МАСИТ и Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ со заедничка благородна мисија потпишаа меморандум за соработка. Меморандумот предвидува двете страни заеднички да ги насочат своите заложби кон трансформирањето на Македонија во просперитетно и пристојно место за живеење, со посебен фокус на децата без родители.
Првата активност со која ќе започне соработката ќе биде промоција на Фондот за школување пред членовите на комората кој на децата без родители ќе им обезбедува компјутери, курсеви за англиски јазик, обуки за компјутерски вештини, подготовка за вработување и реализирање 1-на-1 менторска програма за деца без родители.
Менторите на децата без родители ќе им обезбедат емоционална поддршка, образовна помош, ќе ја поттикнуваат социјалната инклузија, ќе им помогнат во негување животни вештини, и всадување самодоверба. Mенторската програма ќе ја изведуваат успешни македонски претприемачи и искусни професионалци од hi-tech индустријата кои ќе го споделат своето животно и професионално искуство со децата и ќе се обидат не само да ги инспирираат туку и да ги поттикнат на дејство, давајќи им при тоа клучни насоки за ориентација и ќе им пружат поддршка во нивната кариера.
На средбата по повод потпишувањето на меморандумот за соработка, претседателот на Управниот одбор на МАСИТ, Илија Господинов изјави: „Веруваме во важноста на образованието, филантропијата и општествената одговорност и сме сигурни дека со заедничките напори можеме да направиме разлика во животите на многу деца.“
„Македонија може да стане пристојно место за живеење, особено за децата без родители со обедување на луѓе и организации кои поддржуваат вакви цели и вредности. Токму таков партнер пронајдовме во МАСИТ.“ –изјави извршниот директор на фондацијата, Александар Марјановиќ по потпишувањето на меморандумот.
Следуваат бројни активности во рамки на оваа соработка.