26.04.2024

МАСИТ активно работи на подигнување на свеста за потребата од заштита на правата од индустриска сопственост во ИКТ секторот

26 април – Светски ден на заштита на правата од индустриска сопственост

Светскиот ден на првата од индустриска сопственост на глобално ниво се одбележува секоја година на 26 април. Македонските ИКТ компаниите јасно ја гледаат користа и големото значење токму во овој сектор, каде иновацијата и креативноста се клуч за успехот.

Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии МАСИТ, со поддршка од Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ, веќе активно ги спроведува проектните активности во рамки на проектот за „Подигнување на свеста за потребата од заштита на правата од индустриска сопственост и воспоставување на иницијална правна помош во комората“.

Во рамки на проектот, компаниите имаа прилика да се запознаат со суштинското значење и придобивките од спроведување на заштита на индустриската сопственост, при што краен исход е новата услуга во Комората кон компаниите членки на МАСИТ за постојана правна помош за заштита на интелектуалната и индустриската сопственост.

Со цел соодветна едукација на своите членови, на ова претходеа неколку едукативни работилници со македонски и регионални експерти во областа, како Јован Најденовски, Предраг Видаковиќ и други. Оваа иницијатива им овозможи на компаниите да се запознаат со значењето и придобивките од заштита на правата од индустриска сопственост, при што беа презентирани успешни искуства и добри практики. Во рамки на проектот, пет компании веќе поминаа низ процесот со поддршка на МАСИТ и Швајцарската Програма ИМЕ.

Поради брзото напредување на технологијата и глобализацијата, заштитата на правата од индустриска сопственост станува сè повеќе предизвикувачка. Затоа, компаниите во ИКТ секторот треба да имаат стратегии и механизми за заштита на своите интелектуални права, вклучувајќи ги патентите, заштитните знаци, авторските права и други форми на заштита. Важно е да се истакне денешниот ден, 26 април кој е посветен токму на подигнување на свеста за значењето на интелектуалната сопственост и заштитата на правата на иноваторите и креаторите.

Индустриската сопственост вклучува различни аспекти како патенти, заштитни знаци, авторски права и заштита на индустриски дизајни. Овие права им овозможуваат на иноваторите и креаторите да заштитат своите идеи, иновации и креативни дела од нелегална употреба и присвојување. Во таа насока интересно да се напомене е дека на една од едукативните работилници присуствуваа и претставници на Formula Student Macedonia – македонските студенти кои конструираат F1 болид за меѓународниот натпревар на конструктори, со цел соодветно да се информираат.

Заштитата на интелектуалните права им нуди на компаниите многу предности, вклучувајќи конкурентска предност, вредност на брендот, можност за заработка, поттикнување на иновации и сигурност на инвестициите. На овој начин не само што директно се заштитуваат компаниите, туку и се поддржува иновацијата и креативноста во ИКТ секторот, што допринесува кон позитивни ефекти врз целиот еко-систем.

МАСИТ и понатаму ќе продолжи во рамки на своите активности да ги поддржува компаниите во процесот на заштитување на нивните права, а со тоа и понатаму во својата мисија за да ги  промовира и застапува бизнис интересите на ИКТ компаниите сѐ со цел унапредување и развој на ИКТ индустријата и бизнис опкружувањето.

Пријави се за нашиот newsletter

и добивај информации од Масит