21.09.2020

ПРВ НАЦИОНАЛЕН ИЗВЕШТАЈ ЗА ИКТ ИНДУСТРИЈАТА ПРЕТСТАВЕН СО ШВАЈЦАРСКА ПОДДРШКА

Скопје, 21 септември, 2020. – Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ го презентираше првиот извештај за ИКТ индустријата во Република Северна Македонија.  

Околу 150 претставници од ИКТ компании, релевантни државни институции, стопански комори, донаторската заедница, како и универзитетите кои подготвуваат ИКТ работна сила, се приклучија на онлајн настанот за да ги слушнат и дискутираат заклучоците и препораките од овој извештај.  

Извештајот за ИКТ индустријата се заснова на статистички анализи од повеќе извори како Државен завод за статистика, НБРМ и Централен регистар, во комбинација со повратни информации од индустријата, добиени преку прашалник спроведен со 106 ИКТ компании. Во извештајот се вклучени генерални и конкретни податоци и информации за ИКТ индустријата и пазарот, прогнози, анализа на образованието и развој на човечки ресурси во секторот, како и препораки за  понатамошни истражувања и развој. Извештајот е подготвен со поддршка на Програмата за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ на Швајцарската агенција за развој и соработка, а изработен од страна на домашната компанија за истражување и консалтинг Инсајдер ИД и бонитетната агенција Таргет Груп. Дополнително, беше изготвен и Извештај за извоз на ИКТ.

На настанот се обрати Заменик Претседателот на Владата на Северна Македонија одговорен за економски прашања, г-дин Фатмир Битиќи, кој посочи дека здравствената и социо-економската криза предизвикана од коронавирусот Ковид 19, го покажа значењето на ИКТ секторот, за економскиот развој и колку дигитализацијата како процес во сите сектори е важна. „Кризата нè принуди да направиме чекор напред во дигитализацијата на сите процеси, а претходно голем број од компаниите велеа дека не се подготвени за вакви промени. Ова е добар момент да го фатиме убрзано чекорот со светските трендови и развиените западни економии. Како еден од првите чекори за стимулирање на овој сектор е планот за целосно укинување на личниот данок на доход, т.е. од сегашните 10% во 2023 да биде на 0%, којшто го добивме како предлог од МАСИТ и го прифативме со намера да биде доволен поттик за задржување на професионалците во ИТ индустријата и развојот на ИТ индустријата “ нагласи Битиќи.

Амбасадорката на Швајцарија, Сибил Зутер, во своето обраќање се осврна на дел од заклучоците од извештајот. „Еден од предизвиците што го забавуваат растот на ИКТ секторот е недостаток на квалификувана работна сила, тренд за кој е предвидено дека ќе расте и во иднина. За секторот да стане поотпорен на надворешни предизвици, но и за да се зголеми извозот, потребно е да се поддржи развојот на македонски ИКТ производи. Преку нашата програма ИМЕ им помогнавме на неколку ИКТ компании да развијат иновативни софтверски решенија за странски пазари “. – изјави амбасадорката Зутер, која исто така истакна дека вакви ажурирани и релевантни информации и податоци од секторот ќе им помогнат на владините институции да креираат политики засновани на истражувања, анализи и докази.  

Овој извештај ќе им послужи на МАСИТ и ИКТ бизнисите да се застапуваат за подобра бизнис регулатива која ќе им овозможи на ИТ компаниите да растат и да остварат повеќе вработувања.

„Со гордост може да кажеме дека МАСИТ за прв пат располага со извештаи за ИКТ секторот и ИКТ извозот со детални и релевантни статистички податоци и информации за моменталната состојба во секторот, како и прогнози за во иднина.”, истакна Анета Пешева, претстедателка на Управен одбор на МАСИТ. На основа на заклучоците и препораките од извештајот, МАСИТ ќе ги планира и приоретизира своите напори за застапување во иднина, и тоа: 1) создавање национална ИКТ стратегија за интернационализација; 2) подобрување на понудата на квалификувана работна сила; и 3) зајакнување на бизнис опкружувањето преку поповолни даночни политики во секторот. Предвидено е дека спроведувањето на овие реформи ќе придонесе за раст кај ИКТ компаниите во однос на нивниот приход, број на вработени и платите во секторот.

Линк до извештајот за извоз

Линк до извештајот за целата индустрија

Презентацијата од настанот може да ја превземете во продолжение.

Download file

Пријави се за нашиот newsletter

и добивај информации од Масит