Денес (06.12.2019) Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ и Државен студентски дом „Скопје“ – Скопје потпишаа Меморандум за соработка во временска рамка од три години со цел унапредување на едукативните, истражувачките и апликативните активности на институциите, а во корист на остварување на интересите и потребите на студентите кои престојуваат во домовите.
Меморандумот опфаќа работи од заеднички интерес, базирани на искористувањето на научно-стручните, професионалните, материјално-техничките и просторните услови на двете страни во полза на студентите и е во рамки на следните активности:
– збогатување на квалитетот на животот на студентите, со вложување за остварување на подобар студентски стандард.
– поврзување на бизнис заедницата со тековните проблеми од делокругот на работа на ДСД Скопје и иницирање на донаторски процедури, поврзани со збогатување на културно-забавни, спортско-рекреативни и други активности на студентите.
– МАСИТ ќе овозможи поддршка на ДСД Скопје во насока на вмрежување на студентите преку своите проектни активности за дигитално описменување, со цел остварување на интересите и потребите на студентите кои студираат надвор од местото на живеење.
– ќе ја подржуваат организацијата на научни собири и ќе работат на отварање на можности за заеднички проекти.
Како прва значајна активност во рамките на овој Меморандум за соработка е голема донаторска акција која МАСИТ и членките на комората ја организираат преку новогодишната забава, а тоа е донација на компјутерска и канцелариска опрема на студентскиот дом.