Интервју со Александар Убавков, член на УО на МАСИТ и регионален директор на МусалаСофт
Интервју за денар мк Денар: Како ја оценувате моменталната даночна политика за ИКТ секторот во Македонија од аспект на данок на личен доход, данок на добивка и останати даноци? Колку е поволна и стимулирачка состојбата за развој на ИКТ како една од најпрогресивните гранки во македонската индустрија? Според мојата проценка, во моментот не постои дефинирана политика или стратегија која е дедицирана за ИКТ секторот. Единствена организација која стратешки влијае врз политиките и ги застапува интересите на ИКТ секторот е МАСИТ, кoja како комора делува преку свои активности, но и преку проектите поддржани од УСАИД и други донатори. Би сакал исто така да посочам дека дедицирана национална стратегија и политика за овој сектор е апсолутно неопходна за негова успешност и унапредување. Ова произлегува од податокот дека глобалната даночна политика има многу понагласен ефект врз ИКТ секторот за разлика од другите сектори со самиот факт што ИКТ секторот е сектор со едни од највисоките примања остварени на база на личен доход од работен однос. Единствено што е очигледно во моментот е тоа дека ИКТ секторот има потреба од внимание каде што со заеднички сили на владините органи и искуствата од индустријата би се подобриле овие услови кои во моментот не се благонаклонети и не овозможуваат раст како што заслужува еден просперитетен сектор како ИКТ. Тука би посочил неколку факти за ИКТ секторот и зошто е апсолутно неопходно негово унапредување: ИКТ секторот генерира изразено високо ниво на додадена вредност. Имено, успешна економија е таа каде што приходите во поголем дел се остваруваат од иновативни дејности со повисоко ниво на додадена вредност ИКТ секторот овозможува директна инекција на странски капитал во земјата затоа што во голем дел од услугите и производите се наменети за клиенти од странство и со тоа директно влијае на подобрување на БДП ИКТ секторот е неопходен за развој на сите други сектори, дигитализација на една држава, односно осовременувањето на сите процеси се незамисливи без добро развиен ИКТ сектор ИКТ секторот е зелен, не загадува и не троши ресурси како природни богатства ИКТ секторот генерира приход по вработен (per capita) – еден од највисоките во државата, односно со мал број на вработени во сектор се генирираат високи приходи. Тековната состојба во државата за развој на ИКТ има огромен простор за подобрување особено доколку се направи паралела на тоа што го имаме како примери од земјите во регионот како Србија, Романија и Бугарија каде успешно се спроведени стратегии и политики за стимулирање на ИКТ секторот. Денар: МАСИТ имаше јасен и гласен став околу прогресивниот данок кој особено ги погоди ИТ професионалците. Какви се сега ставовите откако данокот активиран? МАСИТ како комора ги застапува интересите на сите свои членки кои беа обединети во ставот дека сите даночните измени, вклучително и прогресивниот данок, најмногу го погодуваат ИКТ секторот, притоа немајќи силно нагласен монетарен ефект. Нашите позиции како комора се пошироки од самата даночна политика и би сакале да зборуваме за бизнис клима каде што даночната политика е дел од бизнис климата. Тоа што е сигурно е дека даночните измени не ја подобрија бизнис климата конкретно за ИКТ индустријата, а напротив беа создадени дополнителни предизвици со кои овој сектор треба да се справи. Сакам да појаснам дека секторот и без даночните реформи имаше доста предизвици како што е појавата „оддлив на мозоци“, мал пазар на трудот, регулатива на работни односи, бизнис препознатливост и многу други кои заедно ја создаваат ова предизвикувачка бизнис клима. Карактеристика за економиите во развој е што имаат потреба од стимулација за справување со предизвикувачката бизнис клима и најчесто се креираат стратегии каде што би останале повеќе средства во стопанството за истите да бидат реинвестирани назад со што и би се отварил раст на економијата. Ние од ИКТ секторот инвестираме многу во развој на самиот сектор и голем дел од остварените приходи се реинвестираат со цел окрупнување на бизнисот и зголемување на конкурентноста. Даночните реформи кои беа имплементирани допринесоа кон дополнително оптоварување на компаниите од ИКТ секторот што во најголем број на случаи беше компензирано од страна на самите компании. Ова ги прави компаниите поригидни од аспект на инвестирање во развој и раст. Поконкретно, имаме даночна измена која обезбедува незначителен монетарен ефект, а во истиот момент голем дел од компаниите компензираат за вработените да немаат намалување во личен доход остварен по основ на плата, што води кон автоматски аргументот и заклучок дека мерките за намалување на социјалната нееднаквост се невалидни за ИКТ секторот. Единствено што произлегува од ова е влошена бизнис клима и оптоварени компании. Ова директно влијае само на намалување на атрактивноста на државата за нови инвестиции и планови за раст на постоечките компании во ИКТ секторот. Овој ефект е многу понагласен особено споредено со земјите од регионот (Бугарија, Србија, Романија…) кои работат во насока на унапредување на бизнис климата за ИКТ секторот како и за останатите иновативни дејности со висока додадена вредност. Денар: ИКТ индустријата според последните податоци е најбрзорастечка индустрија во Македонија но и гранка која обезбедува значителен волумен на извоз. Како може да се насочи економската политика и даночната регулатива да го искористи овој потенцијал и стимулира овој тренд и понатаму? Јас лично и МАСИТ како комора веруваме во тоа дека имаме заеднички интерес со владиниот сектор да го развиваме ИКТ секторот. ИКТ секторот за разлика од другите сектори е во голема мера извозно ориентиран и успева со релативно помал број на вработени да генерира многу високи приходи. Тргнувајќи од овој постулат, дури и да се направат инвестиции во подобрување на бизнис климата за овој сектор, со што би се овозможило забрзан раст на секторот, монетарно економскиот ефект би бил понагласен т.е. тоа би значело прибирање на повеќе финансиски средства од страна на државата. МАСИТ како комора во соработка со своите партнерски организации, пред се Проектот на УСАИД – Партнерство за подобра бизнис регулатива, работи на градење на позиции на МАСИТ кон градење стратегија за забрзан раст на ИКТ секторот. Ние сметаме на континуиран дијалог со владините органи каде што би ја постигнале заеднички оваа цел. Позициите на МАСИТ се јасни во тоа дека треба да се работи на подобрување на бизнис климата и тоа: Оптимизирање на








