Се одржа 20-тата јубилејна Годишна конференција на МАСИТ – MASIT 2.0 „Recode Reality“
Јубилејно издание посветено на иднината на ИКТ-индустријата, вештачката интелигенција, дигиталната инфраструктура и иновациите На 3 декември 2025 година, Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, ја одржа својата 20-та јубилејна годишна конференција под наслов MASIT 2.0 – „Recode Reality“. Настанот во Скопје обедини повеќе од 300 учесници, меѓу кои претставници на ИКТ-компании, институции, академската заедница и меѓународни експерти, отворајќи простор за размена на знаења, искуства и визии за иднината на дигиталната економија. Под мотото „Recode Reality“, конференцијата ја истакна потребата од преосмислување на улогата на технологијата од алатка за поддршка на секојдневните процеси до двигател на економскиот раст, иновациите, модернизацијата на образованието и дигиталната трансформација на општеството. 03.12.2025 – MASIT 2.0 „Recode Reality“: Две децении развој, знаење и дигитална трансформација Официјално отворање и визија за иднината на ИКТ-секторот Конференцијата беше отворена со обраќање на претседателот на МАСИТ, г. Јордан Димитровски, кој ја истакна економската важност на домашната ИКТ индустрија и нејзиниот потенцијал за понатамошен раст, извоз и меѓународно позиционирање. Во своето обраќање во рамки на сесијата „Fireside Chat“, министерот за дигитална трансформација, г. Стефан Андоновски, ги претстави насоките за забрзување на дигитализацијата во државата, нагласувајќи ја важноста на соработката меѓу институциите и приватниот ИКТ-сектор во реализацијата на овие процеси. Јубилејното издание беше можност да се потсетиме на развојот на конференцијата низ изминатите две децении, во кои ИКТ индустријата помина низ значајни технолошки промени – од развојот на интернетот и мобилните технологии до cloud-решенијата, големите податоци и вештачката интелигенција. „Connectivity 2030“ – Иднината на телекомуникациите и дигиталната инфраструктура во Македонија Една од воведните дискусии беше посветена на иднината на телекомуникациите и дигиталната инфраструктура во Македонија. Панелот го модерираше г. Иво Ивановски, главен извршен директор на EuroTeleSites AG, а учествуваа г. Горан Марковиќ, главен извршен директор на Македонски Телеком, г. Методија Мирчев, главен извршен директор на А1 Македонија, и г. Брано Ѓуровиќ, главен извршен директор на One Macedonia (4iG). Дискусијата се фокусираше на модернизацијата на телекомуникациските мрежи, развојот на дигиталната инфраструктура и потребата од стратешки инвестиции што ќе овозможат побрзи, посигурни и поефикасни дигитални услуги. Разговорот ја нагласи клучната улога на телекомуникацискиот сектор во создавањето конкурентна дигитална економија и инфраструктура подготвена за идните технолошки предизвици. Сајбер-безбедноста во ерата на вештачката интелигенција Во рамки на конференцијата, Магда Јиану, менаџерка за Југоисточна Европа во Palo Alto Networks, одржа главно предавање на тема „Security in the Age of AI“. Презентацијата ја отвори темата за сè поголемата важност на сајбер-безбедноста во време кога вештачката интелигенција ги менува начините на работа, но истовремено создава и нови можности за дигитални закани. Посебен акцент беше ставен на потребата од современи безбедносни пристапи и стратегии со кои компаниите ќе можат да ги заштитат своите системи, податоци и деловни процеси. Вештачката интелигенција и трансформацијата на бизнисот Како вештачката интелигенција ги менува деловните модели, работните процеси и корисничките искуства беше во фокусот на панелот „Како вештачката интелигенција го трансформира бизнисот“, реализиран со поддршка на Brainster. Панелот го модерираше г. Петар Ниновски, основач на Brainster Group, а учествуваа г-а Благица Трпезановска, генерална директорка на Kuehne+Nagel Македонија, г. Тони Јанковски, директор за развој и иновации во Diners Club Македонија, и г. Иво Павловски, креативен директор во маркетинг-агенцијата Division. Учесниците дискутираа за практичната примена на вештачката интелигенција во различни индустрии, нејзиното влијание врз иновациите и ефикасноста, како и можностите за создавање нови производи, услуги и деловни модели. Разговорот ја истакна важноста компаниите да ги препознаат можностите што ги нуди ВИ и стратешки да ја интегрираат во своето работење, со фокус на создавање мерлива деловна вредност. Човечкиот капитал и прекуграничната соработка како двигатели на дигиталната трансформација Меѓународната перспектива на конференцијата беше дополнета со предавањето на г. Милош Ѓурковиќ, управувачки партнер во Amrop Serbia, посветено на прекуграничната соработка и улогата на човечкиот капитал во дигиталната трансформација. Предавањето ја нагласи важноста на развојот на талентите, градењето успешни тимови и создавањето услови за соработка меѓу компаниите и пазарите. Во услови на брзи технолошки промени, човечкиот капитал останува еден од најзначајните фактори за одржлив раст, иновации и успешна дигитална трансформација. „Кој ќе ја кодира иднината?“ – Едукација, кадар и потребите на ИКТ-индустријата Една од темите од особено значење за идниот развој на секторот беше усогласувањето на образовниот систем со потребите на ИКТ-индустријата. Панелот „Кој ќе ја кодира иднината?“ го модерираше г-а Весна Иваноска, директорка на Avenga Academy и членка на Управниот одбор на МАСИТ. На дискусијата учествуваа проф. д-р Весна Јаневска, министерка за образование и наука, проф. д-р Петре Ламески, декан на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), и проф. д-р Благој Ристевски, декан на Факултетот за информатички и комуникациски технологии (ФИКТ). Дискусијата се фокусираше на потребата од модернизација на образовните модели, развој на применливи дигитални вештини и подобро поврзување на образовните институции со компаниите. Посебно значење беше дадено на создавањето квалификуван кадар кој ќе може да одговори на новите барања на пазарот на труд и да придонесе кон долгорочната конкурентност на домашната ИКТ-индустрија. Иновации што ги менуваат спортот, медиумите и корисничките искуства За влијанието на новите технологии врз спортската и медиумската индустрија говореше г. Пјетро Марини, директор за иновации во Deltatre Innovation Lab. Во своето предавање „Inside the AI Playbook: Innovation Transforming Sports, Media, and User Experiences“, тој ја претстави улогата на иновациите и вештачката интелигенција во трансформацијата на начинот на кој публиката ги следи спортот и забавата, како и во создавањето нови кориснички искуства. Предавањето ја истакна потребата компаниите континуирано да ги преиспитуваат традиционалните деловни модели и да ги користат технолошките можности за развој на нови услуги, посилна поврзаност со корисниците и одржлива конкурентска предност. Моќта на податоците – Од информации до вистинска бизнис-вредност Податоците и нивната стратешка употреба беа во фокусот на панелот „Како ефикасната употреба на податоците создава вистинска бизнис-вредност“. Панелот го модерираше г. Филип Петровски, заменик-претседател на Управниот одбор на МАСИТ, а учествуваа г. Александар Манев, генерален директор на Кроација Осигурување – Друштво за неживотно осигурување АД Скопје, г. Михајло Борозанов, финансиски директор и член на Управниот одбор на Макпетрол АД Скопје, и д-р Беркан Имери, извршен директор на Халкбанк АД Скопје. Дискусијата ја истакна важноста на квалитетните и структурирани податоци како основа за подобро донесување деловни одлуки, оптимизација
