23.12.2021

ИННОФЕИТ и МАСИТ во соработка за зближување на академската заедница со приватниот сектор

Во насока на воспоставување на долгорочна соработка помеѓу ИННОФЕИТ и МАСИТ, во контекст на зближување на академската заедница со приватниот сектор, на 21.12.2021 година, се одржа првиот официјален настан за Презентација на ИНОФЕИТ Дигитален Иновациски Хаб (ДИХ) и потпишување договор за соработка со МАСИТ.

ИНОФЕИТ и МАСИТ потпишаа меморандум за соработка со кој се овозможува компаниите преку дигиталниот иновациски хаб (ДИХ) да воведат нови технолошки решенија кои ќе им го олеснат работењето.

ДИХ, претставува иновативен центар за дигитални иновации и е one-stop shop каде со техничка експертиза и експериментирање им се помага на компаниите преку користење на дигиталните технологии да станат поконкурентни и да ги унапредат деловните или производните процеси, како и производите или услугите.

Меморандумот за соработка го потпишаа продеканот за финансии и соработка со стопанство на ФЕИТ и управител на ИНОФЕИТ, проф. д-р Владимир Атанасовски и претседателката на Управниот одбор на МАСИТ г-ѓа Анета Антова Пешева. На настанот исто така беа присутни Проректорот за настава на Универзитет „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, Проф. Д-р Христина Спасевска, Деканот на ФЕИТ, Проф. Д-р Димитар Ташковски, Извршната директорка на МАСИТ, Анита Никова, како и неколку претставници на компании членки на МАСИТ.

Пријави се за нашиот newsletter

и добивај информации од Масит