2.01.2020

Настан – Законските прописи како можност и предизвик за формирање на стартап

На 03 јули 2019 година, во Битола, МАСИТ заедно со Стопанска комора на Македонија, Стопанска комора на северо-западна Македонија, Сојуз на стопански комори на Македонија и ЕПИ Центар интернационал го одржа информативниот настан на тема „Законските прописи како можност и предизвик за формирање на стартап компанија“, во рамки на Проектот на УСАИД – Партнерство за подобра бизнис регулатива.

„Веќе подолго време го следиме развојот на стартап заедницата – притоа трудејќи се во чекор да ги примениме светските трендови. Но, за да можеме да се развиеме целосно на ова поле, да ја препознаеме потребата од слободен развој на идејата преку формирање и функционирање на стартапите во државата, мораме точно да знаеме со што точно располагаме од една страна како бенефит и придобивка, но и со што се соочуваме од друга страна како пречка или тешкотија, на што треба да работиме. Токму тоа е целта на денешниот настан – од повеќе агли и со повеќе експерти да дискутираме за сите проблеми со кои се соочуваме, да ја препознаеме стартап заедницата како иден многу важен двигател на економијата и да утврдиме кои ни се можностите за промена на легислативата, како појдовна точка за формирање на еден стартап. Да утврдиме дали и со кои проблеми се соочуваат иноваторите кога прв пат се сретнуваат со регулативата по која треба да функционираат, дали истата има потреба од соодветно прилагодување, за да ги следи економските текови во светот“ – истакна Александра Чавдаревска, правник на МАСИТ.

Оваа заложба е веќе препознаена и е на дневен ред во Министерството за економија, со што сметаме дека нашата посветеност на темата може само позитивно да придонесе кон создавање на конструктивна атмосфера за измена на законското решение, преку принципите на јавно-приватен дијалог.

На денешниот настан покрај експертите и претставниците на бизнис секторот присутни беа идни претприемачи и млади луѓе кои имаат идеи за да започнат сопствен стартап бизнис. Токму затоа на настанот се разви дискусија за конкретните предизвици кои постојат при формирање стартап компанија, кои се условите кои треба да се подобрат и како да се подигне културата на развој на компаниите.

Стопанските комори, кои се дел од овој проект активно се занимаваат со сите прашања и предизвици со кои се соочуваат компаниите во земјава во нивните секојдневни бизниси. Исто така Проектот изработи и бесплатен прирачник за започнување и водење бизнис и на располагање обезбедува постојано информации за поддршка на компании преку агрегатниот портал biznisregulativa.mk.

/  /  /

Американскиот народ преку УСАИД има инвестирано повеќе од 640 милиони долари во Северна Македонија од 1993 година досега. УСАИД е најзначајната меѓународна агенција за развој во светот и двигател кој води до резултати во развојот. Работата на УСАИД носи напредок во националната безбедност и економскиот просперитет на САД, ја покажува американската великодушност и на земјите со кои соработува им помага на патот до самостоен и стабилен развој. За повеќе информации посетете ги нашите веб и Facebook страници: https://www.usaid.gov/north-macedonia и https://www.facebook.com/USAIDNorthMacedonia/.

Проектот на УСАИД – Партнерство за подобра бизнис регулатива е четиригодишен проект со буџет од 1.9 милиони долари кој има за цел да ја подобри бизнис регулативата и да им помогне на малите и средни претпријатија полесно да ја следат и имплементираат честопати комплексната и неповолна регулатива. Проектот го спроведува ЕПИ ЦЕНТАР Интернационал во партнерство со Стопанска комора на Македонија, Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, Стопанската комора на северозападна Македонија и Сојузот на стопански комори на Македонија.

Пријави се за нашиот newsletter

и добивај информации од Масит