На 30ти октомври 2024 го реализиравме вториот настан во рамки на Годишната Конференција на МАСИТ, во чиј фокус беше примената на најновите технологии во здравството.
Настанот привлече над 250 гости, меѓу кои бројни експерти од ИКТ индустријата, здравствениот сектор, доктори, хирурзи, фармацевти и претставници од различни сектори.
Поздравни обраќања за почеток имаа г-н Илија Господинов, претседател на Управниот одбор на МАСИТ, и г-н Јован Најденовски од Адвокатската канцеларија Најденовски, кој воедно беше и ко-организатор на вториот ден од конференцијата.
Имавме огромна чест да го слушнеме излагањето на нашиот почесен гостин, г-н Сем Аталах, професор по хирургија на Медицинскиот факултет при Универзитетот на Централна Флорида (Орландо, Флорида, САД), директор на Колоректална хирургија во HCA Oviedo Medical Center и заменик-претседател на Одделот за колоректална хирургија при AdventHealth (Орландо).
Следеше презентација од страна на г. Огнен Плавевски, Директор за технологии и ко-основач во 3DLoom и д-р Стефан Арсенков, специјалист по абдоминална хирургија, ко-основач и медицински директор на 3DLoom, кои дадоа осврт за нивната работа и улогата на вештачката интелигенција и 3D печатењето во хируршката пракса.
Тие понудија длабински преглед на тоа како вештачката интелигенција и 3D печатењето ја трансформираат медицинската слика во прилагодени хируршки алатки, специфични ортози и детални анатомски реплики за унапредување на грижата за пациентите и нивно поефикасно заздравување.
Следната презентација ни ја донесе д-р Анела Тосевска, биоинформатички научник на Медицинскиот универзитет во Виена, со излагање на тема ‘Од код до лек: Како вештачката интелигенција ја револуционизира генетиката за персонализирана медицина’.
Како почесен гостин говорник, таа ни покажа како AI технологиите го менуваат пристапот кон генетиката, овозможувајќи прецизен и прилагоден третман за секој пациент.
Во продолжение, имавме чест да слушнеме од проф. д-р Маја Симоноска Црцаревска, редовен професор и раководител на Институтот за фармацевтска технологија при Фармацевтскиот факултет, УКИМ – Скопје, проф. д-р Зорица Наумовска, вонреден професор и раководител на Националниот фармакоинформативен центар (НФИЦ) при Институтот за фармацевтска хемија, и асистент Евгенија Михајловска, специјалист по клиничка фармација од истиот Институт.
Нивната тема ‘Употребата на ВИ во истражување, развој и производство на лекови, користење на big data анализи за ефектите и примената на лековите и развој на персонализирани терапии’ ни донесе динамична дискусија која ни ги откри најновите трендови и иновации од овој напреден домен на медицината и фармацијата.
Понатаму, продолживме со презентацијата од страна на доц. д-р Горан Спиров, специјалист по радиологија и нуклеарна медицина, и м-р Сашо Николовски, специјалист по медицинска нуклеарна физика, професионалци од Универзитетскиот институт за позитронско-емисиона томографија – ПЕТ Центар. Темата на која ни говореа беше Радиомици во ПЕТ/ЦТ: моќта на медицинските слики и се фокусираше на тоа како радиомиката го отклучува потенцијалот на ПЕТ/ЦТ технологијата за подобро разбирање и прецизно дијагностицирање во медицината.
Следно на конференцијата, имавме прилика да го слушнеме проф. д-р Анис Сефиданис, професор на Факултетот за машинска интелигенција и роботика при Универзитетот за информатички науки и технологии ‘Св. Апостол Павле’ – Охрид, и основач на Центарот за истражување и развој на експоненцијални технологии ‘СЕФИДАНИС’.
Неговото излагање на тема ‘Вештачка интелигенција и трансхуманизам: Како да го редефинираме човечкиот потенцијал?’ нè натера да размислуваме за иднината на технологијата и нејзината интеракција со човечките способности.
На тема Вештачка интелигенција во стоматологијата – иднината на протетиката, хируршките зафати и превентивната грижа, ги проследивме врвните доктори од оваа област во нашата земја.
Д-р Александар Илиев, специјалист по максилофацијална хирургија, ни откри како се применуваат современите технологии за 3D визуелизација и печатење во краниофацијалната хирургија, што отвори нови перспективи за подобрување на хируршките процедури и пациентската грижа. Доц. д-р Елена Петрова, специјалист ортодонт на Клиниката за ортодонција и едукатор на специјализантите од УКИМ и УГД, која говореше на тема Улогата на вештачката интелигенција во современата ортодонтска пракса, истакнувајќи како AI технологиите го трансформираат пристапот кон дијагностика и третман во ортодонцијата.
Продолживме со уште една продуктивна панел дискусија на тема ИКТ и ВИ – моментални технологии и трендови за развој, достапни алатки и иновативни решенија за иднината.
Фокусот на оваа дискусија беше на најновите иновации и практики во ИКТ индустријата поврзана со здравствениот сектор, а учествуваа д-р Стојан Николиќ, MSc, бизнис развоен консултант и ко-основач на Модерм, агенција за здравствен маркетинг, г. Марјан Николовски, основач и извршен директор на EMIT Knowledge, г. Синиша Јовиќ, биомедицински инженер од Proxiad SEE и г. Томче Делев, главен софтверски инженер и раководител на развој во Sorsix.
Кон крајот на овој продуктивен ден, имавме чест да ја слушнеме г-а Александра Манолчева од EIT Community RIS Hub, која одржа презентација на тема ‘HealthTech глобални трендови и EIT Health можности за македонскиот екосистем’.
Во своето излагање, г-а Манолчева ја истакна важноста на глобалните трендови во здравствената технологија и како тие влијаат на развојот на локалниот сектор. Таа ги презентираше можностите што EIT Health ги нуди за македонските претпријатија и иноватори, вклучувајќи поддршка за стартапи и иницијативи за истражување и развој. Презентацијата беше инспиративна и предизвика голем интерес меѓу учесниците, укажувајќи на потенцијалот за унапредување на здравствениот екосистем во нашата земја.
МАСИТ и Адвокатската Канцеларија Најденовски, упатуваат огромна благодарност до сите поддржувачи, спонзори и патрон партнери на комората. Благодарение на нивната поддршка, конференцијата не само што беше успешна, туку и исполнета со значајни дискусии, нови идеи и партнерства кои ќе придонесат за развојот на нашата индустрија.
Галеријата со фотографии од вториот ден на конференцијата, може да ја пронајдете на нашата Фејзбук страна во албумот, достапен на следниот линк.