12.05.2023

Официјален став на МАСИТ за темата и иницијативите за забрана за користење на TikTok и други социјални мрежи во нашата држава

Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ ја претставува македонската ИКТ индустрија и ги промовира и застапува бизнис интересите на ИКТ компаниите со цел унапредување и развој на ИКТ индустријата и бизнис опкружувањето.

Во врска со темата и иницијативите за забрана за користење на TikTok и други социјални мрежи во нашата држава, како секторска комора силно стоиме зад ова наше мислење пред јавноста.

Најпрво, искрено сме вознемирени од случувањата во нашето најблиско соседство и сочувствуваме со семејствата и блиските на жртвите и повредените од крвавите масакри во Србија.

Во оваа насока, сметаме дека средствата и каналите за комуникација како социјални мрежи и останати форми треба да се насочат во едукативни цели, а не да се укинуваат. За истото е потребен интегриран концепт и стратегија со вклучување на сите инволвирани страни, започнувајќи од родителите, училиштата, стручните служби, институциите и целокупното општество. Проблемот е повеќеслоен, и затоа и пристапот за решавање треба да вклучи соодветна регулација на содржините кои се пласираат на социјалните мрежи, како и едукација на родителите и децата за користење на социјални мрежи со кампањи за користење на истите со цел истакнување на добрите, но и на лошите страни односно ризиците од прекумерно користење на социјалните мрежи.

Сметаме дека децата најнапред, треба да имаат изграден систем на вредности, за тоа што е добро, а што лошо. Овие вредности примарно доаѓаат од родителите и домашното воспитување со постојана присустност и одговорност, а потоа и од наставниците, професорите и сите останати инстанци во непосредна околина на децата. Со евентуална забрана на социјални медиуми нема да се реши проблемот, напротив, еден забранет медиум брзо и лесно ќе се замени со друг. Од друга страна, пристапот до технологија е круцијален во процесот на дигитализација, процес кој дава огромни придобивки за целото општество и кој се наметнува како потреба на модерното живеење а со тоа и на самите млади луѓе. Треба да се фокусираме на вистинската причина за да може да започнеме со решавање на проблемот. Вистинскиот фокус треба да биде кон поголема семејна и институционална грижа за правилниот развој на децата. Потребна е зголемена будност, реакција и одговорност за спречување на било какво насилство, агресија, или инциденти со или без човечки жртви. Првите чекори за ова се веќе направени со воспоставување на канали за пријава на меѓуврсничко насилство.

За крај, упатуваме апел и до медиумите за нивната одговорност при известување на сензитивни теми и нивна професионалност за анализи и обработка на теми од област на социјалните медиуми, за што Комората МАСИТ секогаш им стои на располагање доколку е потребно дополнително мислење, анализа и слично.

Фундаментот на нашата иднина се нашите деца.

Пријави се за нашиот newsletter

и добивај информации од Масит