26.02.2020

Интервју со Анита Никова, МАСИТ: ИКТ секторот има голем потенцијал за извоз, потребни се мерки за да биде поконкурентен

Интервју за извоз.мк

Анита Никова е извршен директор на МАСИТ, Стопанската комора која ги претставува интересите на компаниите кои работат во областа на информатичките и комуникациски технологии и која со години назад посветено работи ИКТ индустријата да го добие вистинското место во економијата и државата кое го заслужува.
ИКТ секторот во 2018 година оствари приходи од над 862 милиони евра, а извозот на оваа индустрија во изминативе пет години порасна од 60 милиони евра, на над 160 милиони евра. 
Никова вели дека ИКТ секторот има многу голем потенцијал да го зголеми извозот со поголема додадена вредност од земјава. Во интервју за Извоз.МК Никова ги најавува и објаснува мерките кои МАСИТ ќе ги побара од државата за ИКТ секторот да стане уште поконкурентен. Меѓу барањата на МАСИТ се намалување на фискалните давачки за вработените, поддршка за инвестициите во образование и обука на кадри, како и низа различни даночни мерки и стимулации преку кои ќе се подобрат условите за работа на вработените во овој сектор.

 

Подолго време сте на чело на МАСИТ како извршен директор , која е практично гласот на македонската ИКТ индустрија. Колку како Комора сте задоволни од досега постигнатите резултати во насока ИКТ индустријата да го добие вистинското место и третман?

 

МАСИТ веќе 20 години ги претставува и застапува интересите на ИКТ индустријата во државата, притоа борејќи се ИКТ индустријата да го добие вистинското место и третман, за што сметам дека сме се уште далеку, иако значаен дел од нашите предлози и забелешки во изминатите години биле прифатени и реализирани.
Залагањата на МАСИТ не се поврзани само за стимулирање на ИКТ секторот, туку за подигање на свеста на целокупното општество дека без ИКТ индустријата е невозможен раст на вкупната економија во сите гранки на стопанството и нејзина конкурентност.
Потребно е да се промени перцепцијата за ИКТиндустријата, дека таа не претставува само услужна дејност на другите гранки, туку дека таа е ‘рбетот за просперитет и развој. Ние веруваме во потенцијалот на ИКТ индустријата која може да направи подобрување на целокупната економија и на квалитетот на живот на сите граѓани во нашата држава.

ИКТ индустријата бележи континуиран раст и развој во последните неколку години. Може ли малку посликовито да ја доближите до јавноста важноста и значењето на ИКТ индустријата за македонската економија?

 

ИКТ индустријата е редок пример за дел од македонската економија кој има потенцијал да генерира силен економски раст и бенефити кои се чувствуваат не само во економијата, туку и во целото општество воопшто. Тоа е индустрија каде постојат директни инвестиции без експлоатација на природни богатства, нема загадување на човековата околина, а притоа државата од суровинско извозна, може да се претвори во извозник на производи и услуги со висока додадена вредност.
Експанзијата на оваа индустрија значи зголемување на девизните приливи, развој на сите други сектори, дигитализација на стопанството и на самата држава, односно на државниот апарат.
Денес, технолошкиот развој на една земја е непосредно поврзан со развојот и напредокот на ИКТ секторот затоа што тој е носител на најмодерните концепти на управување, производство, маркетинг и тн.
ИКТ секторот има неограничен потенцијал и бележи константен раст на вработувањето, додека вработените се едни од најплатените професионалци, а работат во убедливо најдобри услови и придонесуваат најмногу со даноци и придонеси во државата.
Согласно податоците со кои располагаме, ИКТ секторот бележи континуиран раст со остварени вкупни приходи од 862.342.656 евра во 2018 година, кои во споредба со 2017 година бележат зголемување за 10%. Пораст се бележи и во бројот на вработени во секторот кои на крајот на 2018 изнесувале 14.541, односно 7% повеќе во споредба со 2017 година.
Извозот исто така бележи големи стапки на раст со остварени извозни приходи од 160 милиони евра за 2018 година, односно раст од 25% во споредба со 2017 година. Набрзо ќе ги имаме и бројките за 2019 година кои очекуваме дека ќе покажат понатамошен забрзан раст на овој сектор.

Дополнително пораст се забележува и во просечната нето плата исплатена во секторот која, согласно последните податоци објавени од Заводот за статистика, за октомври 2019 година изнесува 60.899 денари (пораст од 2.1% од истиот период лани) и е за 2,4 пати поголема од просечната плата во државата.

За важноста и значењето на овој сектор за македонската економија посочуваме на показателот просечни приходи по вработен кој на ниво на цела економија изнесува 15.317 евра, а во ИКТ секторот просечен приход по вработен изнесува 59.304 евра. Ова значи дека еден вработен во ИКТ секторот придонесува во остварените приходи 3,9 пати повеќе од просекот за целата економија.

Извозот на информатички и компјутерски услуги од земјава бележи високи стапки на раст во изминативе години. Како Вие го проценувате извозниот потенцијал на овој сектор и како извозот на ИКТ сектор може да се зголеми?

 

Аутсорсинг индустријата е една од најбрзо растечките во С.Македонија, со двоцифрен пораст на вработувањата во секоја од последните пет години, и се развива како една од најветувачките индустрии во националната економија.

Бројот на вработени кои работат во 187 компании од оваа област изнесува 5.713, што е 0,6% од вкупниот број на вработени во економијата. Тоа е за 1.174 луѓе повеќе од 2017 година, а се очекува бројката да достигне 15.000 вработени во 2022 година.

Приходите на аутсорсинг индустријата достигнаа 150,3 милиони евра во 2018 година, односно растат со просечна стапка од 17,9% годишно во периодот 2015 – 2018 година. Оваа индустрија расте значително побрзо од домашната економија и до 2022 година нејзините приходи ќе се приближат до 288 милиони евра.

Кои  мерки би можеле да бидат ефикасни за да се зголеми конкурентноста на овој сектор и да се зголеми извозот?

 

Прво, преку намалување на фискалните давачки за вработените во ИКТ секторот неопходно е да се промовира конкурентноста на македонските ИКТ компании на меѓународниот пазар.

Второ, преку поддршка на образованието, како формално, така и неформално образование, потребно е да се продуцираат нови квалитетни кадри и дообразба на постојните вработени кои во иднина ќе бидат носители на индустријата.

Трето, преку различни мерки треба да се создадат подобри услови за работа на вработените во ИКТ секторот што ќе биде мотив тие да останат во државата.

Сепак, покрај овие три групи на предлог мерки, потребно е државата преку сите нејзини политики да води сметка за потребите и специфичностите на ИКТ индустријата и разните државни политики и правила кои можат да се одразат на работењето и конкурентноста на фирмите, да ги прилагоди на нивните потреби.

Претседателката на МАСИТ, г-ѓа Анета Пешева неодамна најави дека МАСИТ работи на подготовка на предлог даночна реформа само за ИКТ секторот, која ќе биде подготвена врз база на компаративна анализа на земјите од регионот каде ИКТ секторот е многу развиен благодарение на различни даночни стимулативни мерки од страна на државата. Можете ли да ни откриете нешто повеќе околу мерките кои ќе бидат предложени или барем да посочите некои примери од другите земји како тие го поддржуваат овој сектор и даваат резултати?

Дел од мерките кои ги предлагаме со цел одржување и зголемување на конкурентноста на домашните ИКТ фирми кои се натпреваруваат на висококомпетитивниот глобален пазар е намалување на давачките што македонските компании ги имаат по однос на плати за вработените.

Tука, постојат две можни решенија. Првото е да се намали даночната стапка кај данокот на личен доход за вработени во ИКТ секторот на 0%. Ова решение не е непознато во регионот. По воведувањето на ваквата даночна стапка Романија успева да ги задржи кадрите во оваа индустрија, па дури и да врати одреден процент од работната сила која дотогаш масовно ја напушташе државата. Второто можно решение е лимитирање на износот за основицата на кој се плаќаат придонесите за социјално осигурување за вработените во ИКТ секторот. Ваквиот модел е применет во Бугарија, земја од регионот каде има силно растечки ИКТ сектор.

Исто така, во однос на инвестициите во образованието во кадри кои ќе бидат спремни да ги задоволат потребите на оваа растечка индустрија, како во однос на квантитет т.е. бројот на нововработени за кои индустријата има потреба, така и во поглед на квалитетот на нивното образование кое треба да е соодветно за успешно извршување на работните обврски, предлагаме два типа на мерки. Првите би се фокусирале на дообразувањето или усовршувањето на постојните вработени во секторот, додека вториот сет на мерки би се фокусирал на образовните институции кои едуцираат кадри за ИКТ индустријата.

По однос на првиот сет на мерки,  државата треба да го стимулира инвестирањето во образованието на вработените во ИТ секторот преку ослободување од оданочување или да го намали утврдениот данок за трошоци поврзани со школарини, учество на конференции, семинари, обуки на вработените.
Ако знаеме дека државата ги признава и ослободува од оданочување трошоците за инвестирање во нова опрема, компјутери на пример, логично би било да ги признае како трошок и инвестициите во образованието, во знаењето на вработените што е клучен предуслов и основна алатка за работа во ИТ секторот. Ова не е непознато решение. Ако погледнеме во регионот Хрватска има воспоставено одличен модел за државна помош за истражувачко-развојни проекти и државна помош за образование и обука на вработените.

По однос на вториот сет на мерки потребно е да се воведат даночни поттикнувања за донации во образование, како донациите во спортот на пример, со кои ќе се стимулираат вложувањата на ИКТ компаниите во образовните институции. Тоа би било од голема корист за образовните институции, а компаниите одблиску би го следеле процесот на образование на идните кадри во индустријата.

Мобилноста на кадрите во ИКТ секторот е голем проблем и за македонските ИТ компании. Како борбата за задржувањето на квалификувани кадри може да биде успешна?

 

Со подобрување на условите за работа и поквалитетен живот на вработените во ИКТ индустријата треба да се работи на задржување на постојните вработени и мотивирање на новите кадри да се вработат во домашни компании.
Неспорно е дека миграцијата на висококвалификуваната работна сила од ИКТ индустријата во други држави не се должи единствено на економскиот интерес, т.е. поголемите плати, туку добар дел од причините за миграција треба да се бараат и во подобрите услови за живот (здравство, образование, инфраструктура и тн.) што за вработените и нивните семејства што државите пред се’ од Западна Европа ги нудат.

Затоа, преку сет на мерки, а со цел да се мотивираат вработените да останат во домашните фирми, потребно е да се предвидат даночни признавања за направени трошоци во подобрување на работните услови (спорт и рекреација, team-building, одмор, грижа за деца и сл.) коишто компаниите во ИКТ индустријата би ги добиле за вакви вложувања што ќе значат поквалитетен живот за вработените и нивните семејства.
Исто така, имајќи го во предвид квалитетот на услугите во државното здравство, неопходна е и даночна стимулација за трошоците за приватно здравствено осигурување што мнозинството на вработените во ИКТ индустријата го плаќаат.
Постојано подобрување на образовниот систем и животната средина се исто така фактор кој ги мотивира младите висококвалификувани кадри да се иселуваат.

Како ја проценувате подготвеноста на компаниите и институциите да се носат со предизвиците кои ги носи новото време на се поголема дигитализација? Колку Македонија е далеку од дигитализирана држава?

 

До одреден степен, развојот на дигиталното општество во Македонија е на добар пат. Имено имаме редица на ИКТ решенија имплементирани од страна на државни органи кои функционираат одлично, но имаме и такви кои се имплементирани, надградени и кастомизирани, и кои повторно не функционираат.
Потребен е стратешки пристап во дигитализацијата на државниот сектор, кој ќе биде интероперабилен и комплетно компатибилен. Ова во превод значи дека сите државни институции меѓу себе ќе комуницираат олеснето, а за граѓаните ќе значи олеснет живот од многу аспекти.

Во паралела треба да се размислува за поддршка на дигитализација и на МСП секторот од другите индустрии, со цел одржување и зајакнување на нивната конкурентска предност како дома, така и на пазарите на кои истите настапуваат и извезуваат.
И секако за крај, постојана грижата за вработените и општо подигање на свеста дека тие се највредното нешто во секоја компанија.

Пријави се за нашиот newsletter

и добивај информации од Масит