Иницираме и поттикнуваме враќање на вредностите за филантропија, емпатија и солидарност во кризни моменти

26. 01. 2021г.

Денес во Гимназијата „Никола Карев“ и ООУ„Аврам Писевски“ од Скопје беа донирани компјутери за сите ученици кои немаа соодветен уред за следење на онлајн настава на почетокот на оваа учебна година. Со оваа донација од вкупно 30 користени компјутери ќе се покријат во целост побарувањата за уреди на учениците во двете споменати училишта. Компјутерите се донирани, сервисирани и целосно ставени во функција за непречено користење од страна на членките на  Стопанска Комора за ИКТ – МАСИТ.

Нешто што започна како индивидуална граѓанска акција чии иницијатори се: Центар за управување со знаење, Стопанска Комора за ИКТ – МАСИТ, Асоцијација на советници за развој на кариера – АСК Скопје и Прва детска амбасада во светот Меѓаши-Република Македонија би сакале да прерасне во сеопфатна мобилизација. Наша клучна задача како организации е да иницираме и поттикнуваме враќање на вистинските вредности за филантропија, солидарност и емпатија“ – подвлече Драги Змијанац, основач и претседател на Првата детска амбасада во светот МЕЃАШИ.

Следејќи ја актуелната состојба со отпочнување на новата учебна година и настанатите потешкотии за реализација и следење на истата за голем број училишта и деца, нашите организации свесни за потребата за мобилизација и за заедничко здружување на ресурсите и презентирање на проактивен организациски пример, одлучија да понудат помош и поддршка преку реализирање на пилот активност за мобилизација на претпријатија и други организации кои би биле подготвени да донираат компјутерска опрема за децата од социјално загрозени семејства.

„Би истакнала дека ова наша соработка е вистински пример како заедничката повисока цел, јасниот фокус и посветеност кон остварување таа поставена цел може да ги поврзе компаниите и организациите и да даде резултат. Исклучително се гордеам со фактот дека во изминатите 3 месеци покажавме вистински пример за соработка, координација и истрајност, гледано од професионален аспект“ – коментираше Катерина Златановска Попова, претставник на Асоцијацијата на советници за развој на кариера АСК Скопје.

„Токму затоа ги повикуваме сите кои би сакале да ја покажат големината на солидарноста во кризни времиња, имаат можности и желба да направат разлика, независно дали се работи за компании, институции или организации, да истапат и да нѐ контактираат, а ние ќе им го споделиме нашето искуство, патот кој го изодевме во изминатите 3 месеци до финализирање на донацијата“ – истакна Андријана Богдановска, Директор на Центарот за управување со знаење.

„Акцијата е мал пилот и со истата првично опфативме 1 основно и 1 средно училиште, а донациите на уредите и нивното сервисирање се од членките на Стопанска Комора за ИКТ – МАСИТ, и тоа во овој наврат од компаниите Нетцетера и ИНет, двете од општина Карпош. Планираме ова да биде континуирана активност која ќе се спроведува и во претстојните месеци, а наша огромна желба е да покриеме што повеќе училишта и да обезбедиме што поскоро доволно уреди за сите деца да можат да следат онлајн настава оваа учебна година“ – изјави Анита Никова, извршен директор на МАСИТ.

Донацијата е реализирана во координација со Министерството за образование и наука, одговорните лица во секторот за образование во Град Скопје и Општина Карпош како и несебична поддршка од директорите на споменатите училишта кои ќе се погрижат донираните уреди да стигнат до учениците на кои им е најнеопходна. 

Андријана Богдановска – Центар за управување со знаење

Катарина Златановска Попова – Асоцијација на советници за развој на кариера – АСК Скопје

Драги Змијанац – Прва детска амбасада во светот Меѓаши-Република Македонија

Анита Никова – Стопанска Комора за ИКТ – МАСИТ

Новости

МАСИТ со клучна поддршка за формализација на економијата преку дигитални решенија

МАСИТ со клучна поддршка за формализација на економијата преку дигитални решенија

Заедничка посветеност за формализирање на неформалната економија во РСМ Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, се приклучи кон националната иницијатива за намалување на неформалната економија. Претседателот на МАСИТ, Јордан Димитровски, ја потпиша Декларацијата за партнерство и акција: „Заедничка посветеност за формализирање на неформалната економија во РСМ“. Потпишувањето беше дел од годишната конференција на Министерството за финансии, која оваа година се одржа под насловот: „Формализирање на неформалната економија: Преку соработка до успех“. Дигитализацијата како одговор на неформалната економија Учеството на МАСИТ на оваа конференција ја нагласува неопходноста од ИКТ секторот како примарен партнер во процесите на реформирање на економскиот систем. Како претставници на најдинамичната индустрија, МАСИТ цврсто стои на ставот дека технологијата е најефикасната алатка за воспоставување на ред, транспарентност и фер конкуренција на пазарот. Официјализирањето на оваа соработка преку Декларацијата е потврда за заложбите на ИКТ заедницата за системски промени кои ќе ги трансформираат неформалните деловни практики во формални, придонесувајќи за целокупниот економски раст. Клучни насоки на дејствување Согласно потпишаната Декларација, МАСИТ ќе се фокусира на примена на следните принципи преку капацитетите на ИКТ индустријата: Промовирање на дигитализацијата: Воведување на дигитални алатки и платформи кои ќе ја стимулираат формализацијата, ќе овозможат поедноставна регистрација на бизнисите и значително ќе ја намалат административната сложеност. Спречување на неформализацијата и заштита на работничките права: Преку соодветни софтверски решенија и системи, МАСИТ ќе поддржува механизми за спречување на непријавената работа и погрешната класификација на работните односи, обезбедувајќи достоинствени услови за работа. Технолошка поддршка за институциите: Јакнење на меѓуинституционалната соработка и инспекциските служби преку модернизација на нивните ресурси, со цел поефикасно спроведување на регулативата и превенција на неформалните активности. Транспарентност и аналитика: Поддршка во воспоставувањето системи за евалуација кои преку податоци и индикатори ќе дадат јасна слика за напредокот во процесот на формализација. Едукација и одговорно претприемништво: Промовирање на етички деловни практики во ИКТ секторот и подигнување на свеста за придобивките од формалното работење за целиот економски систем. Заедничка заложба за успех Годишната конференција на Министерството за финансии послужи како платформа за обединување на сите релевантни чинители. Беше истакнато дека само преку заедничка акција, меѓусекторска соработка и стратешка примена на ИКТ решенија може да се постигнат видливи резултати. МАСИТ останува активен партнер во сите натамошни чекори за имплементација на потпишаната Декларација, придонесувајќи со стручност и иновативни решенија за подобра економска иднина.

19. 02. 2026г.

МАСИТ и Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ја интензивираат соработката за поддршка на извозот на ИКТ-компаниите

МАСИТ и Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ја интензивираат соработката за поддршка на извозот на ИКТ-компаниите

Годината започна со значајна официјална средба меѓу раководството на МАСИТ и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, придружуван од Крум Ефремов, директор за економска и јавна дипломатија. На средбата учествуваше раководството на МАСИТ, предводено од претседателот Јордан Димитровски, заедно со заменик-претседателот на Управниот одбор Филип Петровски, членот на Управниот одбор Дамјан Манчевски и директорката на Извршната канцеларија, Елена Китаноска. Во фокусот на разговорите беа можностите за унапредување на извозниот потенцијал на македонските ИКТ-компании, нивната поголема меѓународна видливост и системска поддршка за настап на странските пазари. Посебно внимание беше посветено на улогата на економската дипломатија и дипломатско-конзуларната мрежа во промоција на македонските ИКТ-решенија и воспоставување контакти со странски партнери. Претставниците на МАСИТ ги истакнаа приоритетите и предизвиците со кои се соочуваат компаниите членки, нагласувајќи ја потребата од координирана институционална соработка, континуирана промоција на домашната ИКТ-индустрија и организиран настап на меѓународни саеми, бизнис-форуми и трговски мисии. Преку интензивирана соработка со Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, МАСИТ продолжува активно да работи на создавање конкретни можности за раст, зголемување на извозот и меѓународно позиционирање на македонските ИКТ-компании. Заедничката заложба е ИКТ-секторот да се зацврсти како еден од клучните двигатели на економскиот развој и да се поттикне поголема конкурентност на македонските компании на глобалниот пазар. МАСИТ и во наредниот период ќе продолжи да иницира и поддржува вакви стратешки средби и партнерства, со цел создавање поволна деловна клима и долгорочен развој на ИКТ-индустријата во земјата.

21. 01. 2026г.

20-та годишна конференција на МАСИТ – MASIT 2.0 Recode Reality

20-та годишна конференција на МАСИТ – MASIT 2.0 Recode Reality

MASIT 2.0 – „Recode Reality“: Редефинирање на улогата на ИКТ во Македонија Годишната конференција MASIT 2.0 – „Recode Reality“, одржана на 3 декември во Скопје, уште еднаш го потврди статусот на МАСИТ како клучен двигател на дигиталната трансформација во земјава. Над 300 учесници, меѓу кои еминентни експерти, компании, институции и интернационални говорници, ги споделија своите визии, искуства и стратегии за развој на ИКТ-секторот во период на интензивни технолошки промени. Темата „Recode Reality“ постави силен повик за преосмислување на улогата на технологијата – од функционална алатка, до вистински катализатор на економски раст, иновации, образовна модернизација и институционален напредок.   Состојбата и потенцијалот на ИКТ-индустријата Во своето обраќање, претседателот на МАСИТ, Јордан Димитровски, ја нагласи зрелоста и значењето на ИКТ-секторот во Македонија. Индустријата брои речиси 3.000 компании и околу 25.000 вработени, со просечна бруто-плата од близу 150.000 денари. Само во изминатата година, секторот генерираше приходи над 1,65 милијарди евра, што го потврдува неговиот континуиран раст и стратешка важност за економијата. Присутните ги поздрави и министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, кој ги претстави реформите и насоките што ги спроведува Владата со цел забрзување на дигитализацијата на Македонија. Според него, приватниот ИКТ-сектор ќе има клучна улога во спроведувањето на овие процеси. Connectivity 2030 – Иднината на телекомуникациите и дигиталната инфраструктура во Македонија Под модерација на Иво Ивановски (EuroTeleSites AG), панелистите Горан Марковиќ (Македонски Телеком), Методија Мирчев (A1 Македонија) и Брано Ѓуриќ (One Macedonia – 4iG) дискутираа за развојот и иднината на дигиталната инфраструктура и телекомуникациските услуги во Македонија.Панелот се осврна на модернизацијата на мрежите, имплементацијата на нови технологии и стратешките инвестиции кои ќе овозможат побрз, поефикасен и сигурен дигитален екосистем во земјата. Клучни говорници: Глобални перспективи и анализа на иднината Конференцијата собра врвни меѓународни експерти, меѓу кои: Пјетро Марини, директор за иновации во Deltatre Innovation Lab, кој ја отвори темата за трансформацијата на бизнис моделите во спортската и медиумската индустрија. Тој предупреди дека традиционалните модели на стабилност се разнишуваат, отворајќи прашања за одржливоста на целиот екосистем. Магда Јиану, менаџер за Југоисточна Европа во Palo Alto Networks, која зборуваше за најголемите предизвици во сајбер-безбедноста, особено во контекст на експлозивниот развој на вештачката интелигенција. Милош Ѓурковиќ, партнер во Amrop Serbia, кој ја истакна исклучителната важност на човечкиот капитал и систематскиот развој на талентите во процесите на дигитална трансформација. Панел-дискусии: ВИ, податоци, образование и иновации Конференцијата опфати неколку високо интерактивни панел-сесии: 1. Вештачката интелигенција и трансформацијата на бизнисот На панелот посветен на локалната примена на ВИ учествуваа:Петар Ниновски (Brainster), Благица Трпезановска (Kuehne+Nagel), Иво Павловски (Division), и Тони Јанкуловски (Diners Club).Панелот покажа дека ВИ веќе ја редефинира структурата, потребните вештини и динамиката на ИКТ-индустријата во земјава. 2. Образование и иднината на технолошките кадри Под водство на Весна Ивановска (Avenga Academy), министерката за образование Весна Јаневска и деканите Петре Ламески (ФИНКИ) и Благој Ристевски (ФИКТ) дискутираа за тоа како да се модернизираат образовните модели и да се обезбеди одржлива кадровска база.Фокусот беше на прашањето „Кој ќе ја кодира иднината?“ 3. Моќта на податоците Под модерација на Филип Петровски (МАСИТ), панелистите Александар Манев (Кроација Осигурување), Михајло Борозанов (Макпетрол) и д-р Беркан Имери (Халкбанк) разговараа за тоа како квалитетните и структурирани податоци се претвораат во вистинска бизнис вредност.Фокусот беше на подобрено донесување одлуки, оптимизација на процеси и градење конкурентна предност преку податоци. 4. Финансирање на иновации Д-р Горан Ковачев (Развојна банка), проф. д-р Иван Чорбев (ЕИТ), проф. д-р Боро Јакимовски (DigitMak) и Мухаммед Хаџи-Пази (Халкбанк) дискутираа за патот на иновацијата – од концепт до успешна реализација.Се нагласи потребата од стабилен финансиски екосистем, поголем пристап до фондови и механизми што им помагаат на иноваторите да растат и да го пласираат својот потенцијал на пазарот.  Конференцијата го потврди заклучокот дека технологијата не е само алатка, туку двигател на промени што ја моделира иднината на економијата, образованието и општеството. МАСИТ продолжува да ја води дигиталната трансформација, обединувајќи знаење, иновации и партнерства за иднината на Македонија.

12. 12. 2025г.

Scroll to Top