Стопанската Комора за информатички и комуникациски технологии МАСИТ започнува ново поглавје и партнерство со Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија. Ова партнерство има за цел да овозможи поинтензивна и конструктивна поддршка на македонскиот ИКТ сектор.
Соработката е насочена кон унапредување на меѓународната видливост на домашниот ИКТ сектор, создавање услови за отворање нови извозни пазари и подобро позиционирање на македонските компании во глобалната економија. Преку заеднички активности, учество на значајни меѓународни саеми, конференции и бизнис форуми, како и преку воспоставување нови канали за поврзување со македонската дијаспора и странските инвеститори, се очекува да се создадат реални можности за раст и развој на компаниите членки на МАСИТ.
Во рамките на оваа соработка, планирани се организирање на бизнис делегации и директни средби со потенцијални партнери во странство, подготвка на современи промотивни материјали, како и активности за отворање претставништва на македонски ИКТ компании на стратешки пазари. Дополнително, ќе се развиваат иницијативи за трансфер на знаење и технологии кои ќе придонесат кон подигнување на капацитетите на домашните компании.
Претседателот на МАСИТ, г. Јордан Димитровски, напомена дека Комората стратешки се насочува кон долгорочна поддршка и меѓународен пробив на компаниите од оваа индустрија, со јасна цел да создаде услови за одржлив раст и излез на нови пазари преку партнерства и стратешки иницијативи.
Министерот за надворешни работи, г. Тимчо Муцунски, потенцираше дека Министерството целосно стои на располагање за реализација на сите идни активности и иницијативи кои ќе овозможат унапредување на конкурентноста на македонските ИКТ компании и нивно поефикасно позиционирање на глобалниот пазар.
Преку ова партнерство, МАСИТ ја зајакнува својата улога како активен партнер и поддржувач на компаниите членки во процесот на нивна интернационализација и активен придонес кон посилно позиционирање на Република Северна Македонија на светската ИКТ мапа.