Официјален став на МАСИТ за темата и иницијативите за забрана за користење на TikTok и други социјални мрежи во нашата држава
Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ ја претставува македонската ИКТ индустрија и ги промовира и застапува бизнис интересите на ИКТ компаниите со цел унапредување и развој на ИКТ индустријата и бизнис опкружувањето.
Во врска со темата и иницијативите за забрана за користење на TikTok и други социјални мрежи во нашата држава, како секторска комора силно стоиме зад ова наше мислење пред јавноста.
Најпрво, искрено сме вознемирени од случувањата во нашето најблиско соседство и сочувствуваме со семејствата и блиските на жртвите и повредените од крвавите масакри во Србија.
Во оваа насока, сметаме дека средствата и каналите за комуникација како социјални мрежи и останати форми треба да се насочат во едукативни цели, а не да се укинуваат. За истото е потребен интегриран концепт и стратегија со вклучување на сите инволвирани страни, започнувајќи од родителите, училиштата, стручните служби, институциите и целокупното општество. Проблемот е повеќеслоен, и затоа и пристапот за решавање треба да вклучи соодветна регулација на содржините кои се пласираат на социјалните мрежи, како и едукација на родителите и децата за користење на социјални мрежи со кампањи за користење на истите со цел истакнување на добрите, но и на лошите страни односно ризиците од прекумерно користење на социјалните мрежи.
Сметаме дека децата најнапред, треба да имаат изграден систем на вредности, за тоа што е добро, а што лошо. Овие вредности примарно доаѓаат од родителите и домашното воспитување со постојана присустност и одговорност, а потоа и од наставниците, професорите и сите останати инстанци во непосредна околина на децата. Со евентуална забрана на социјални медиуми нема да се реши проблемот, напротив, еден забранет медиум брзо и лесно ќе се замени со друг. Од друга страна, пристапот до технологија е круцијален во процесот на дигитализација, процес кој дава огромни придобивки за целото општество и кој се наметнува како потреба на модерното живеење а со тоа и на самите млади луѓе. Треба да се фокусираме на вистинската причина за да може да започнеме со решавање на проблемот. Вистинскиот фокус треба да биде кон поголема семејна и институционална грижа за правилниот развој на децата. Потребна е зголемена будност, реакција и одговорност за спречување на било какво насилство, агресија, или инциденти со или без човечки жртви. Првите чекори за ова се веќе направени со воспоставување на канали за пријава на меѓуврсничко насилство.
За крај, упатуваме апел и до медиумите за нивната одговорност при известување на сензитивни теми и нивна професионалност за анализи и обработка на теми од област на социјалните медиуми, за што Комората МАСИТ секогаш им стои на располагање доколку е потребно дополнително мислење, анализа и слично.
Фундаментот на нашата иднина се нашите деца.
Новости

Поголем глобален пробив на македонскиот ИКТ сектор
МАСИТ на средба со МНР Стопанската Комора за информатички и комуникациски технологии МАСИТ започнува ново поглавје и партнерство со Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија. Ова партнерство има за цел да овозможи поинтензивна и конструктивна поддршка на македонскиот ИКТ сектор. Соработката е насочена кон унапредување на меѓународната видливост на домашниот ИКТ сектор, создавање услови за отворање нови извозни пазари и подобро позиционирање на македонските компании во глобалната економија. Преку заеднички активности, учество на значајни меѓународни саеми, конференции и бизнис форуми, како и преку воспоставување нови канали за поврзување со македонската дијаспора и странските инвеститори, се очекува да се создадат реални можности за раст и развој на компаниите членки на МАСИТ. Во рамките на оваа соработка, планирани се организирање на бизнис делегации и директни средби со потенцијални партнери во странство, подготвка на современи промотивни материјали, како и активности за отворање претставништва на македонски ИКТ компании на стратешки пазари. Дополнително, ќе се развиваат иницијативи за трансфер на знаење и технологии кои ќе придонесат кон подигнување на капацитетите на домашните компании. Претседателот на МАСИТ, г. Јордан Димитровски, напомена дека Комората стратешки се насочува кон долгорочна поддршка и меѓународен пробив на компаниите од оваа индустрија, со јасна цел да создаде услови за одржлив раст и излез на нови пазари преку партнерства и стратешки иницијативи. Министерот за надворешни работи, г. Тимчо Муцунски, потенцираше дека Министерството целосно стои на располагање за реализација на сите идни активности и иницијативи кои ќе овозможат унапредување на конкурентноста на македонските ИКТ компании и нивно поефикасно позиционирање на глобалниот пазар. Преку ова партнерство, МАСИТ ја зајакнува својата улога како активен партнер и поддржувач на компаниите членки во процесот на нивна интернационализација и активен придонес кон посилно позиционирање на Република Северна Македонија на светската ИКТ мапа.
07. 07. 2025г.

„ИКТ, Регулатива и Човечки Капитал“
МАСИТ организира специјализирана работна средба посветена на актуелните предизвици поврзани со примената на Законот за работни односи (ЗРО) во ИКТ индустријата. Настанот ќе се одржи во просториите на нашиот патрон партнер Халкбанк – Дирекција 2, каде што ќе се отвори продуктивна дискусија со релевантни претставници од институции, универзитетски професори и бизнис заедницата.
19. 05. 2025г.

Средба со Министерот за дигитална трансформација
Поставени заеднички приоритети Управниот одбор на МАСИТ реализираше продуктивна средба со Министерот за дигитална трансформација, г. Стефан Андоновски. Средбата беше одлична можност за продлабочување на соработката помеѓу министерството и комората,
22. 06. 2025г.

МАСИТ го реализираше 19-тото Редовно Годишно Изборно Собрание
Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии МАСИТ – Скопје, на 08.05.2025 година, во х. Александар Палас, го одржа своето 19-то редовно годишно изборно Собрание, на кое беше избрано новото раководство на Комората со мандат 2025 – 2028 година.
05. 05. 2025г.

МАСИТ одржа стручна работилница на тема „ИКТ, Регулатива и Човечки Капитал“
Во организација на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, на 28 мај се одржа специјализирана работна средба на тема „ИКТ, Регулатива и Човечки Капитал“, со фокус на клучните предизвици со кои се соочува ИКТ секторот во однос на регулативата, човечкиот капитал и технолошките промени.
30. 05. 2025г.

19-то Годишно Изборно Собрание на МАСИТ
Ве информираме дека на 08.05.2025 година (четврток), со почеток во 10:30 часот во хотел Александар Палас ќе биде одржано, претходно одложеното, деветнаесетто редовно Годишно Собрание на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии МАСИТ Скопје, кое оваа година воедно е изборно. Собранието на Комората е највисок орган и него го сочинуваат сите членови. Членовите на Комората МАСИТ за заедничките работи одлучуваат на Собрание на Комората МАСИТ кое седница одржува еднаш годишно. Согласно Статутот на Комората МАСИТ, еднаш на три години се реализира изборно Собрание на кое се бираат нови претставници во телата на Комората, и тоа Управен одбор, Надзорен одбор, Судот на честа и нов Претседател на Собранието на МАСИТ. Пропратните документи се соодветно проследени до членовите на МАСИТ, согласно роковите утврдени во Статутот на МАСИТ. *Напомена: Очекуваме потврда за присуство на еден претставник од секоја компанија членка. Потребна е задолжителна потврда за учество на следната мејл адреса: contact@masit.org.mk. Доколку на седницата не дојде Управителот/Директорот на компанијата, претставникот на Друштвото треба да донесе полномошно за гласање и учество на Собраниетo.
12. 03. 2025г.