10.07.2024

IT4Charity 2024: Иницијатива на заедницата која прави разлика!

Со радост и голем ентузијазам, МАСИТ се вклучува како поддржувач на IT4Charity 2024, иницијативата која по шести пат ја обединува нашата заедница во Македонија, со цел прибирање средства за децата без родителска грижа и родителите од згрижувачките семејства, поддржани од СОС Детско село.

Годинашниот концепт ја задржува познатата хуманитарна трка на која трчаат тимовите на компаниите кои донираат и додава уште еден еколошки момент, рециклирање. Имено, оваа година со помош на апликација на Пакомак, тимовите на компаниите имааат можност да рециклираат пластични шишиња и лименки во вендинг машините на Пакомак, и собираните зелени поени да ги донираат за СОС Детско село. А Пакомак, пак, таа донација ќе ја удвои.

Се обидовме да направиме спој на две општествено важни каузи, социјалната која значи поддршка на децата од загрижувачките семејства интегрирани во локалната заедница, но и еколошката, како неопходна во времето во кое живееме. Ние се грижиме за децата да имаат стабилна и сигурна иднина, но не помалку е битно и каков свет ќе им оставиме, па затоа преку еколошката компонента сакаме да пратиме порака за поголема еко свест нагласувајќи дека здравата животна средина е одговорност на сите нас.“ велат од СОС Детско село.

Главниот настан годинава ќе се случува на 14 септември, во Градски Парк Скопје, а сите собрани средства ќе се наменат за професионална поддршка на над 70 згрижувачки семејства интегрирани во локалната заедница кои згрижуваат над 140 деца без родителска грижа.

Ова претставува уникатна можност за компаниите членки на МАСИТ и нивните вработени, како едни од општествено најодговорните, да се вклучат во хуманитарни активности, истовремено промовирајќи здрав животен стил, но и еколошка свест. IT4Charity 2024 е одлична можност за компаниите, не само да ја покажат својата општествена одговорност, туку и да ја зајакнат корпоративната култура преку тимска кохезија и заеднички активности.

За повеќе информации и пријавување учество, посетете ја веб страница на СОС Детско село https://sos.org.mk/it4charity/.

Заедно можеме да направиме разлика!

Пријави се за нашиот newsletter

и добивај информации од Масит