Нов пораст на ИКТ индустријата за 2023 година

ИКТ индустријата во Македонија го задржа позитивниот тренд на пораст, согласно последната анализа на МАСИТ, која покажува континуиран раст по однос на сите параметри.

Просечната месечна бруто плата на вработените во оваа индустрија за 2023 година ни прикажува стабилност. Овој индикатор во 2023 година изнесува 2290 евра и бележи пораст од 1% во однос претходната 2022 година кога бил 2260 евра за просечна месечна бруто плата исплатена по вработен.

Платите и надоместоците од плата пак, бележат поголем пораст. Во 2023 година биле реализирани приближно 266,8 милиони евра, споредбено со 2022 година кога биле реализирани 215,2 милиони евра, што ни покажува зголемување од 24% на овој индикатор.

Во 2023 година, забележан е и пораст на вкупниот број на регистрирани субјекти во индустријата. Во 2022 година имало активни 2846 компании во индустријата, а во 2023 година се евидентирани 3091 компанија, што ни прикажува пораст од 9% на овој индикатор. Согласно анализите на МАСИТ од претходните години, во 2022 година е забележан пораст од 16% на бројот на компании во однос на 2021 година, односно минатогодишниот пораст бил речиси двојно поголем од тековно евидентираниот пораст од 9%.
*Процентите за порастот од претходните 5 години се достапни во табелата прикажана најдолу во оваа анализа.

Во 2022 година, евидентирани биле 19947 вработени лица, а во 2023 година се евидентирани 21640 лица. Забележан е пораст од 8% на овој индикатор. За споредба, минатогодишниот измерен пораст изнесувал 13% повеќе вработени во 2022 во однос на 2021 година, што укажува на благо опаѓање на вработувањата во ИКТ секторот.

Значителен пораст е забележан во исплатата на останати трошоци за вработените во индустријата. Во 2023 година се исплатени над 30 милиони евра, односно 37% повеќе од претходната 2022 година кога за останати трошоци компаниите одвоиле нешто над 22 милиони евра. Овој индикатор јасно покажува дека компаниите во континуитет одвојуваат се поголеми буџети во насока на зголемување на бенефициите и задоволството на своите вработени.

Компаниите во 2023 година оствариле пораст и во приходите од работењето и во извозот и тоа 15%, односно 18% пораст во однос на 2022 година.

Трошоците за даноци на плати и надоместоци на плата во 2023 година, исто така бележат зголемување за 24% во однос на 2022 година. Во ист однос бележиме пораст и на платените придонеси за задолжително социјално осигурување.

ИКТ компаниите во државава во 2023 година изгенерирале данок на добивка во износ над 20 милиони долари, или 13% повеќе од 2022 година.

Погледнете го движењето на генералните индикатори прикажано за последните 5 години со суми и проценти во табелата подолу:

Извор:
Централен Регистар на РСМ (за компании од следните шифри на дејност: 26.20, 26.30, 46.51, 46.52, 47.41, 47.42, 58.21, 58.29, 61.10, 61.20, 61.30, 61.90, 62.01, 62.02, 62.03, 62.09, 63.11, 63.12 и 95.11)
Државен завод за статистика, МКСтат;
Народна банка на С. Македонија, НБСтат

Анализа на порастот на ИКТ индустријата согледан преку економските индикатори за 2023 – 06.06.2024

Пријави се за нашиот newsletter

и добивај информации од Масит