6.12.2022

Новогодишна хуманитарна акција

МАСИТ И ПРОКРЕДИТ БАНКА ВО ХУМАНИТАРНА МИСИЈА ЗА ДОНАЦИЈА НА КОМПЈУТЕРИ

Традиционално, како и секоја година, во пресрет на Новогодишните празници, МАСИТ организира „Хуманитарна акција за донација на компјутери“ за деца од социјално загрозени семејства. На наше задоволство, оваа година на Хуманитарната акција, ни се приклучува и ПроКредит Банка како патрон партнер на Комората, со која заедно ќе ја организираме и спроведеме оваа акција.

ПроКредит Банка, позната на пазарот како социјално одговорна компанија, досега има донирано околу 150 монитори и над 30 компјутери за семејства ширум државата кои имаат потреба од пристап до дигиталниот свет, за непречена едукација и развој. Во оваа хуманитарна акција со МАСИТ, банката ќе учествува со донација на дополнителни 30 компјутери.

Ве покануваме вас, како компании членки на Комората, да учествувате во заедничката „Хуманитарна акција за донација на компјутери “која е последна во оваа календарска година, преку која повторно ќе покажеме дека ИКТ заедницата во нашата земја е општествено одговорна и се грижи за најмалите и најважни членови на нашето општество.

Ве повикуваме доколку како компанија, имате стари компјутери или лаптопи кои не ги користите, да ги донирате, а истите ќе бидат распределени до деца на кои најмногу им е потребно, и кои не се во можност да имаат свој компјутер. Овој мејл можете слободно да го препратите и до вашите вработени за овој повик да дојде до повеќе луѓе со цел да обезбедиме повеќе компјутери и да помогнеме на повеќе деца.

Ве замолуваме донираната опрема да биде испразнета од било какви податоци, и реинтализарана, бидејќи за голем дел од децата кои имаат потреба од оваа опрема, нема да бидат во можност самостојно да го направат тоа. Исто така, правно формално би морале да ги запазиме законските процедури според Законот за донации, односно компанијата или лицето – донатор, ќе треба да потпише договор за донација и да наведе спецификација за донираната опрема.

Сите заинтересирани компании се повикуваат да го изразат својот интерес на petar.lazovski@masit.org.mk со конкретна информација за бројот на компјутери и кратка техничка спецификација со која располага секој од компјутерите, со цел да можеме да направиме првична анализа за бројката на компјутери со кои ќе располагаме. Рок за изразување на интерес до 16.12.2022 година.

Придружете ни се заедно да ја шириме хуманоста и убавата мисла, да ги менуваме работите и да инспирираме!
Да го одбележиме крајот на годината со убавини и да продолжиме така и во следната година.

Пријави се за нашиот newsletter

и добивај информации од Масит