Повик за учество во програмата за општокорисна работа и обуки за дигитални вештини МЛАДИ ХАБ

26. 11. 2019г.

МАСИТ и Националниот младински совет на Македонија ве покануваат да учествувате во првиот циклус на Програмата за општокорисна работа и обуки за дигитални вештини во рамки на проектот „МладиХАБ – Дигитална младина“.

Во рамки на овој циклус, младите на возраст од 15 до 29 години ќе имаат можност да следат обуки за дигитални вештини кои ќе бидат спроведувани од страна на сертифицирани провајдери, а по успешно завршување на обуките ќе добијат сертификат. За да добијат пристап до обуките, младите ќе треба да извршат општокорисни активности во различни иницијативи/организации/институции во кои ќе ги распредели проектот. Oпштокорисната работа и обуките во првиот циклус ќе бидат спроведувани на територија на Град Скопје.

За обуките:

Во првиот циклус ќе се нудат 3 категории обуки и тоа: Брзи обуки за дигитални и бизнис вештини – во времетраење од два до четири часа, обуки за дигитални вештини-во времетраење од 8 сесии по 2 часа и напредна обука за ИТ вештини во времетраење од 3 месеци (50 часа). Сите кандидати кои ќе сакаат да ги следат обуките ќе треба да реализираат општокорисна работа во времетраење соодветно на должината на обуката. Некои од обуките ќе се спроведуваат паралелно со реализацијата на општокорисната работа. Обуките ќе се спроведуваат во текот на ноември и декември 2019 и јануари и февруари 2020 и ќе бидат на следните теми:

Брзи обуки за дигитални и бизнис вештини (2-4 часа):

  • Рекламирање на Facebook и Instagram
  • Изработка на бизнис план
  • Вовед во HTML & CSS
  • Креирање на веб страна во WordPress – вовед
  • Организација на настани
  • Комуникациски вештини и јавно говорење
  • Односи со јавеност преку дигитални алатки
  • Пишување на CV и подготовка за интервју
  • Претприемништво и основни бизнис вештини
  • Продажба и продажни вештини
  • Вовед во Business intelligence

Обуки за дигитални вештини (16 часа поделени во 8 сесии по два часа):

  • Дигитален маркетинг
  • Adobe Photoshop
  • Microsoft office (Word, Excel, PowerPoint)
  • Систем администратор
  • Првични основи на програмирање

Напредна обука за ИТ вештини (50 работни часа):

  • Front-end веб-развој

Брзите обуки за дигитални и бизнис вештини и обуките за дигитални вештини ќе бидат спроведувани од Бреинстер, а напредната обука за ИТ вештини ќе бидe спроведуванa од СЕМОС Едукација. Избраните кандидати кои успешно ќе ја реализираат општокорисната работа ќе добијат ваучер со кој ќе можат да учествуваат на обуките, а за успешно следење на обуките ќе добијат  сертификат. Притоа:

  • Сите кандидати на возраст од 15 до 29 години ќе можат да се пријават за најмногу 3 брзи обуки. Доколку се пријават за повеќе од една брза обука, времетраењето на општокорисната работа пропорционално расте.
  • Сите кандидати на возраст од 15 до 29 години ќе можат да се пријават само за една обука за дигитални и бизнис вештини.
  • Кандидатите што ќе се пријават за обуката за Front-end веб-развој (напредната обука за ИТ вештини) треба да бидат на возраст од 25 до 29 години и треба да имаат основни познавања на веб развој. Предзнаењата на кандидатите што ќе се пријаваат за оваа обука, ќе бидат тестирани.

За општокорисната работа

Општокорисната работа ќе се спроведува во следните области:

  • Организација на настани
  • Грижа за бездомни животни
  • Грижа за животната средина
  • Грижа за социјално-ранливи групи
  • Уредување на фотографии и/или видеа за непрофитни организации
  • Одржување на социјални медиуми (Facebook, twitter, Instagram и слично) за непрофитни организации
  • Креирање и одржување веб-страници за непрофитни организации
  • Поддршка на активностите на проектот „МладиХАБ-Дигитална младина“, како и настаните кои се организираат во просториите на проектот.

Кандидатите ќе имаат можност да изберат една или повеќе области во кои би сакале да се вклучат. Сите кандидати кои ќе уредно ќе ја пополнат пријавата до пополнување на соодветниот број на места за секоја обука ќе бидат распределени во различни иницијативи, институции и организации каде ќе треба да ја реализираат општокорисната работа. Општокорисните активности ќе се спроведуваат според насоките и инструкциите на ментор овластен од страна на иницијативата/институцијата/организацијата. На учесниците кои успешно ја реализирале општокорисната работа ќе им биде издаден ваучер за посетување на обуките. Со овој ваучер младите ќе добијат пристап до соодветната обука.

Начин на пријавување

Сите заинтересирани кандидати на возраст од 15 до 29 години треба да ја пополнат пријавата на следниот линк: https://docs.google.com/forms/d/e/1FAIpQLSd3YhxA68OMhYa0DC1M1bxYVn4kOzwz7_jhlDh_by6BXgXF7Q/viewform  Учеството во првиот циклус од програмата за општокорисна работа и обуки за дигитални вештини ќе биде овозможено врз база на принципот: „прв дојден-прв услужен“. Доколку за определена обука се пријавени повеќе кандидати отколку што има слободни места, кандидатите што се пријавени подоцна ќе бидат распределени на друга обука од истата категорија. Распределбата ќе биде извршена во согласност со потребите и желбите на кандидатот, како и со слободните места за следење на обуките.

Повикот е достапен на следниот линк.

Доколку ви се потребни дополнителни информации во врска со овој повик, може да се обратите на mladihub@gmail.com

За сите нови информации следете не на ФБ страната на следниот линк: https://www.facebook.com/MladiHub-100807091278241/

Новости

МАСИТ и RAGUSA Group: „CONNECT & TASTE“

МАСИТ и RAGUSA Group: „CONNECT & TASTE“

Успешно реализиран „CONNECT & TASTE“: Нови стандарди за деловно вмрежување на ИКТ секторот Во прекрасниот амбиент на ресторанот PARK by RAGUSA, Стопанската комора за ИКТ – МАСИТ, заедно со својот патрон партнер RAGUSA GROUP, го реализираа првиот деловен бранч под името „CONNECT & TASTE“. Настанот послужи како платформа за директно поврзување на лидерите од ИКТ индустријата со цел градење нови партнерства и истражување на можности за соработка во опуштена, но професионална атмосфера. Синергија помеѓу технологијата и врвното угостителство Главниот фокус на „CONNECT & TASTE“ беше потврдување на стратешкото партнерство помеѓу МАСИТ и Ragusa Group. Преку овој настан, членките на комората имаа единствена можност одблиску да се запознаат со капацитетите и професионалноста на Ragusa Group – лидер во областа на организација на корпоративни настани и гостопримство. „Овој настан потврди дека најдобрите идеи и стратешки партнерства се создаваат кога професионалноста се среќава со вистинските соработници. Со Ragusa Group како наш патрон партнер, членките на МАСИТ добиваат моќен сојузник кој гарантира беспрекорна организација и поддршка за сите идни корпоративни активности,“ велат од комората. „Ни претставува особена чест што го одбележуваме почетокот на ова стратешко партнерство со МАСИТ. Веруваме дека оваа соработка ќе донесе нови можности и вистинска додадена вредност за компаниите членки. Како патрон партнер, за заедницата на МАСИТ подготвивме специјална програма со ексклузивни бенефити која ќе биде достапна во сите наши локации – PARK by Ragusa, RAGUSA 360, Ragusa 919 и Kinder PARK. Нашата цел е да понудиме врвно искуство и поддршка како за компаниите, така и за сите нивни вработени, поставувајќи нови стандарди во корпоративното дружење.“ – изјави Ирена Голомеиќ, Директор на продажба, RAGUSA Group Сеопфатно партнерство со целото портфолио на Ragusa Group Она што ја прави оваа соработка посебна е нејзиниот широк опсег. Стратешкото партнерство и придобивките од специјално креираната програма важат за сите капацитети во рамките на Ragusa Group, овозможувајќи им на членките избор на соодветен амбиент за секоја пригода: PARK by RAGUSA GROUP – за престижни настани во срцето на Градскиот парк; RAGUSA 360 – за ексклузивни корпоративни прослави со панорамски поглед; RAGUSA 919 – за автентични деловни ручеци и настани; KINDER PARK – идеално место за семејни и тимски дружења со најмладите. Ексклузивни привилегии за компаниите и вработените Заедницата на МАСИТ добива пристап до ексклузивни бенефити и повластени услови кои се внимателно дизајнирани да одговорат на потребите на современиот ИКТ сектор. Оваа програма ги опфаќа сите компании кои се членки на МАСИТ и вработените во компаните. Поглед кон иднината: Креирање додадена вредност Настанот „CONNECT & TASTE“ е само почеток на низата активности кои имаат за цел да ја зајакнат ИКТ заедницата преку квалитетно вмрежување. Комбинацијата на врвна гастрономија и деловна дискусија се покажа како вистински модел за поттикнување на дијалог и иновации во секторот. МАСИТ продолжува посветено да гради мостови и да создава вредност за своите членки, поставувајќи нови, повисоки стандарди за корпоративна култура и професионално дружење во Македонија.

19. 03. 2026г.

МАСИТ со клучна поддршка за формализација на економијата преку дигитални решенија

МАСИТ со клучна поддршка за формализација на економијата преку дигитални решенија

Заедничка посветеност за формализирање на неформалната економија во РСМ Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, се приклучи кон националната иницијатива за намалување на неформалната економија. Претседателот на МАСИТ, Јордан Димитровски, ја потпиша Декларацијата за партнерство и акција: „Заедничка посветеност за формализирање на неформалната економија во РСМ“. Потпишувањето беше дел од годишната конференција на Министерството за финансии, која оваа година се одржа под насловот: „Формализирање на неформалната економија: Преку соработка до успех“. Дигитализацијата како одговор на неформалната економија Учеството на МАСИТ на оваа конференција ја нагласува неопходноста од ИКТ секторот како примарен партнер во процесите на реформирање на економскиот систем. Како претставници на најдинамичната индустрија, МАСИТ цврсто стои на ставот дека технологијата е најефикасната алатка за воспоставување на ред, транспарентност и фер конкуренција на пазарот. Официјализирањето на оваа соработка преку Декларацијата е потврда за заложбите на ИКТ заедницата за системски промени кои ќе ги трансформираат неформалните деловни практики во формални, придонесувајќи за целокупниот економски раст. Клучни насоки на дејствување Согласно потпишаната Декларација, МАСИТ ќе се фокусира на примена на следните принципи преку капацитетите на ИКТ индустријата: Промовирање на дигитализацијата: Воведување на дигитални алатки и платформи кои ќе ја стимулираат формализацијата, ќе овозможат поедноставна регистрација на бизнисите и значително ќе ја намалат административната сложеност. Спречување на неформализацијата и заштита на работничките права: Преку соодветни софтверски решенија и системи, МАСИТ ќе поддржува механизми за спречување на непријавената работа и погрешната класификација на работните односи, обезбедувајќи достоинствени услови за работа. Технолошка поддршка за институциите: Јакнење на меѓуинституционалната соработка и инспекциските служби преку модернизација на нивните ресурси, со цел поефикасно спроведување на регулативата и превенција на неформалните активности. Транспарентност и аналитика: Поддршка во воспоставувањето системи за евалуација кои преку податоци и индикатори ќе дадат јасна слика за напредокот во процесот на формализација. Едукација и одговорно претприемништво: Промовирање на етички деловни практики во ИКТ секторот и подигнување на свеста за придобивките од формалното работење за целиот економски систем. Заедничка заложба за успех Годишната конференција на Министерството за финансии послужи како платформа за обединување на сите релевантни чинители. Беше истакнато дека само преку заедничка акција, меѓусекторска соработка и стратешка примена на ИКТ решенија може да се постигнат видливи резултати. МАСИТ останува активен партнер во сите натамошни чекори за имплементација на потпишаната Декларација, придонесувајќи со стручност и иновативни решенија за подобра економска иднина.

19. 02. 2026г.

МАСИТ и Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ја интензивираат соработката за поддршка на извозот на ИКТ-компаниите

МАСИТ и Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ја интензивираат соработката за поддршка на извозот на ИКТ-компаниите

Годината започна со значајна официјална средба меѓу раководството на МАСИТ и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, придружуван од Крум Ефремов, директор за економска и јавна дипломатија. На средбата учествуваше раководството на МАСИТ, предводено од претседателот Јордан Димитровски, заедно со заменик-претседателот на Управниот одбор Филип Петровски, членот на Управниот одбор Дамјан Манчевски и директорката на Извршната канцеларија, Елена Китаноска. Во фокусот на разговорите беа можностите за унапредување на извозниот потенцијал на македонските ИКТ-компании, нивната поголема меѓународна видливост и системска поддршка за настап на странските пазари. Посебно внимание беше посветено на улогата на економската дипломатија и дипломатско-конзуларната мрежа во промоција на македонските ИКТ-решенија и воспоставување контакти со странски партнери. Претставниците на МАСИТ ги истакнаа приоритетите и предизвиците со кои се соочуваат компаниите членки, нагласувајќи ја потребата од координирана институционална соработка, континуирана промоција на домашната ИКТ-индустрија и организиран настап на меѓународни саеми, бизнис-форуми и трговски мисии. Преку интензивирана соработка со Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, МАСИТ продолжува активно да работи на создавање конкретни можности за раст, зголемување на извозот и меѓународно позиционирање на македонските ИКТ-компании. Заедничката заложба е ИКТ-секторот да се зацврсти како еден од клучните двигатели на економскиот развој и да се поттикне поголема конкурентност на македонските компании на глобалниот пазар. МАСИТ и во наредниот период ќе продолжи да иницира и поддржува вакви стратешки средби и партнерства, со цел создавање поволна деловна клима и долгорочен развој на ИКТ-индустријата во земјата.

21. 01. 2026г.

Scroll to Top