9.05.2023

Либерализација на пазарот на труд

Средба на МАСИТ со Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, г-дин Фатмир Битиќи

На 8ми мај 2023, во нашите канцеларии остваривме средба со Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, г-дин Фатмир Битиќи.

На средбата разговаравме за недостатокот на работна сила на пазарот на труд, ситуација која не го заобиколува ниту сегментот на ИКТ индустријата, поради што беше нагласена потребата од либерализација на пазарот на труд.

„Се соочуваме со структурни промени кои бараат прилагодување на вештините на граѓаните на потребите на пазарот на труд, само на тој начин може да се гради економија која ќе ги следи дигиталните можности кои се поставуваат пред неа и на тој начин да расте. Развојот на дигитални вештини кај економски активното население претставува добра основа за понатамошниот раст на ИКТ индустрија, но дополнителни развојни потенцијали ќе се добијат и со либерализацијата на пазарот на труд“, рече вицепремиерот Битиќи.

На состанокот вицепремиерот Битиќи беше запознаен со повеќе иницијативи и процеси на неформално образование кои се спроведуваат од страна ИКТ секторот во земјава, а кои се ставени во функција во кратки временски периоди да извршат преквалификување на работници согласно потребите на оваа растечка индустрија.

Вицепремиерот Битиќи истакна дека дијалогот со претставниците на стопанските комори е важен во отворањето на теми кои се од суштинско значење за општеството.  

„Мора заеднички да дојдеме до подобра позиција на домашните компании во процесите на дигитализација, во рамки на јавно-приватниот дијалог“, истакна вицепремиерот Битиќи.

Претседателот на Управниот одбор на МАСИТ, Илија Господинов истакна дека со воспоставената комуникација преку Комисијата за јавно-приватен дијалог се добива висока вредност за сите чинители во овој процес за надминување на тешкотиите и предизвиците со кои соочуваат компаниите од ИКТ индустријата.

„На пат сме да го пронајдеме вистинскиот начин кој ќе даде резултат, преку повисоко ниво на формална комуникација и оперативни чекори ќе дојдеме до подобар дијалог и интеракција помеѓу коморите и Владата“, рече Господинов, притоа нагласувајќи ја потребата од олеснување и унапредување на административните процедури во делот на ангажирање на работна сила во ИКТ индустријата.

Пријави се за нашиот newsletter

и добивај информации од Масит