30.05.2025

МАСИТ одржа стручна работилница на тема „ИКТ, Регулатива и Човечки Капитал“

Во организација на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, на 28 мај се одржа специјализирана работна средба на тема „ИКТ, Регулатива и Човечки Капитал“, со фокус на клучните предизвици со кои се соочува ИКТ секторот во однос на регулативата, човечкиот капитал и технолошките промени.

Настанот обедини релевантни претставници од институциите, бизнис секторот и академската заедница. Во рамки на првата панел-дискусија учествуваа г. Ѓоко Велковски, заменик министер за социјална политика, демографија и млади, г. Лазар Јовевски, универзитетски професор и советник на Претседателот на Владата за труд и социјална политика, г. Младен Фрчковски, раководител на одделение за пазар на труд при Министерството за економија и труд, како и претседателот на МАСИТ, г. Јордан Димитровски, кој во своето обраќање до присутните и надлежните претставници од државните институции потенцираше дека комората останува гласен застапник на интересите на ИКТ индустријата и засилено ќе работи на креирање фер, предвидлива и современа регулаторна рамка која ќе ја поддржува дигиталната трансформација и развојот на човечкиот капитал како клучен ресурс на ИКТ секторот.

Правниот аспект на актуелната регулатива и предизвиците со кои се соочуваат ИКТ компаниите беа извонредно обработени од г. Јован Најденовски — адвокат и долгогодишен правен застапник на МАСИТ. Особено ни е драго што присутните имаа можност од прва рака да слушнат за комплексноста на секојдневните правни предизвици со кои се соочуваат ИКТ компаниите.

Своите професионални согледувања и практични искуства ги споделија и г-а Невена Мешко од Мак Систем, г-а Ана Заковска од ИТЛабс и г-а Дина Ивановиќ од Прохиад СЕЕ, секоја со значајна улога во делот на човечките ресурси, работните односи и правната регулатива во рамки на своите компании.

Дискусијата беше дополнета со вредни перспективи и од други сектори, благодарение на г-а Кристина Спироска од Халкбанк, г. Славко Саздовски од Триглав Осигурување Живот и г. Дејан Павлески од Семос, кои ги споделија своите практични искуства од банкарскиот и осигурителниот сектор.

Меѓу клучните теми што беа отворени се најдоа примената на Законот за работни односи во контекст на флексибилни форми на работа, правните и практични последици од автоматизацијата и вештачката интелигенција, дигитализацијата на HR процесите и потребата од нови интерни регулативи поврзани со работа од дома и од странство, односно работа од далечина.

Во завршниот дел беа издвоени конкретни заклучоци и препораки за понатамошно дејствување. Како еден од клучните резултати од настанот произлезе иницијативата за формирање работна група при МАСИТ која ќе работи на предлог измени и дополнувања на ЗРО во согласност со специфичностите на ИКТ индустријата. Дополнително, беше предложено организирање тематски тркалезни маси со вклучување на сите релевантни чинители – институции, компании и експерти – со цел усогласување на регулативата со современите услови и потреби.

Настанот се реализираше во просториите на Халкбанк, патрон партнер на МАСИТ, чија поддршка и гостопримство беа од особено значење за успешната реализација на оваа средба.

МАСИТ останува посветен на унапредувањето на деловното опкружување за ИКТ компаниите, како и на застапување на интересите на индустријата во процесот на носење и прилагодување на законската рамка. Со соработка, стручност и интегриран пристап, МАСИТ ќе продолжи да го води дијалогот за подобро утре на ИКТ секторот во Македонија.

Пријави се за нашиот newsletter

и добивај информации од Масит