Новости

Подигнување на свеста за потреба од заштита на правата од индустриска сопственост и воспоставување на иницијална правна помош во комората

МАСИТ како водечки партнер, започнува со спроведување на активности во рамки на проектот „Подигнување на свеста за потреба од заштита на правата од индустриска сопственост и воспоставување на иницијална правна помош во комората“, поддржан од страна на Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ. Целта на овој проект е преку низа активности, МАСИТ да им овозможи на своите компании членки соодветна едукација во поглед на придобивките од Intellectual Property Rights (IPR), согледување на најновите современи дилеми наспроти традиционалните поими, овозможување на практична помош и имплементација од страна на комората МАСИТ за заштита на интелектуални права за компании-членки на МАСИТ, преку иницијална прaвна помош и понатамошно насочување. Преку овој проект, сакаме да овозможиме одблизу членките да се запознаат со суштинското значење и придобивките од спроведување на заштита на индустриската сопственост, со интенција да ги поддржиме како компании-членки во донесувањето разумни одлуки преку континуирано работење на подигање на свеста и помош во деловното работење, со крајна цел воспоставување на нова услуга во Комората кон компаниите членки на МАСИТ за постојана правна помош за заштита на интелектуалната и индустриската сопственост. Овој проект го започнуваме со првата едукативно промотивна работилница која е бесплатна за членките на МАСИТ. Во следниот период ќе следат уште две тематски работилници на темата. Работилницата ќе се одржи на 22.11.2023 година (среда) со почеток во 10:00 часот во просториите на нашиот патрон партнер Delight Office Solutions – ул. Максим Горки 13 во Настел Бизнис Центар – прв кат. Местата се ограничени, обезбедете го своето место со регистрација најдоцна до 21.11.2023 (вторник) на следниот линк. Не ја пропуштајте можноста да бидете дел од овој настан на кој ќе дознаеме одговори на прашања кои се поврзани со интелектуалната и индустриската сопственост во комбинација со авторски права како резултат на најновите трендови во ИТ, особено вештачката интелегенција и роботиката.

Новости

#DigitalUnited – 01.11.2023

Building bridges towards our common digital future На 01.11.2023 година, Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии МАСИТ ја одржа својата традиционална Годишна Конферернција по 18ти пат. На овој централен и најважен настан на МАСИТ во фокусот беа најновите трендови, иновации и практични совети од водечките експерти во индустријата. Со темата “Building Bridges: Towards Our Common Digital Future”, а под мотото #DIGITALUNITED, успеавме да ја испратиме нашата порака за обединување на сите чинители во општеството, кои имаат огромна улога во процесите на дигитализацијата и дигиталната трансформација во земјава. Пред публиката од околу 300 гости, гласно зборувавме за дигитализација на процесите на сите нивоа, во јавниот и во приватниот сектор, со презентација на иновативни теми, трендови и решенија кои се достапни на пазарот од страна на ИКТ компаниите но и за тоа какви се искуствата и праксите на тема дигитална трансформација. Оваа година, имавме уникатна можност да слушнеме двајца еминентни почесни главни говорници кои со својата фасцинантна научна позадина и богато искуство, на одличен начин успеаја да ни ги доближат најактуелните области во дигитализацијата. Г-дин Александер Рисој, ЦЕО на нашата компанија членка НЕББ кој пред се’ се осврна на индустријата од која доаѓа, како и симбиозата помеѓу IT и OT (IIOT), што е една од главните носители на дигитализацијата и четвртата индустриска ‘револуција’. Главниот акцент во неговото излагање беше дека во центарот на големата слика за дигитализацијата, всушност треба да е добробитта на човештвото. Низ целиот тек на неговото излагање, имавме можност да погледнеме реални проекти и негови искуства, илустрирани со интересни слајдови. Токму од тој хуман аспект на дигитализацијата во функција на луѓето беше завршниот дел од триесет минутното обраќањето на Александер. Др. Благој Делипетрев е консултант за вештачка интелигенција и поранешен научен советник во Научно Истражувачкиот Центар на Европската комисија, (Joint Reseach Centre) во Испра,  Италија, каде што беше еден од одговорните во проектот AI ​​WATCH, придонесувајќи за развој на Европската стратегија за вештачка интелигенција. Тој е специјализиран за генеративна вештачка интелигенција, (large language models) големи јазични модели и влијанието на вештачката интелигенција врз општеството, имајќи повеќе од десет години искуство во истражување за АI и раководење со проекти. Со два докторати по компјутерски науки, специјализиран за машинско учење/ВИ и алгоритми за оптимизација од Технолошкиот Универзитет во Делфт, Холандија и за апликации за облак од Универзитетот Kирил и Методиј во Скопје. Др. Делипетрев во своето излагање на тема: „Генеративна вештачка интелигенција, клуч за нашата дигитална иднина“ се осврна на предизвиците, предвидувањата, препораките но најмногу на придобивките од користење на вештачката интелигенција и истакна дека „вештачката интелигенција нема да ве замени, луѓето кои користат вештачка интелигенција ќе го направат тоа.“ Сесиите на конференцијата беа врамени во концепт што го задржа вниманието на гостите до самиот крај. Преку сесијата „Сајбер безбедноста како предуслов за дигитална иднина“ експерти од областа за сајбер безбедност ја истакнаа важноста на градењето лидери кои ќе ги предводат процесите на јакнење на националните и регионалните капацитети во делот на сајбер отпорност и сајбер безбедност. Во следната сесија понатаму, слушнавме презентации од ИТ компании кои обезбедуваат дигитални решенија и дознавме како Активноста на УСАИД Партнерства за економски раст придонесува во зголемување на продуктивноста на компаниите од приватниот сектор. Несомнено зклучивме дека само со дигитализација, може да се дојде до самоодржливост и поголема конкурентност и ефикасност на компаниите. Во таа насока, од големо значење е да се слушнат сите страни и сите аспекти. Токму затоа, нашиот официјален партнер на конференцијата – ПроКредит Банка имаа своја сесија, во која го слушнавме приватниот сектор, компании кои не се ИТ, а кои со задовлство ни ги раскажаа нивните инспиративни успешни приказни поврзани со нивната дигитална еволуција и постигнати резултати од воведување на дигитални решенија за процесите во нивните компании. Оваа година за прв пат имавме конференција на која немавме водител. Поточно имавме, но и тој беше во духот на темата на конференцијата. Имено, конференцијата првенствено беше отворена од страна на Ада, која е првиот дигитален асистент во јавниот сектор, а понатаму во текот на целиот настан, беше водена од нашиот дигитален водител – Адам. Како помина конференцијата низ фотографии, може да погледнете во албумот #DigitalUnited на нашата ФБ страница, на следниот линк. Упатуваме голема благодарност до сите кои што беа дел од ова најиновативното издание на МАСИТ – Годишната конференција до сега. Особена благодарност до нашите партнери, поддржувачи и спонзори, со кои заедно успеавме да го заокружиме овој централен настан на МАСИТ и да ги испратиме сите учесници и гости со позитивни впечатоци.

Новости

ВФП Осигурителен брокер – нов патрон партнер на МАСИТ

Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии МАСИТ, ви ја претставува новата соработка – патрон партнерство со ВФП Осигурителен брокер. Чест ни е да ја објавиме соработката со WVP осигурителен брокер најголемо осигурително брокерско друштво во земјава, кои веќе 15 години по ред се лидер на пазарот за приватно здравствено осигурување и пакети за лојалност за вработените. Во рамки на нашата соработка, целиме кон активности во чиј фокус се компаниите членки на МАСИТ. Во соработка со ВФП Осигурителен брокер ќе овозможиме специјални пакети за приватно здравствено осигурување, но и дополнителни активности и содржини, со многу различни бенефиции и поволности за сите вработени во компаниите кои се членки на МАСИТ, како и посебни бенефиции за самите компании.

Новости

КАРЕДО Бизнис центарот поблиску до членките на МАСИТ

Нов патрон партнер: А ПЛУС ИНЖИНЕРИНГ Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии МАСИТ, склучи ново патрон партнерство со градежната компанија „А плус инжинеринг“ која е дел од тимот кој го претставува проектот КАРЕДО. КАРЕДО ќе биде првиот вистински и најсовремен бизнис центар во нашиот град, кој се гради според најнови стандарди и кој нуди голем број различни содржини, со широка намена и тоа: за домување, бизнис, спорт,  рекреација, градинка и многу повеќе.Просториите на КАРЕДО ќе бидат модерно опремени со највисока технологија и високо квалитетна опрема, канцелариски простории опремени со сите потребни содржини кои овозможуваат удобност, економичност, продуктивна работна околина, а со тоа и раст на компаниите чие седиште ќе се најде токму тука. Со својата одлична локација на кејот на реката Вардар во општина Карпош, КАРЕДО нуди лесен пристап до некои од најдобрите скопски удобности. Се наоѓа во близина на Скопје Сити Мол, Супер Тинекс, трите големи болници – Аџибадем Систина, 8 Септември, Поликлиниката Букурешт, бензински пумпи, СЦ Борис Трајковски и Градскиот парк, што го прави совршена дестинација за оние кои бараат премиум начин на живот на погодна локација. Она што го издвојува КАРЕДО е неговиот фокус на луксуз и удобност со акцент на просторот одвоен за веќе докажани, но и нови, брзорастечки бизниси. Располага со прецизно дизајнирани станбени згради, јавни простори за релаксација со многу зеленило и голем број деловни простори кои задоволуваат различни потреби. КАРЕДО ќе има се што ви треба на едно место, од ресторани и кафулиња до фитнес центри, спа центри, аптеки, салони за убавина, приватна градинка, како и shuttle bus сервис. На следниот линк може да разгледате КАТАЛОГ на КАРЕДО , во кој ќе ги откриете сите детали и ќе го разгледате концептот во целост. Веруваме дека ова патрон партнерство ќе допринесе за раст и развој на компаниите членки на МАСИТ, како компании од најбрзорастечкиот сектор во земјава.

Новости

ГАЛЕРИЈА – „ВЕШТАЧКАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА И ПРАВОТО – Предизвици, опасности, перспективи“

Преку фотографии ја пренесуваме атмосферата на работилницата која ја одржавме на тема „Вештачката интелигенција и правото – предизвици, опасности, перспективи“ Голема благодарност до Мартин Василковски од Дата Мастерс кој ги одговори сите прашања и дилеми поврзани со вештачката интелигенција. Исто така, изразуваме голема благодарност и до Драгана Кипријановска од МАК-Систем која се осврна на предностите, ризиците по човековите права и заштитата на лични податоци. И секако, голема благодарност и до коорганизаторот и иницијатор на оваа работилница, адвокат Јован Најденовски од Адвокатска Канцеларија Најденовски, чија идеја беше работилницата од самиот старт и кој сесрдно се посвети на организацијата. Им благодариме на сите учесници и сигурни сме дека ќе се дружиме наскоро повторно на оваа тема.​

Новости

Работилница: „ВЕШТАЧКАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА И ПРАВОТО – Предизвици, опасности, перспективи“

9ти јуни 2023 (петок) 11:00 часот Ја најавуваме следната работилница во организација на МАСИТ во соработка со „Адвокатска канцеларија Најденовски“ како долгогодишен соработник на Комората, која за ПРВ ПАТ ВО МАКЕДОНИЈА ќе се одржи на тема: „ВЕШТАЧКАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА И ПРАВОТО – Предизвици, опасности, перспективи“ Галопирачка брзина на масовно производство и употреба на вештачката интелигенција и роботиката наеднаш наметна лавина дилеми, отвори огромен број на прашања за регулирање на нејзиното генерирање, употреба, реални влијанија, но и правни последици. Светот започнува трка за нормирање на вештачката интелигенција во обид за превенирање на хаотични несакани последици. Оваа работилница е наменета за правниците и HR професионалците во ИКТ друштвата и адвокатите и правните консултанти кои се занимаваат со правото во ИКТ. Целта е за прв пат во Македонија, најзасегнатите лица да слушнат појаснување и дефинирање на тоа што се’ се подразбира под поимот вештачка интелегенција и роботика, за да може во иднина соодветно да се дискутира нормативата и нормативните задачи поврзани со производството, продажбата и примената на вештачката интелигенција. Оваа работилница ќе биде прв чекор во континуиран процес на неформална едукација на правните професионалци низ специфични правни аспекти поврзани со вештачката интелигенција и пред се’ нивно приоритизирање. Место на одржување: НЕТАВИЛ АМФИТЕАТАР – локација Цена за учество: 2500 МКД + 18% ДДВ по учесник 4000 МКД + 18% ДДВ за двајца учесници од иста компанија На учесниците на работилницата ќе им се издаде Сертификат за учество на првата работолница во Македонија на тема „ВЕШТАЧКАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА И ПРАВОТО“ АГЕНДА Местата се ограничени и ќе бидат пополнети по принцип – прв регистриран – прв услужен.Регистрацијата е достапна на следниот линк. По успешна регистрација ќе добиете мејл за потврда, а дополнително ќе ви доставиме и про-фактура која треба да биде платена најдоцна до 07.06.2023 (среда).

Новости

Работилница: „Даночен систем за подобра бизнис клима за успешно функционирање и раст на ИКТ индустријата“

МАСИТ во соработка со својата компанија членка „Маранд Консултанти“,  за своите компании членки организира работилница на тема: „Даночен систем за подобра бизнис клима за успешно функционирање и раст на ИКТ индустријата“ На оваа работилница ќе имате можност да слушнете кои се ставовите и позициите на МАСИТ како ИКТ комора која ги застапува интересите на ИКТ компаниите со цел истата да биде препознаена како акселератор за општествен развој, преку давање конкретни и инклузивни даночни предлози за подобрување на бизнис климата и зголемување на конкурентноста. Дополнително, на работилницата ќе бидат опфатени и следните теми со излагање од страна на еминентни експерти и консултанти од областа: Бенефициите што ги имаат вработените во секторот и регулацијата во предметните закони Даночни импликации од инвестирање во хартии од вредност на домашен и странски пазар Open banking – концепт кој го олеснува пласманот на ИТ услугите на глобален пазар, регулација и подготвеност на засегнатите страни Работилницата ќе се одржи на 30ти мај 2023 (вторник) од 10:30 до 14:00 часотЛокација: ул. Орце Николов 146-б (во просториите на Advantcode) АГЕНДА Цена за учество: 2500 МКД + 18% ДДВ по учесник за членки на МАСИТ 4000 МКД + 18% ДДВ за двајца учесници од иста компанија членка на МАСИТ Местата се ограничени и ќе бидат пополнети по принцип – прв регистриран – прв услужен.Регистрацијата е достапна на следниот линк. По успешна регистрација ќе добиете мејл за потврда, дополнително ќе ви доставиме про-фактура која треба да биде платена најдоцна до 26.05.2023 (петок). Секоја компанија членка која ќе потврди интерес за учество ќе добие „ваучер за консултантски услуги  во доменот на ERP имплементација и дигитализација на финансии, од Маранд консултанти“.

Новости

Официјален став на МАСИТ за темата и иницијативите за забрана за користење на TikTok и други социјални мрежи во нашата држава

Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ ја претставува македонската ИКТ индустрија и ги промовира и застапува бизнис интересите на ИКТ компаниите со цел унапредување и развој на ИКТ индустријата и бизнис опкружувањето. Во врска со темата и иницијативите за забрана за користење на TikTok и други социјални мрежи во нашата држава, како секторска комора силно стоиме зад ова наше мислење пред јавноста. Најпрво, искрено сме вознемирени од случувањата во нашето најблиско соседство и сочувствуваме со семејствата и блиските на жртвите и повредените од крвавите масакри во Србија. Во оваа насока, сметаме дека средствата и каналите за комуникација како социјални мрежи и останати форми треба да се насочат во едукативни цели, а не да се укинуваат. За истото е потребен интегриран концепт и стратегија со вклучување на сите инволвирани страни, започнувајќи од родителите, училиштата, стручните служби, институциите и целокупното општество. Проблемот е повеќеслоен, и затоа и пристапот за решавање треба да вклучи соодветна регулација на содржините кои се пласираат на социјалните мрежи, како и едукација на родителите и децата за користење на социјални мрежи со кампањи за користење на истите со цел истакнување на добрите, но и на лошите страни односно ризиците од прекумерно користење на социјалните мрежи. Сметаме дека децата најнапред, треба да имаат изграден систем на вредности, за тоа што е добро, а што лошо. Овие вредности примарно доаѓаат од родителите и домашното воспитување со постојана присустност и одговорност, а потоа и од наставниците, професорите и сите останати инстанци во непосредна околина на децата. Со евентуална забрана на социјални медиуми нема да се реши проблемот, напротив, еден забранет медиум брзо и лесно ќе се замени со друг. Од друга страна, пристапот до технологија е круцијален во процесот на дигитализација, процес кој дава огромни придобивки за целото општество и кој се наметнува како потреба на модерното живеење а со тоа и на самите млади луѓе. Треба да се фокусираме на вистинската причина за да може да започнеме со решавање на проблемот. Вистинскиот фокус треба да биде кон поголема семејна и институционална грижа за правилниот развој на децата. Потребна е зголемена будност, реакција и одговорност за спречување на било какво насилство, агресија, или инциденти со или без човечки жртви. Првите чекори за ова се веќе направени со воспоставување на канали за пријава на меѓуврсничко насилство. За крај, упатуваме апел и до медиумите за нивната одговорност при известување на сензитивни теми и нивна професионалност за анализи и обработка на теми од област на социјалните медиуми, за што Комората МАСИТ секогаш им стои на располагање доколку е потребно дополнително мислење, анализа и слично. Фундаментот на нашата иднина се нашите деца.

Новости

Средба на МАСИТ со МИОА

На 2ри мај 2023, во нашите канцеларии остваривме средба со Министерот за информатичко општество и администрација, г-дин Азир Алиу, кого го информиравме за проблемите и предизвиците на македонските софтверски компании кои работат исклучиво на домашен пазар. Дополнително, разговаравме и за дигитализацијата на јавните услуги и администрацијата во нашата земја, бидејќи дигитализацијата е решението за зголемување на потенцијалот за раст на нашата економија. На оваа средба се договоривме за целосно вклучување на МАСИТ преку своите компании членки, кои директно ќе учествуваат во работата на работните групи формирани од МИОА, а поврзани со ИТ технологиите и основање на новата Национална Aгенција за дигитализација.

Новости

Либерализација на пазарот на труд

Средба на МАСИТ со Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, г-дин Фатмир Битиќи На 8ми мај 2023, во нашите канцеларии остваривме средба со Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, г-дин Фатмир Битиќи. На средбата разговаравме за недостатокот на работна сила на пазарот на труд, ситуација која не го заобиколува ниту сегментот на ИКТ индустријата, поради што беше нагласена потребата од либерализација на пазарот на труд. „Се соочуваме со структурни промени кои бараат прилагодување на вештините на граѓаните на потребите на пазарот на труд, само на тој начин може да се гради економија која ќе ги следи дигиталните можности кои се поставуваат пред неа и на тој начин да расте. Развојот на дигитални вештини кај економски активното население претставува добра основа за понатамошниот раст на ИКТ индустрија, но дополнителни развојни потенцијали ќе се добијат и со либерализацијата на пазарот на труд“, рече вицепремиерот Битиќи. На состанокот вицепремиерот Битиќи беше запознаен со повеќе иницијативи и процеси на неформално образование кои се спроведуваат од страна ИКТ секторот во земјава, а кои се ставени во функција во кратки временски периоди да извршат преквалификување на работници согласно потребите на оваа растечка индустрија. Вицепремиерот Битиќи истакна дека дијалогот со претставниците на стопанските комори е важен во отворањето на теми кои се од суштинско значење за општеството.   „Мора заеднички да дојдеме до подобра позиција на домашните компании во процесите на дигитализација, во рамки на јавно-приватниот дијалог“, истакна вицепремиерот Битиќи. Претседателот на Управниот одбор на МАСИТ, Илија Господинов истакна дека со воспоставената комуникација преку Комисијата за јавно-приватен дијалог се добива висока вредност за сите чинители во овој процес за надминување на тешкотиите и предизвиците со кои соочуваат компаниите од ИКТ индустријата. „На пат сме да го пронајдеме вистинскиот начин кој ќе даде резултат, преку повисоко ниво на формална комуникација и оперативни чекори ќе дојдеме до подобар дијалог и интеракција помеѓу коморите и Владата“, рече Господинов, притоа нагласувајќи ја потребата од олеснување и унапредување на административните процедури во делот на ангажирање на работна сила во ИКТ индустријата.

Scroll to Top