22.06.2025

Средба со Министерот за дигитална трансформација

Поставени заеднички приоритети

Управниот одбор на МАСИТ реализираше продуктивна средба со Министерот за дигитална трансформација, г. Стефан Андоновски. Средбата беше одлична можност за продлабочување на соработката помеѓу министерството и комората, како и за усогласување на приоритетите и визиите за натамошен развој на ИКТ-секторот во земјава.

Министерот Андоновски упати искрени честитки до новоизбраните членови на Управниот одбор и Претседателот на МАСИТ, нагласувајќи ја важноста на континуитетот и досегашната работа на комората како релевантен и активен партнер на институциите.

„МАСИТ е одличен пријател на Министерството за дигитална трансформација и така ќе продолжиме и во иднина“, истакна министерот, додавајќи дека заедничките активности ќе продолжат со засилен интензитет во областите како што се дигитализацијата, економските потенцијали на технологијата, модернизацијата на јавните и приватни процеси, развојот и примена на вештачката интелигенција и зајакнувањето на капацитетите за сајбер безбедност.

Од страна на МАСИТ беа истакнати главните приоритети на новото раководство – создавање предуслови за одржлив раст на ИКТ-индустријата, подобрување на бизнис климата, поттикнување на извозот и интернационализација на домашните ИКТ-компании, како и системска поддршка за дигитални вештини и човечки капитал.

Двете страни ја потенцираа важноста од блиска и транспарентна комуникација, навремена размена на информации и иницирање на конкретни мерки и политики што ќе дадат реални резултати за бизнисите, институциите и граѓаните.

Средбата претставуваше потврда за заедничката заложба за изградба на дигитално зрело, отпорно и конкурентно општество – цел што бара заедничка работа, партнерство и визија.

Пријави се за нашиот newsletter

и добивај информации од Масит