Трендот на пораст на ИКТ индустријата продолжува и во 2024 година

04. 06. 2025г.

Компаративна анализа на клучните економски индикатори

Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии МАСИТ и оваа година спроведе компаративна анализа на ИКТ-секторот во Македонија. Од спроведената анализа може да се заклучи дека оваа индустрија продолжува да се развива и покрај одредени структурни предизвици, што јасно се согледува преку споредбата на клучните економски индикатори за 2023 и 2024 година.

Бројот на компании во секторот бележи благ пад, но секторот расте по други основи

Во 2024 година, вкупниот број на активни компании во ИКТ- секторот изнесува 2.921, што претставува намалување од 5,5% во однос на 2023 година кога имало 3.091 компании. Овој пад може да се должи на процеси на консолидација, пазарна селекција, или зголемен притисок врз микро и мали ИКТ- компании. Сепак, оваа бројка не значи автоматски слабеење на секторот, земајќи ги предвид сите други параметри кои укажуваат на значителен раст.

Зголемување на вработеноста и повисоки приходи – знак на здрав сектор

Бројот на вработени во ИКТ-секторот во 2024 година достигна 23.948, што е раст од 10,7% во однос на 2023 година, кога во секторот работеа 21.640 лица. Овој податок укажува на зголемена побарувачка за ИКТ кадар, но и на проширување на капацитетите кај компаниите кои остануваат на пазарот.

Истовремено, приходите од работењето пораснале за 12,5%, односно од 1.470.463.270 евра во 2023 година на 1.654.830.301 евра во 2024 година. Овој значителен пораст укажува на силна динамика во побарувачката за ИКТ производи и услуги, како на домашниот, така и на странските пазари. И покрај намалениот број на компании, останатите пазарни учесници успеале да генерираат значително повисоки приходи, што сугерира консолидирање и раст на продуктивноста.

Раст на платите и на вкупните трошоци за човечки капитал

Во 2024 година, вкупниот износ за плати и надоместоци на плати во ИКТ-секторот изнесува 314,3 милиони евра, што претставува раст од 18% во однос на 2023 година, кога овој износ беше 266,8 милиони евра. Овој пораст укажува на неколку важни трендови: зголемена конкуренција помеѓу компаниите за квалификуван кадар, поголема финансиска стабилност на фирмите и веројатно проширување на тимовите. Инвестирањето во човечкиот капитал станува еден од клучните приоритети на ИКТ индустријата, која се соочува со континуиран недостиг на високообразувани кадри и специјализирани профили.

Паралелно со растот на платите, се зголемуваат и даночните трошоци поврзани со нив. Во 2023 година, компаниите во ИКТ-секторот платиле 28,8 милиони евра како трошоци за даноци на плати и надоместоци, додека во 2024 година таа бројка пораснала на 34,3 милиони евра – раст од 19%. Ова зголемување е очекувано и пропорционално со растот на вкупната маса на исплатени плати. Дополнително, покажува дека поголем број вработени се формално пријавени, што е индиректен показател за повисоко ниво на формализација и почитување на регулативите во секторот.

Овој раст е поддржан и со раст на придонесите за задолжително социјално осигурување од 16,9%. ИКТ секторот на овој начин станува и двигател на социјално одговорно делување во економијата.

Во 2024 година, трошоците за останати т.н. „нематеријални“ бенефиции за вработените – како што се бонуси, обуки, патувања, приватно здравствено осигурување или други облици на стимулации – изнесуваат 32 милиони евра. Во 2023 година, тие беа на ниво од 30,2 милиони евра, што значи пораст од 5,9%. Ова ни укажува на стабилен раст и на тоа дека компаниите вложуваат и во вработените надвор од класичните плати – со што создаваат услови за подобро задржување и мотивација на кадарот. Ваквите бенефиции често играат голема улога при избор на работодавач во висококонкурентниот ИКТ сектор.

Просечната месечна бруто плата во секторот е зголемена од 2.290 евра во 2023 година на 2.376 евра во 2024 година, што претставува раст од 3,6%. Иако процентуално овој раст е умерен, станува збор за плати кои се неколкукратно над просекот во националната економија, што ја позиционира ИКТ индустријата како најконкурентна во однос на компензацијата на човечкиот капитал.

Значително зголемување на профитабилноста и даночните обврски

Најзабележителен скок има кај данокот на добивка, кој пораснал за речиси 65%, од 20 милиони евра во 2023 година на 33 милиони евра во 2024 година. Овој податок сугерира дека компаниите не само што генерираат повеќе приходи, туку и работат со поголема профитабилност, што е позитивен индикатор за зрелост на пазарот.

Импресивен раст на извозот – ИКТ како движечка сила на економската интернационализација

Најсилниот позитивен сигнал доаѓа од извозот. Во 2024 година, ИКТ-секторот извезол услуги во вредност од 664 милиони евра, што претставува раст од 20% во однос на 2023 година, кога извозот изнесувал 553 милиони евра. Овој раст е доказ дека македонскиот ИКТ-сектор сè повеќе се позиционира на меѓународниот пазар, што му овозможува поголема отпорност и стабилност.

Година на квалитативен раст и стабилизација на ИКТ-секторот

И покрај намалениот број на компании, ИКТ-секторот во Македонија во 2024 година бележи значителен квалитативен и квантитативен раст. Расте бројот на вработени, платите, приходите, извозот и профитабилноста, што укажува на консолидација на пазарот и зајакнување на неговите носечки актери. Овие податоци се силен аргумент за потребата од континуирана поддршка на секторот преку политики за човечки капитал, интернационализација и иновации.

Раст и развој на ИКТ секторот во Македонија: 2020–2025

ИКТ-секторот во Македонија во изминатите пет години бележи конзистентен и стабилен раст по сите релевантни економски индикатори. Од 2020 до 2025 година, секторот се истакнува со значително зголемување по однос на сите наведени параметри во оваа анализа.

Овие резултати не само што рефлектираат здрава и одржлива експанзија, туку укажуваат и на созревање на ИКТ индустријата – како во делот на интерна организација и професионализација, така и во делот на нејзината конкурентност на домашниот и меѓународниот пазар.

Секторот демонстрира високо ниво на отпорност на надворешни економски влијанија и континуирана адаптибилност на глобалните трендови, што го позиционира како еден од најзначајните столбови на македонската економија. Податоците укажуваат дека ИКТ не е само придружен сегмент – туку стратешки двигател на раст, извоз и иновации.

Анализата е достапна на македонски и на англиски јазик:

КОМПАРАТИВНА АНАЛИЗА НА ПАРАМЕТРИТЕ ВО ИКТ СЕКТОРОТ ВО МАКЕДОНИЈА

COMPARATIVE ANALYSIS OF THE PARAMETERS IN THE ICT INDUSTRY IN MACEDONIA

Податоците се добиени од следните извори:
Централен Регистар на РСМ
Статистички портал на Државниот завод за статистика
Народната Банка на С. Македонија

Новости

МАСИТ и Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ја интензивираат соработката за поддршка на извозот на ИКТ-компаниите

МАСИТ и Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ја интензивираат соработката за поддршка на извозот на ИКТ-компаниите

Годината започна со значајна официјална средба меѓу раководството на МАСИТ и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, придружуван од Крум Ефремов, директор за економска и јавна дипломатија. На средбата учествуваше раководството на МАСИТ, предводено од претседателот Јордан Димитровски, заедно со заменик-претседателот на Управниот одбор Филип Петровски, членот на Управниот одбор Дамјан Манчевски и директорката на Извршната канцеларија, Елена Китаноска. Во фокусот на разговорите беа можностите за унапредување на извозниот потенцијал на македонските ИКТ-компании, нивната поголема меѓународна видливост и системска поддршка за настап на странските пазари. Посебно внимание беше посветено на улогата на економската дипломатија и дипломатско-конзуларната мрежа во промоција на македонските ИКТ-решенија и воспоставување контакти со странски партнери. Претставниците на МАСИТ ги истакнаа приоритетите и предизвиците со кои се соочуваат компаниите членки, нагласувајќи ја потребата од координирана институционална соработка, континуирана промоција на домашната ИКТ-индустрија и организиран настап на меѓународни саеми, бизнис-форуми и трговски мисии. Преку интензивирана соработка со Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, МАСИТ продолжува активно да работи на создавање конкретни можности за раст, зголемување на извозот и меѓународно позиционирање на македонските ИКТ-компании. Заедничката заложба е ИКТ-секторот да се зацврсти како еден од клучните двигатели на економскиот развој и да се поттикне поголема конкурентност на македонските компании на глобалниот пазар. МАСИТ и во наредниот период ќе продолжи да иницира и поддржува вакви стратешки средби и партнерства, со цел создавање поволна деловна клима и долгорочен развој на ИКТ-индустријата во земјата.

21. 01. 2026г.

20-та годишна конференција на МАСИТ – MASIT 2.0 Recode Reality

20-та годишна конференција на МАСИТ – MASIT 2.0 Recode Reality

MASIT 2.0 – „Recode Reality“: Редефинирање на улогата на ИКТ во Македонија Годишната конференција MASIT 2.0 – „Recode Reality“, одржана на 3 декември во Скопје, уште еднаш го потврди статусот на МАСИТ како клучен двигател на дигиталната трансформација во земјава. Над 300 учесници, меѓу кои еминентни експерти, компании, институции и интернационални говорници, ги споделија своите визии, искуства и стратегии за развој на ИКТ-секторот во период на интензивни технолошки промени. Темата „Recode Reality“ постави силен повик за преосмислување на улогата на технологијата – од функционална алатка, до вистински катализатор на економски раст, иновации, образовна модернизација и институционален напредок.   Состојбата и потенцијалот на ИКТ-индустријата Во своето обраќање, претседателот на МАСИТ, Јордан Димитровски, ја нагласи зрелоста и значењето на ИКТ-секторот во Македонија. Индустријата брои речиси 3.000 компании и околу 25.000 вработени, со просечна бруто-плата од близу 150.000 денари. Само во изминатата година, секторот генерираше приходи над 1,65 милијарди евра, што го потврдува неговиот континуиран раст и стратешка важност за економијата. Присутните ги поздрави и министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, кој ги претстави реформите и насоките што ги спроведува Владата со цел забрзување на дигитализацијата на Македонија. Според него, приватниот ИКТ-сектор ќе има клучна улога во спроведувањето на овие процеси. Connectivity 2030 – Иднината на телекомуникациите и дигиталната инфраструктура во Македонија Под модерација на Иво Ивановски (EuroTeleSites AG), панелистите Горан Марковиќ (Македонски Телеком), Методија Мирчев (A1 Македонија) и Брано Ѓуриќ (One Macedonia – 4iG) дискутираа за развојот и иднината на дигиталната инфраструктура и телекомуникациските услуги во Македонија.Панелот се осврна на модернизацијата на мрежите, имплементацијата на нови технологии и стратешките инвестиции кои ќе овозможат побрз, поефикасен и сигурен дигитален екосистем во земјата. Клучни говорници: Глобални перспективи и анализа на иднината Конференцијата собра врвни меѓународни експерти, меѓу кои: Пјетро Марини, директор за иновации во Deltatre Innovation Lab, кој ја отвори темата за трансформацијата на бизнис моделите во спортската и медиумската индустрија. Тој предупреди дека традиционалните модели на стабилност се разнишуваат, отворајќи прашања за одржливоста на целиот екосистем. Магда Јиану, менаџер за Југоисточна Европа во Palo Alto Networks, која зборуваше за најголемите предизвици во сајбер-безбедноста, особено во контекст на експлозивниот развој на вештачката интелигенција. Милош Ѓурковиќ, партнер во Amrop Serbia, кој ја истакна исклучителната важност на човечкиот капитал и систематскиот развој на талентите во процесите на дигитална трансформација. Панел-дискусии: ВИ, податоци, образование и иновации Конференцијата опфати неколку високо интерактивни панел-сесии: 1. Вештачката интелигенција и трансформацијата на бизнисот На панелот посветен на локалната примена на ВИ учествуваа:Петар Ниновски (Brainster), Благица Трпезановска (Kuehne+Nagel), Иво Павловски (Division), и Тони Јанкуловски (Diners Club).Панелот покажа дека ВИ веќе ја редефинира структурата, потребните вештини и динамиката на ИКТ-индустријата во земјава. 2. Образование и иднината на технолошките кадри Под водство на Весна Ивановска (Avenga Academy), министерката за образование Весна Јаневска и деканите Петре Ламески (ФИНКИ) и Благој Ристевски (ФИКТ) дискутираа за тоа како да се модернизираат образовните модели и да се обезбеди одржлива кадровска база.Фокусот беше на прашањето „Кој ќе ја кодира иднината?“ 3. Моќта на податоците Под модерација на Филип Петровски (МАСИТ), панелистите Александар Манев (Кроација Осигурување), Михајло Борозанов (Макпетрол) и д-р Беркан Имери (Халкбанк) разговараа за тоа како квалитетните и структурирани податоци се претвораат во вистинска бизнис вредност.Фокусот беше на подобрено донесување одлуки, оптимизација на процеси и градење конкурентна предност преку податоци. 4. Финансирање на иновации Д-р Горан Ковачев (Развојна банка), проф. д-р Иван Чорбев (ЕИТ), проф. д-р Боро Јакимовски (DigitMak) и Мухаммед Хаџи-Пази (Халкбанк) дискутираа за патот на иновацијата – од концепт до успешна реализација.Се нагласи потребата од стабилен финансиски екосистем, поголем пристап до фондови и механизми што им помагаат на иноваторите да растат и да го пласираат својот потенцијал на пазарот.  Конференцијата го потврди заклучокот дека технологијата не е само алатка, туку двигател на промени што ја моделира иднината на економијата, образованието и општеството. МАСИТ продолжува да ја води дигиталната трансформација, обединувајќи знаење, иновации и партнерства за иднината на Македонија.

12. 12. 2025г.

Специјализиран настан: СЕПА трансфери – национални капацитети и патот кон интеграција

Специјализиран настан: СЕПА трансфери – национални капацитети и патот кон интеграција

Специјализиран настан: СЕПА трансфери – национални капацитети и патот кон интеграција Дигиталната трансформација на финансискиот систем е во полн замав, а МАСИТ, со поддршка од својата членка КИБС АД Скопје, подготви специјализирана работилница посветена на СЕПА стандардите, нивната имплементација и значењето за ИКТ индустријата. 📅 Датум: 19 ноември 2025📍 Локација: itLabs🎙️ Модератор: г-а Маријана Андриќ, Marand Consultants и член на Надзорен одбор на МАСИТ 👉 Што да очекувате? 💡 Реални чекори за имплементација на СЕПА стандардите ⚙️ Практични насоки за техничка и регулаторна подготовка 🏦 Стручни согледувања за иднината на платните системи Настанот ќе отвори јасен поглед кон тоа зошто СЕПА стандардите се важни токму сега и како нивната имплементација може да го унапреди финансискиот и технолошкиот екосистем. Воведното излагање на Маријана Андриќ – Marand Consultants и член на Надзорен одбор на МАСИТ, ќе ги постави основите: од можностите до предизвиците што ги носи овој процес. Следуваат стручни презентации на Сандра Томановиќ – Директор на дирекција за платни системи и поврзани услуги во КИБС, која ќе ја презентира актуелната слика на СЕПА и инстант плаќањата во Европа и Македонија, улогата на КИБС во модернизацијата на платните системи и влијанието на инстант плаќањата врз финансиската динамика. Панел-дискусијата „Каде сме сега и што ни недостасува?“ ќе понуди согледувања од различни перспективи. Во неа ќе учествуваат Ана Хаџиева Ангеловска – Член на Управен одбор и Генерален секретар на Македонската Асоцијација на Корпоративни Правници, Тони Трајковски – Директор на Дирекција за операции на девизни платежни услуги и платни системи во Халк Банка, и Јана Ристоска – ERP и SAP консултант во РСМ ИТ. Панелот ќе ги истакне моменталните предизвици и чекорите потребни за понатамошна интеграција на СЕПА. Настанот завршува со заклучоци и препораки од МАСИТ, по што следи неформално вмрежување. Цена за учество: – 2,500ден + 18% ДДВ по учесник за членки на МАСИТ– 4,000ден +18% ДДВ по учесник за компании кои не се членови на Комората Пријавете се на следниот линк: Регистрација Преземи Агенда

14. 11. 2025г.

Scroll to Top