заштита на правата од индустриска сопственост и воспоставување на иницијална правна помош во комората“, поддржан од страна на Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ. Целта на овој проект е преку низа активности, МАСИТ да им овозможи на своите компании членки соодветна едукација во поглед на придобивките од Intellectual Property Rights (IPR), согледување на најновите современи дилеми наспроти традиционалните поими, овозможување на практична помош и имплементација од страна на комората МАСИТ за заштита на интелектуални права за компании-членки на МАСИТ, преку иницијална прaвна помош и понатамошно насочување. Преку овој проект, сакаме да овозможиме одблизу членките да се запознаат со суштинското значење и придобивките од спроведување на заштита на индустриската сопственост, со интенција да ги поддржиме како компании-членки во донесувањето разумни одлуки преку континуирано работење на подигање на свеста и помош во деловното работење, со крајна цел воспоставување на нова услуга во Комората кон компаниите членки на МАСИТ за постојана правна помош за заштита на интелектуалната и индустриската сопственост. Овој проект го започнуваме со првата едукативно промотивна работилница која е бесплатна за членките на МАСИТ. Во следниот период ќе следат уште две тематски работилници на темата. Работилницата ќе се одржи на 22.11.2023 година (среда) со почеток во 10:00 часот во просториите на нашиот патрон партнер Delight Office Solutions – ул. Максим Горки 13 во Настел Бизнис Центар – прв кат. Местата се ограничени, обезбедете го своето место со регистрација најдоцна до 21.11.2023 (вторник) на следниот линк. Не ја пропуштајте можноста да бидете дел од овој настан на кој ќе дознаеме одговори на прашања кои се поврзани со интелектуалната и индустриската сопственост во комбинација со авторски права како резултат на најновите трендови во ИТ, особено вештачката интелегенција и роботиката.

Новости

#DigitalUnited – 01.11.2023

Building bridges towards our common digital future На 01.11.2023 година, Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии МАСИТ ја одржа својата традиционална Годишна Конферернција по 18ти пат. На овој централен и најважен настан на МАСИТ во фокусот беа најновите трендови, иновации и практични совети од водечките експерти во индустријата. Со темата “Building Bridges: Towards Our Common Digital Future”, а под мотото #DIGITALUNITED, успеавме да ја испратиме нашата порака за обединување на сите чинители во општеството, кои имаат огромна улога во процесите на дигитализацијата и дигиталната трансформација во земјава. Пред публиката од околу 300 гости, гласно зборувавме за дигитализација на процесите на сите нивоа, во јавниот и во приватниот сектор, со презентација на иновативни теми, трендови и решенија кои се достапни на пазарот од страна на ИКТ компаниите но и за тоа какви се искуствата и праксите на тема дигитална трансформација. Оваа година, имавме уникатна можност да слушнеме двајца еминентни почесни главни говорници кои со својата фасцинантна научна позадина и богато искуство, на одличен начин успеаја да ни ги доближат најактуелните области во дигитализацијата. Г-дин Александер Рисој, ЦЕО на нашата компанија членка НЕББ кој пред се’ се осврна на индустријата од која доаѓа, како и симбиозата помеѓу IT и OT (IIOT), што е една од главните носители на дигитализацијата и четвртата индустриска ‘револуција’. Главниот акцент во неговото излагање беше дека во центарот на големата слика за дигитализацијата, всушност треба да е добробитта на човештвото. Низ целиот тек на неговото излагање, имавме можност да погледнеме реални проекти и негови искуства, илустрирани со интересни слајдови. Токму од тој хуман аспект на дигитализацијата во функција на луѓето беше завршниот дел од триесет минутното обраќањето на Александер. Др. Благој Делипетрев е консултант за вештачка интелигенција и поранешен научен советник во Научно Истражувачкиот Центар на Европската комисија, (Joint Reseach Centre) во Испра,  Италија, каде што беше еден од одговорните во проектот AI ​​WATCH, придонесувајќи за развој на Европската стратегија за вештачка интелигенција. Тој е специјализиран за генеративна вештачка интелигенција, (large language models) големи јазични модели и влијанието на вештачката интелигенција врз општеството, имајќи повеќе од десет години искуство во истражување за АI и раководење со проекти. Со два докторати по компјутерски науки, специјализиран за машинско учење/ВИ и алгоритми за оптимизација од Технолошкиот Универзитет во Делфт, Холандија и за апликации за облак од Универзитетот Kирил и Методиј во Скопје. Др. Делипетрев во своето излагање на тема: „Генеративна вештачка интелигенција, клуч за нашата дигитална иднина“ се осврна на предизвиците, предвидувањата, препораките но најмногу на придобивките од користење на вештачката интелигенција и истакна дека „вештачката интелигенција нема да ве замени, луѓето кои користат вештачка интелигенција ќе го направат тоа.“ Сесиите на конференцијата беа врамени во концепт што го задржа вниманието на гостите до самиот крај. Преку сесијата „Сајбер безбедноста како предуслов за дигитална иднина“ експерти од областа за сајбер безбедност ја истакнаа важноста на градењето лидери кои ќе ги предводат процесите на јакнење на националните и регионалните капацитети во делот на сајбер отпорност и сајбер безбедност. Во следната сесија понатаму, слушнавме презентации од ИТ компании кои обезбедуваат дигитални решенија и дознавме како Активноста на УСАИД Партнерства за економски раст придонесува во зголемување на продуктивноста на компаниите од приватниот сектор. Несомнено зклучивме дека само со дигитализација, може да се дојде до самоодржливост и поголема конкурентност и ефикасност на компаниите. Во таа насока, од големо значење е да се слушнат сите страни и сите аспекти. Токму затоа, нашиот официјален партнер на конференцијата – ПроКредит Банка имаа своја сесија, во која го слушнавме приватниот сектор, компании кои не се ИТ, а кои со задовлство ни ги раскажаа нивните инспиративни успешни приказни поврзани со нивната дигитална еволуција и постигнати резултати од воведување на дигитални решенија за процесите во нивните компании. Оваа година за прв пат имавме конференција на која немавме водител. Поточно имавме, но и тој беше во духот на темата на конференцијата. Имено, конференцијата првенствено беше отворена од страна на Ада, која е првиот дигитален асистент во јавниот сектор, а понатаму во текот на целиот настан, беше водена од нашиот дигитален водител – Адам. Како помина конференцијата низ фотографии, може да погледнете во албумот #DigitalUnited на нашата ФБ страница, на следниот линк. Упатуваме голема благодарност до сите кои што беа дел од ова најиновативното издание на МАСИТ – Годишната конференција до сега. Особена благодарност до нашите партнери, поддржувачи и спонзори, со кои заедно успеавме да го заокружиме овој централен настан на МАСИТ и да ги испратиме сите учесници и гости со позитивни впечатоци.

Новости

ВФП Осигурителен брокер – нов патрон партнер на МАСИТ

Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии МАСИТ, ви ја претставува новата соработка – патрон партнерство со ВФП Осигурителен брокер. Чест ни е да ја објавиме соработката со WVP осигурителен брокер најголемо осигурително брокерско друштво во земјава, кои веќе 15 години по ред се лидер на пазарот за приватно здравствено осигурување и пакети за лојалност за вработените. Во рамки на нашата соработка, целиме кон активности во чиј фокус се компаниите членки на МАСИТ. Во соработка со ВФП Осигурителен брокер ќе овозможиме специјални пакети за приватно здравствено осигурување, но и дополнителни активности и содржини, со многу различни бенефиции и поволности за сите вработени во компаниите кои се членки на МАСИТ, како и посебни бенефиции за самите компании.

Новости

КАРЕДО Бизнис центарот поблиску до членките на МАСИТ

Нов патрон партнер: А ПЛУС ИНЖИНЕРИНГ Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии МАСИТ, склучи ново патрон партнерство со градежната компанија „А плус инжинеринг“ која е дел од тимот кој го претставува проектот КАРЕДО. КАРЕДО ќе биде првиот вистински и најсовремен бизнис центар во нашиот град, кој се гради според најнови стандарди и кој нуди голем број различни содржини, со широка намена и тоа: за домување, бизнис, спорт,  рекреација, градинка и многу повеќе.Просториите на КАРЕДО ќе бидат модерно опремени со највисока технологија и високо квалитетна опрема, канцелариски простории опремени со сите потребни содржини кои овозможуваат удобност, економичност, продуктивна работна околина, а со тоа и раст на компаниите чие седиште ќе се најде токму тука. Со својата одлична локација на кејот на реката Вардар во општина Карпош, КАРЕДО нуди лесен пристап до некои од најдобрите скопски удобности. Се наоѓа во близина на Скопје Сити Мол, Супер Тинекс, трите големи болници – Аџибадем Систина, 8 Септември, Поликлиниката Букурешт, бензински пумпи, СЦ Борис Трајковски и Градскиот парк, што го прави совршена дестинација за оние кои бараат премиум начин на живот на погодна локација. Она што го издвојува КАРЕДО е неговиот фокус на луксуз и удобност со акцент на просторот одвоен за веќе докажани, но и нови, брзорастечки бизниси. Располага со прецизно дизајнирани станбени згради, јавни простори за релаксација со многу зеленило и голем број деловни простори кои задоволуваат различни потреби. КАРЕДО ќе има се што ви треба на едно место, од ресторани и кафулиња до фитнес центри, спа центри, аптеки, салони за убавина, приватна градинка, како и shuttle bus сервис. На следниот линк може да разгледате КАТАЛОГ на КАРЕДО , во кој ќе ги откриете сите детали и ќе го разгледате концептот во целост. Веруваме дека ова патрон партнерство ќе допринесе за раст и развој на компаниите членки на МАСИТ, како компании од најбрзорастечкиот сектор во земјава.

Новости

ГАЛЕРИЈА – „ВЕШТАЧКАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА И ПРАВОТО – Предизвици, опасности, перспективи“

Преку фотографии ја пренесуваме атмосферата на работилницата која ја одржавме на тема „Вештачката интелигенција и правото – предизвици, опасности, перспективи“ Голема благодарност до Мартин Василковски од Дата Мастерс кој ги одговори сите прашања и дилеми поврзани со вештачката интелигенција. Исто така, изразуваме голема благодарност и до Драгана Кипријановска од МАК-Систем која се осврна на предностите, ризиците по човековите права и заштитата на лични податоци. И секако, голема благодарност и до коорганизаторот и иницијатор на оваа работилница, адвокат Јован Најденовски од Адвокатска Канцеларија Најденовски, чија идеја беше работилницата од самиот старт и кој сесрдно се посвети на организацијата. Им благодариме на сите учесници и сигурни сме дека ќе се дружиме наскоро повторно на оваа тема.​

Новости

Работилница: „ВЕШТАЧКАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА И ПРАВОТО – Предизвици, опасности, перспективи“

9ти јуни 2023 (петок) 11:00 часот Ја најавуваме следната работилница во организација на МАСИТ во соработка со „Адвокатска канцеларија Најденовски“ како долгогодишен соработник на Комората, која за ПРВ ПАТ ВО МАКЕДОНИЈА ќе се одржи на тема: „ВЕШТАЧКАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА И ПРАВОТО – Предизвици, опасности, перспективи“ Галопирачка брзина на масовно производство и употреба на вештачката интелигенција и роботиката наеднаш наметна лавина дилеми, отвори огромен број на прашања за регулирање на нејзиното генерирање, употреба, реални влијанија, но и правни последици. Светот започнува трка за нормирање на вештачката интелигенција во обид за превенирање на хаотични несакани последици. Оваа работилница е наменета за правниците и HR професионалците во ИКТ друштвата и адвокатите и правните консултанти кои се занимаваат со правото во ИКТ. Целта е за прв пат во Македонија, најзасегнатите лица да слушнат појаснување и дефинирање на тоа што се’ се подразбира под поимот вештачка интелегенција и роботика, за да може во иднина соодветно да се дискутира нормативата и нормативните задачи поврзани со производството, продажбата и примената на вештачката интелигенција. Оваа работилница ќе биде прв чекор во континуиран процес на неформална едукација на правните професионалци низ специфични правни аспекти поврзани со вештачката интелигенција и пред се’ нивно приоритизирање. Место на одржување: НЕТАВИЛ АМФИТЕАТАР – локација Цена за учество: 2500 МКД + 18% ДДВ по учесник 4000 МКД + 18% ДДВ за двајца учесници од иста компанија На учесниците на работилницата ќе им се издаде Сертификат за учество на првата работолница во Македонија на тема „ВЕШТАЧКАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА И ПРАВОТО“ АГЕНДА Местата се ограничени и ќе бидат пополнети по принцип – прв регистриран – прв услужен.Регистрацијата е достапна на следниот линк. По успешна регистрација ќе добиете мејл за потврда, а дополнително ќе ви доставиме и про-фактура која треба да биде платена најдоцна до 07.06.2023 (среда).

Scroll to Top