21.04.2020

МАСИТ: 80 % од вработените во ИКТ секторот работат од дома

Извор: rabotnik.com.mk

Поради пандемијата на Ковид – 19 поголемиот број на вработени во ИКТ секторот работат од дома. За тоа како тоа се одразува врз нивната продуктивност, порталот Работник побара мислење од страна на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ.

Од таму истакнаа дека вработените во ИТ секторот, во зависност од фирмата во која работат, и за секторот за кој продуцираат софтвер или сервиси, и претходно имале можност за работа од дома.

„Во моментот спроведуваме истражување со кое ќе увидиме дали продуктивноста на вработените во ИКТ секторот во овој период е намалена и поради кои фактори можеби тоа е состојбата. Од друга страна, дел од продуктивноста со сигурност опаѓа во ИКТ компаниите чии клиенти доаѓаат од најзасегнатите сектори.
Истовремено, имаме редица на наши членки, кои постојано објавуваат огласи за нови вработувања, што укажува дека имаат зголемен обем на работа“, велат од МАСИТ.

Од МАСИТ сметаат дека работата од дома сака поголема координација помеѓу вработените, тимовите, и секако релациите: надредени – вработени, што понекогаш впрочем резултира со повеќе работни часови и меѓусебни итеракции на ден, од претходно.

Сепак, според МАСИТ, студијата напомената погоре, ќе укаже на конкретните загуби и придобивки на ИКТ индустријата, од повеќе аспекти, додавајќи дека во моментот, 80тина проценти од вработените во ИКТ секторот, работат од дома.

На прашањето за тоа дали работењето од дома може во иднина да стане пракса во ИКТ секторот, од МАСИТ велат дека со оглед на новиот предлог Закон за работни односи, за кој се очекува изгласување по завршување на кризата, целосно се уредува работа од дома, што значи дека компанијата која ќе процени дека работниците може да извршуваат работни задачи од дома, ќе има законска рамка да го затвори истото.

„МАСИТ, со години се залага за уредување на уредбите за флексибилно и клизно работно време, во склоп на горенапоменатиот закон“, истакнаа од МАСИТ.

Од таму посочуваат дека канцелариската работа и поминувањето 8 часа на своето работно место со тек на време, станува монотоно. Поради природата на работното место не секои работни позиции можат да овозможат на вработените да работат од дома, но тие што можат да го направат тоа кај вработените ќе поттикнат поголема креативност, мотивираност и продуктивност. Исто така како голема предност вработените кои работат од дома е тоа што би имале можност повеќе време да поминат со своето семејство, што го подигнува моралот кај вработениот и овозможува работодавачот да примени паметна бизнис стратегија и одржлива опција при заштеда на трошоци. Во многу реномирани компании, на светско ниво, секој петок вработените работат од дома.

„Како честа појава е вработените да бидат најпродуктивни кога работат во тимови или групи. Со работа од дома во овој дел, извршувањето на работните задачи се отежнува при правилно пренесување на информациите и не физичко присуство на вработените на исто место. Онлајн комуникацијата не секогаш може да обезбеди правилна дистрибуција на информациите, на пример, напишаната и изговорената мисла може да има различен контекст на значење“, истакнуваат од МАСИТ.

Заради сето ова, комбинираниот пристап за работа и од работно место, а и од дома, би бил најприфатлив за повеќето ИКТ компании, во момент кога ќе постои флексибилна законска рамка која ќе го овозможува истото, потенцираат од МАСИТ.

Во однос на тоа во каква состојба се компаниите од ИКТ секторот поради пандемијата на Ковид – 19, од МАСИТ посочуваат дека пандемијата ги погодила сите фирми од приватниот сектор, а со нив и компаниите од ИКТ секторот. Во првите неколку недели од кризата, ИКТ компаниите се мобилизирале и ги дале на бесплатна достапност повеќето од нивите решенија, со цел компаниите од останатите сектори да можат поолеснето да фунцкионираат од дома.
Листа на достапни ИКТ решенија може да се најде на следниот линк: https://masit.org.mk/category/podrshka-za-vreme-na-covid-19.

„ИКТ компаниите мноштво од своите услуги ги извесуваат надвор од државата, но земајќи во предвид дека вирусот КОВИД 19 е распространет низ целиот свет, нарачките за софтвер и услуги, опаѓаат секојдневно. Заради ова компаниите се соочуваат со проблеми на ликвидност и задржување на своите вработени, а државата ќе се соочи со намален девизен прилив“, велат од МАСИТ.

Тие додадоа дека на долгорочен план и ИКТ компаниите ќе се соочат со огромни загуби доколку дел од мерките на Владата не се прилагодат или доколку не се воведат нови, соодветни и за овој сектор.

Петар Лазовски

Правен Советник на МАСИТ

Пријави се за нашиот newsletter

и добивај информации од Масит