2.01.2020

Интервју со Александар Убавков, член на УО на МАСИТ и регионален директор на МусалаСофт

Интервју за денар мк

Денар: Како ја оценувате моменталната даночна политика за ИКТ секторот во Македонија од аспект на данок на личен доход, данок на добивка и останати даноци? Колку е поволна и стимулирачка состојбата за развој на ИКТ како една од најпрогресивните гранки во македонската индустрија?

Според мојата проценка, во моментот не постои  дефинирана политика или стратегија која е дедицирана за ИКТ секторот. Единствена организација која стратешки влијае врз политиките и ги застапува интересите на ИКТ секторот е МАСИТ, кoja како комора делува преку свои активности, но и преку проектите поддржани од УСАИД и други донатори. Би сакал исто така да посочам дека дедицирана национална стратегија и политика за овој сектор е апсолутно неопходна за негова успешност и унапредување. Ова произлегува од податокот дека глобалната даночна политика има многу понагласен ефект врз ИКТ секторот за разлика од другите сектори со самиот факт што ИКТ секторот е сектор со едни од највисоките примања остварени на база на личен доход од работен однос. Единствено што е очигледно во моментот е тоа дека ИКТ секторот има потреба од внимание каде што со заеднички сили на владините органи и искуствата од индустријата би се подобриле овие услови кои во моментот не се благонаклонети и не овозможуваат раст како што заслужува еден просперитетен сектор како ИКТ.

Тука би посочил неколку факти за ИКТ секторот и зошто е апсолутно неопходно негово унапредување:

  • ИКТ секторот генерира изразено високо ниво на додадена вредност. Имено, успешна економија е таа каде што приходите во поголем дел се остваруваат од иновативни дејности со повисоко ниво на додадена вредност
  • ИКТ секторот овозможува директна инекција на странски капитал во земјата затоа што во голем дел од услугите и производите се наменети за клиенти од странство и со тоа директно влијае на подобрување на БДП
  • ИКТ секторот е неопходен за развој на сите други сектори, дигитализација на една држава, односно осовременувањето на сите процеси се незамисливи без добро развиен ИКТ сектор
  • ИКТ секторот е зелен, не загадува и не троши ресурси како природни богатства
  • ИКТ секторот генерира приход по вработен (per capita) – еден од највисоките во државата, односно со мал број на вработени во сектор се генирираат високи приходи.

Тековната состојба во државата за развој на ИКТ има огромен простор за подобрување особено доколку се направи паралела на тоа што го имаме како примери од земјите во регионот како Србија, Романија и Бугарија каде успешно се спроведени стратегии и политики за стимулирање на ИКТ секторот.

Денар: МАСИТ имаше јасен и гласен став околу прогресивниот данок кој особено ги погоди ИТ професионалците. Какви се сега ставовите откако данокот активиран?

МАСИТ како комора ги застапува интересите на сите свои членки кои беа обединети во ставот дека сите даночните измени, вклучително и прогресивниот данок, најмногу го погодуваат ИКТ секторот, притоа немајќи силно нагласен монетарен ефект. Нашите позиции како комора се пошироки од самата даночна политика и би сакале да зборуваме за бизнис клима каде што даночната политика е дел од бизнис климата. Тоа што е сигурно е дека даночните измени не ја подобрија бизнис климата конкретно за ИКТ индустријата, а напротив беа создадени дополнителни предизвици со кои овој сектор треба да се справи. Сакам да појаснам дека секторот и без даночните реформи имаше доста предизвици како што е појавата „оддлив на мозоци“, мал пазар на трудот, регулатива на работни односи, бизнис препознатливост и многу други кои заедно ја создаваат ова предизвикувачка бизнис клима.

aleksandar_ubavkov_1.2

Карактеристика за економиите во развој е што имаат потреба од стимулација за справување со предизвикувачката бизнис клима и најчесто се креираат стратегии каде што би останале повеќе средства во стопанството за истите да бидат реинвестирани назад со што и би се отварил раст на економијата. Ние од ИКТ секторот инвестираме многу во развој на самиот сектор и голем дел од остварените приходи се реинвестираат со цел окрупнување на бизнисот и зголемување на конкурентноста. Даночните реформи кои беа имплементирани допринесоа кон дополнително оптоварување на компаниите од ИКТ секторот што во најголем број на случаи беше компензирано од страна на самите компании. Ова ги прави компаниите поригидни од аспект на инвестирање во развој и раст. Поконкретно, имаме даночна измена која обезбедува незначителен монетарен ефект, а во истиот момент голем дел од компаниите компензираат за вработените да немаат намалување во личен доход остварен по основ на плата, што води кон автоматски аргументот и заклучок дека мерките за намалување на социјалната нееднаквост се невалидни за ИКТ секторот. Единствено што произлегува од ова е влошена бизнис клима и оптоварени компании. Ова директно влијае само на намалување на атрактивноста на државата за нови инвестиции и планови за раст на постоечките компании во ИКТ секторот.

Овој ефект е многу понагласен особено споредено со земјите од регионот (Бугарија, Србија, Романија…) кои работат во насока на унапредување на бизнис климата за ИКТ секторот како и за останатите иновативни дејности со висока додадена вредност.

Денар: ИКТ индустријата според последните податоци е најбрзорастечка индустрија во Македонија но и гранка која обезбедува значителен волумен на извоз. Како може да се насочи економската политика и даночната регулатива да го искористи овој потенцијал и стимулира овој тренд и понатаму?

Јас лично и МАСИТ како комора веруваме во тоа дека имаме заеднички интерес со владиниот сектор да го развиваме ИКТ секторот. ИКТ секторот за разлика од другите сектори е во голема мера извозно ориентиран и успева со релативно помал број на вработени да генерира многу високи приходи. Тргнувајќи од овој постулат, дури и да се направат инвестиции во подобрување на бизнис климата за овој сектор, со што би се овозможило забрзан раст на секторот, монетарно економскиот ефект би бил понагласен т.е. тоа би значело прибирање на повеќе финансиски средства од страна на државата. МАСИТ како комора во соработка со своите партнерски организации, пред се Проектот на УСАИД – Партнерство за подобра бизнис регулатива, работи на градење на позиции на МАСИТ кон градење стратегија за забрзан раст на ИКТ секторот. Ние сметаме на континуиран дијалог со владините органи каде што би ја постигнале заеднички оваа цел. Позициите на МАСИТ се јасни во тоа дека треба да се работи на подобрување на бизнис климата и тоа:

Оптимизирање на даночниот систем со цел овозможување на раст

Данок на личен доход

Признавање на трошоци во врска со расход за вработени

Оптимизации на социјалните придонеси кои се засметуваат на плата

Стимулирање на дополнителни вложувања на компаниите за доброволно приватно здравствено осигурување

Донации во образованието како јавна дејност

Осовременување на законот за работни односи да поддржува иновативни дејности како ИКТ

Стратегија за борба против појавата „Одлив за мозоци“

Можност за инвестиции на компаниите во образовните институции со цел нивно унапредување.

Дополнително, преку поддршка од Амбасадата на Обединетото Кралство, МАСИТ во претстојниот период ќе работи и на проект за градење на дигиталните вештини на младите, како и на програми за преквалификација (кои и досега МАСИТ ги спроведуваше со поддршка на УСАИД).  Ние како комора веруваме дека го имаме потребниот капаците и искуство заеднички со владините органи да создадеме една нова клима за ИКТ секторот која што ќе поддржи брз и константен раст.

Денар: Која од странските земји има даночна и економска политика во ИКТ секторот со докажани позитивни практики кои Македонија треба да ги превземе и што подразбираат тие?

Тука би дал повеќе позитивни и негативни примери кои може да се земат во предвид при оптимизација на бизнис климата за раст на ИКТ секторот. Исто така, заради природата на мојата работа доста добро сум запознаен со политиките за развој на ИКТ како во земјите од соседството, така и со подалечни земји кои во различен период ми биле тема на инвестициска анализа. Како најсвеж пример тука би ја посочил Полска, каде се воведоа даночни ослободувања од 1.8.2019 година, конкретно од персонален данок со цел да се бори со појавата „Одлив на мозоци“.  Даночна екзумција за млади луѓе на возраст до 26 години, т.е. ослободени од персонален данок. Повеќе информации има на следниов линк.

Моделот на Романија е исто така многу успешен,  што даде одлични резултати за развој на ИКТ секторот.  Во период од 10 години Романија се откажа од персонален данок за вработени во ИКТ секторот. Овој модел е нешто кое ние како комора доста често го спомнуваме.

Бугарија пак од друга страна се држи до концептот за рамен данок – 10%, дополнително има ограничување или горен лимит за социјални придонеси. Овој праг се зголемува од година во година со цел да не се изврши дестабилизација на индустриите со висока додадена вредност. Со цел да се стимулира претприемништво пак, данокот на дивиденда е 5%.

Србија од друга страна има механизам на паушално даночење каде што ИТ специјалистите се третираат како занаетчии и се даночат базирано на локацијата на тоа каде ја извршуваат својата дејност и според средниот приход во таа општина. Ова мерка е направена исто како во Бугарија со цел на поттикнување на претпиемништвото.

aleksandar_ubavkov_1.3

Еден не толку добар пример од малку подалечна локација што имав прилика да ја посетам е моделот на Бангладеш. Бангладеш е земја со некаде околу 170М луѓе која генерира приход од ИКТ приближно 120М американски долари. Секој што правел инвестициски анализи би го воочил фактот дека ова е многу мала бројка како ниво на државен приход од ИКТ за земја со 170М жители која што е веднаш до Индија каде што ИКТ е доста развиен сектор. После неколку анализи и разговори со ИКТ комората во Бангладеш дознав на што се должи ова. Една од предходните влади во Бангладеш има донесено закон за даночење на ИКТ услуги за извоз, со други зборови даночење на оутсорсинг со 10%. Ова генерира стравотен ефект што предизвикува масовно префрлање на бизнис представништата на компаниите во локации со подобра бизнис клима и вршење на бизнис активностите од други места. Како резултат на ова, целиот извоз на ИКТ услуги од Бангладеш сега минува преку компании надвор од Бангладеш. Реалната бројка на приходи од ИКТ би била некаде околу 1 Милијарда долари. Со други зборови државата губи 900М во БДП за сметка на лошо дизајнирана даночна измена. 120М кои се прикажани во статистиките како удел на ИКТ во БДП се само за внатрешна економија во рамките на државата. Со цел да се бори со ова државата го менува надворешното даночење со субвенции во ист размер т.е. наместо 10% даночење на извоз воведува 10% субвенции на извоз за ИКТ. Новите измени не придонесуваат за компаниите да се вратат во Бангладеш и покрај новите механизми на субвенционирање.

Уверен сум дека постојат низа од примери на светско ниво, но заклучокот е дека  ИКТ секторот е многу деликатен и има потреба од дедицирано внимание со цел негово унапредување и раст.

Денар: Какви услови добиваат ИКТ професионалците во Македонија од аспект на финансиски и нефинансиски бенефиции во однос на условите во ЕУ земјите?

Во мојата кариера имав можност да работам во неколку земји надвор од земјата каде што конкретно од ЕУ – Бугарија и Германија. Како најголем бенефит би го потенцирал тоа што кога сте дома во својата земја, можете да си дозволите достоен живот. Имено, куповната моќ на еден програмер во Македонија и Бугарија (на локално ниво) е многу поголема во сооднос отколку куповната моќ на еден програмер во Германија. Со развојот на бизнис секторот, програмерите можат да работат на проекти од светски рамки за европски плати и да живеат дома во местото каде што израснале. Со развој на секторот во последните години имаат можност да работат на иновативни проекти за светски брендови од дома. Работата која денес инженерите во ИКТ ја работат е скоро иста со тоа што би го работеле во странство.

aleksandar_ubavkov_1.4

Дополнително, за мене лично најважно, но верувам и за многу други – е што можеме да го дадеме својот придонес за развој на секторот каде што со заеднички сили и искуства би го изградиле и би биле горди на него. Знам дека можеби звучи нескромно но јас мислам дека еден вработен во ИКТ сектор во државата може и во овој момент да си дозволи достоен живот по Европски стандарди.

Денар: Од релевантни институции констатиран е јаз помеѓу дигиталните вештини на кадрите во Македонија и потребите на пазарот. Во кој правец треба да се промени високото образование и дали институциите од неформалниот образовен сектор се корисни во оваа насока?

Ова е доста деликатно прашање, а на вакви прашања не постои прост одговор. Со брзиот раст на секторот и појавата „Одлив на мозоци“, каде што оваа појава е најзабележителна во сегментот на професионалци со најголемото искуство, компаниите се соочуваат со недостаток на кадар кој има и знаење и искуство за сметка на оние што ја напуштаат државата и на сметка на самиот раст на бизнис сегментот.

За жал кога некој со 10 години искуство заминува не може да биде заменет со некој кој штотуку излегол од факултет или има релативно мало искуство. Оваа потреба отвара нов релевантен бизнис модел каде што има потреба од инкубација на ИТ кадри каде што би се забрзал нивниот кариерен развој. Има позитивни искуста со одлични резултати за овој модел кој е не апликативен за enterprise сегментот зато што овој сегмент има потреба од домеин познавања.

Во однос на високото образование секако дека има простор за подобрување но, би сакал да потенцирам на тоа дека квалитетот на кадрите бележи подобрување. Тука мислам дека клучниот момент е да се овозможат адекватни услови за бројот на студенти кои се запишуваат, во овој момент мислам дека има повеќе студенти отколку капацитет од аспект на инфраструктура и професорски кадар, особено на државните универзитети. Тоа што може да се подобри со давање на можност на индустријата да донира во во образовните институции преку модел сличен на моделот за поддршка на спортски друштва или спортисти.

Пријави се за нашиот newsletter

и добивај информации од Масит